Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска упати предупредување дека доколку Украина не ја обнови испораката на нафта кон неговата земја до понеделник, ќе побара од надлежните компании да ги прекинат вонредните испораки на електрична енергија кон Киев.
– Словачка е горда и суверена земја, а јас сум горд и суверен Словак. Доколку испораките на нафта во Словачка не се обноват во понеделник, ќе побарам од СЕПС (словачки систем за пренос на електрична енергија – компанијата што управува со мрежата за пренос на електрична енергија во Словачка) да ги прекине испораките на електрична енергија во Украина – напиша Фицо на својата фејсбук страница.
Тој посочи дека за стабилизирање на украинскиот енергетски систем во јануари било потребно да се испорача двојно повеќе електрична енергија отколку што е предвидено за целата 2025 година.
– Западот можеби нема да се спротивстави на саботажата на гасоводот Северен тек, но Словачка не може да ги перцепира словачко-украинските односи како еднонасочен билет, корисен само за Украина – вели Фицо.
Премиерот потсети дека прекинот на испораките на гас предизвикал штета од околу 500 милиони евра, а прекинот на транзитот на нафта донел уште поголеми проблеми и логистички тешкотии.



































