Минималните месечни трошоци за живот на едно четиричлено семејство во февруари се зголемени за речиси илјада денари во споредба со јануари, покажуваат најновите податоци од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој ја изработува синдикалната потрошувачка кошничка, пренесува МИА.
Според пресметките, синдикалната минимална кошница за февруари изнесува 67.382 денари, што е за 969 денари повеќе во однос на јануарската. Доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупната вредност на минималната кошница достигнува 82.757 денари.
Значително зголемување е регистрирано и кај трошоците за храна. Така, додека во јануари за оваа ставка биле потребни минимум 24.211 денари, во февруари износот се искачил на 25.156 денари, што претставува раст од речиси илјада денари.
Од ССМ предупредуваат дека за само два месеца од почетокот на годината, растот на синдикалната минимална кошничка целосно го поништил најавеното усогласување на минималната плата, кое треба да се случи во март.
-За само два месеца едно семејство е посиромашно за околу две илјади денари. За 24 месеци, односно за периодот во кој одбиваа да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари. Затоа, наместо препукувања на грбот на работниците, политичките партии треба да застанат заедно со нив, да ја изгласаат минималната плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари – изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Од ССМ информираат дека на Владата и на работодавачите им оставиле рок до крајот на февруари да постигнат договор за зголемување на минималната плата. Доколку тоа не се случи, најавуваат нов протест, како и организирање генерален штрајк.

































