Основното јавно обвинителство Куманово отвори истражна постапка против едно лице, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – „Убиство“ согласно член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, во периодот меѓу 27 јануари и 12 февруари 2026 година, осомничениот 25-годишник во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, со умисла и на особено суров начин ја лишил од живот жена родена во 1947 година.
– Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои жената починала – соопшти ОЈО.
Во соопштението се додава дека во последните денови, преку заеднички активности на обвинителството, МВР и Институтот за судска медицина, обезбедени се докази што упатуваат на можни врски со други слични случаи во Кумановско.
– Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат. Истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и други дејствија за обезбедување докази, кои во моментов не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката – стои во соопштението од ОЈО.
Од обвинителството нагласуваат дека осомничениот веднаш по откривањето е лишен од слобода и обезбеден, а по предлог на јавниот обвинител му е изречена мерка притвор. Дополнително, наредено е психијатриско вештачење од тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.




































