НА ПРЕТСТОЈНИТЕ ЗИМСКИ ПАРАОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО МИЛАНО И КОРТИНА Д`АМПЕЦО
- Ова е историски чекор за скијачките спортови во Македонија и доказ дека со визија, системска работа и посветен тим можеме да поместуваме граници и да создадеме нови страници во спортската историја, велат од СФМ
Зоран Јовановски ќе биде првиот македонски параолимпиец во независна Македонија на едни зимски параолимписки игри (ЗПОИ) на претстојните ЗПОИ во Милано и Кортина д`Ампецо (Италија), кои на програмата се од 28 февруари до 17 март.
– Ова е историски чекор за скијачките спортови во Македонија и доказ дека со визија, системска работа и посветен тим можеме да поместуваме граници и да создадеме нови страници во спортската историја. Искрена благодарност до целиот стручен тим, тренерите Јане Стефанов и Петар Илев за професионалноста, посветеноста и вербата, Вангел Тркаљанов, кој го донесе параскијањето во Македонија и организира над 20 ски-кампа, и целиот организациски тим, како и сите што придонесоа овој успех да стане реалност. Како Федерација остануваме цврсто посветени на развојот на скијачките спортови, создавањето еднакви можности и градењето систем што ќе овозможи нови генерации спортисти да стигнат до најголемите светски сцени – велат од Скијачката федерација на Македонија (СФМ).
Од втората половина на минатата година Македонскиот параолимпискиот комитет (МПОК) се приклучи кон активностите за пријавување на Јовановски за настап на ЗПОИ 2026.
– Одржавме повеќе состаноци со Организацискиот комитет на Игрите, напишавме стотици мејлови и формулари, а за тоа време, благодарение на поддршката од СФМ и тренерите Јане Стефанов и Петар Илев, Зоран Јовановски патуваше на ФИС-натпревари во обид да оствари 360 или помалку ФИС-поени, што ни даваа право како Комитет да аплицираме за добивање бипартитна карта за учество на Игрите. МПОК ја поднесе бипартитната апликацијата, меѓутоа ФИС не ја одобри, но благодарение на ангажираноста на одговорните лица од СФМ, како и пријателите од Интернационалниот параолимписки комитет, на МПОК му беше понудена вајлд-карта за настап на Јовановски, која МПОК веднаш ја прифати и тој ќе настапи на Игрите придружуван од своите тренери Стефанов, Илев и Тркаљанов, докторот Елвис Алексовски и шефот на мисија и претседател на МПОК, Бранимир Јовановски. Честитки до Зоран Јовановски и до целиот негов стручен тим за вложените напори, пожртвуваноста и упорноста во параолимпискиот циклус. Честитки до СФМ, во чија надлежност се наоѓа параскијањето, со желби за што е можно поуспешен настап на Јовановски на Игрите во единствената дисциплина во која му е одобрен настап, а тоа е слалом, класа седење ЛВ11- информираат од МПОК. Г.И.
Панов – прв параолимпиец што настапил на ЗПОИ во рамките на СФРЈ
Прв настап воопшто на едни параолимписки игри на еден македонски спортист со инвалидност се случил на првите организирани Зимски параолимписки игри во шведскиот Орнсколдсвик, во 1976 година, со настапот на Сашо Панов, тогаш во состав на тимот на поранешна СФРЈ, каде што го освоил деветтото место во слалом, а претходно, во 1973 година, бил светски шампион во алпска комбинација. По него, следен настап на летни параолимписки игри (ПОИ) беше на Вангел Жабев, во Арнхем, во 1980 година во пливање (двe бронзи), па мојот настап во Барселона во 1992 година, и до 2004 година (вкупно четири ПОИ, едно злато, светски и параолимписки рекорд, четири финални борби), Ванчо Каранфилов од 2000 до 2016 година (пет ПОИ, едно сребро, две финални борби, европски рекорд) и на Оливера Наковска Бикова од 2004 до 2024 година (шест ПОИ, едно злато, светски и параолимписки рекорд и осум финални борби), сите во стрелаштво – вели претседателот на Македонскиот параолимпискиот комитет (МПОК), Бранимир Јовановски. Г.И.


































