Фото: Пиксабеј

Вградувањето забни амалгами кај пациенти, таканаречени „црни пломби“, ќе стане исклучок според регулативата на ЕУ. Регулативата 2024/1849 на Европскиот парламент и на Советот од 13 јуни 2024 година за жива во забен амалгам и други производи во кои е додадена жива ја проширува забраната за употреба на забен амалгам за стоматолошки третман, од лица до 15 години, доилки и бремени жени, на сите други лица од територијата на земјите членки на Европската Унија. Од 1 јули 2026 година увозот и производството на стоматолошки амалгам се забранети, освен за потребите на пациентите на кои сè уште им е потребен таков материјал поради јасно утврдени здравствени индикации. Се истакнува дека прекинувањето на употребата на стоматолошкиот амалгам е поврзано исклучиво од аспект на заштита на животната средина и на никаков начин не го загрозува здравјето на граѓаните.
Целта на Европската Унија е целосно да ја укине употребата на жива за да стане првата економија без жива до 2030 година и со тоа да се заштити здравјето на луѓето и животната средина од штетните ефекти. Унијата планира да ја спроведе оваа амбициозна цел со забрана за увоз и извоз на жива и одредени производи што содржат жива, безбедно складирање, како и постепено укинување на употребата на жива во разни производи.
Употребата на стоматолошки амалгам во стоматолошката медицина се смета за еден од најголемите преостанати извори на употреба на жива во Европа. Една од процените наведува дека во Европа околу 40 тони жива се испуштаат во животната средина годишно преку стоматолошки амалгам. Познато е дека изложеноста на жива има силен негативен ефект врз здравјето на луѓето. Докажано е дека живата е токсична, влијае на нервниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем, може да предизвика оштетување на бубрезите и на црниот дроб и се пренесува од мајки на деца преку плацентата или доењето.