ИНТЕРВЈУ – ГОЦЕ ПЕТРОВ, ПРВ СПОРТСКИ ДИРЕКТОР НА КАРАТЕ-ФЕДЕРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА
- Со комбиниран пристап на стручна работа, финансиска поддршка и соработка со институциите, убеден сум дека КФМ ќе зајакне и ќе создаде уште повеќе успешни каратисти на меѓународната сцена, вели Петров
На редовното собрание на Карате-федерацијата на Македонија (КФМ) во саботата е донесена одлука дипломираниот професор по физичко образование Гоце Петров да биде назначен за спортски директор, а прв во КФМ, за унапредување на стручната работа и системски развој на репрезентативното карате. Петров е долгогодишен член на македонското карате-семејство, кој почна во карате-клубот Металург како натпреварувач и репрезентативец, беше повеќекратен државен првак во борби, освојувач на првиот балкански медал (бронзен) за Македонија во сениорска конкуренција во Волос (Грција), беше член на Извршниот одбор на КФМ, а денес е тренер во КК Автокоманда Скопје.
– Зад себе имам долгогодишно тренерско искуство и работа со млади категории и сениори, како и менаџерски способности во организација и водење спортски процеси. Ова искуство ми овозможува јасно да ги разберам потребите на спортистите, тренерите и федерацијата и ми дава сигурност дека можам да придонесам за развојот на каратето на национално ниво, со акцент на таленти, масовност и висок спортски резултат. Новата функција спортскиот директор е да ја води стратешката и професионалната работа на Федерацијата во развојот на карате-спортот. Тој ќе го следи и предлага работењето на селекциите и ќе дава стручни препораки. А ја прифатив затоа што имам долгогодишно искуство во каратето како спортист, тренер, менаџер и сметам дека можам да придонесам за систематско унапредување на спортските политики и развојот на стручните кадри – вели Петров во разговор за „Нова Македонија“.
Кои ќе бидат вашите главни приоритети во нејзиното извршување?
– Моите главни приоритети ќе бидат креирање и имплементација на национална стратегија за развој на карате-спортот, поддршка и следење на работата на стручниот кадар, за талентите и репрезентативците да добијат оптимални услови за напредок, развој на проекти и активности за млади таленти и масовност во карате-спортот, задржување на транспарентноста, ферплеј и етички стандарди во сите процеси. Оптимист сум, затоа што имам одлична соработка со претседателот на КФМ, Дејан Чолески, и со клубовите, и верувам дека ќе создадеме стабилна и долгорочна основа за успех на македонското карате на национално и на меѓународно ниво.
Колку вашето долгогодишно карате-искуство ќе помогне во остварувањето на целите?
– Моето долгогодишно искуство во каратето, како спортист и како тренер, ми дава длабоко разбирање за спортските процеси, потребите на репрезентативците и развојот на таленти. Ова искуство ќе ми помогне да поставам јасни критериуми и стандарди, да предложам стратешки решенија и да ја следам работата на професионален начин, затоа што само со правилна организација, транспарентност и соработка со клубовите и стручните комисии, КФМ може да обезбеди услови за долгорочен развој на каратето во Македонија и да ги постигне целите што сме ги поставиле.
Според вас, што треба да се стори за КФМ уште повеќе да напредува, а македонските каратисти да носат уште повеќе медали од најзначајните натпреварувања?
– За КФМ да продолжи да напредува и македонските каратисти да носат уште повеќе медали од најзначајните натпревари, потребни се континуирана поддршка на развојот на младите таленти, стручни тренинзи и учество на меѓународни натпревари. Министерството за спорт игра клучна улога во обезбедување институционална поддршка и ресурси за овие активности. Покрај тоа, активно ќе работиме на проекти за обезбедување спонзори и финансиери, кои ќе ни помогнат да ги реализираме плановите за развој на карате-спортот, да поддржиме спортски кампови, селекции и меѓународни настапи. Со комбиниран пристап на стручна работа, финансиска поддршка и соработка со институциите, убеден сум дека КФМ ќе зајакне и ќе создаде уште повеќе успешни каратисти на меѓународната сцена.
Каратето е еден од најтрофејните спортови во Македонија. Каде го гледате во иднина во меѓународни рамки?
– Каратето е еден од најтрофејните спортови во Македонија и имаме стабилна и добро поставена Федерација, што е основа за понатамошен напредок. Иако моментално се наоѓаме во период на промена на генерации, тоа го гледам како природен процес. Секоја генерациска транзиција носи предизвици, но истовремено отвора простор за нови таленти, нова енергија и нови успеси. Нашата задача е да обезбедиме системска поддршка за младите каратисти, да им овозможиме квалитетни подготовки и меѓународни настапи, за постепено да ја преземат улогата на носители на резултатите. Со организациската стабилност што ја имаме, соработката меѓу клубовите и поддршката од институциите и спонзорите, убеден сум дека и покрај промената на генерациите, македонското карате ќе продолжи да биде конкурентно и успешно на европската и на светската сцена. Верувам во тоа, затоа што имаме систем, таленти и волја да продолжиме напред.
Дали сте оптимист по прашањето за каратето повторно да биде олимписки спорт?
– Да, каратето повторно ќе стане олимписки спорт. Тоа веќе покажа дека заслужува место на најголемата спортска сцена кога дебитира на Летните олимписките игри (ЛОИ) во Токио. Тоа беше историски момент за целиот карате-свет и доказ дека спортот има глобална вредност. Верувам дека ова е само привремена ситуација. Светска карате-федерација активно работи на враќање на спортот во олимписката програма и реална можност пак да биде присутно на ЛОИ 2032 во Бризбејн. Каратето е еден од најмасовните борачки спортови во светот, со милиони членови и силно глобално присуство. Сметам дека неговото враќање на ЛОИ би било исправување на една спортска неправда. Како човек што целиот живот го посветил на каратето, верувам дека со заедничка работа, силна меѓународна поддршка и континуирани резултати, повторно ќе го видиме овој динамичен спорт на олимписката сцена, таму каде што и припаѓа.


































