Фото: Гугл мапс

Вонредна седница на Советот на општина Струга за колосалниот проблем за снабдување со пивка вода во Струга и струшко

Струга и стружани и понатаму се соочуваат со колосалниот еколошки инцидент поврзан со загадување на пивката вода. Според локалните власти, голем удел на одговорност за инцидентот има за две локални компании што вршеле ископи во близина на изворите во селото Шум, што довело, меѓу останатите причини, до загадување на водата за пиење во градот. Денес се одржа и итна седница на Советот на Општина Струга, на која градоначалникот Менди Ќура побара итна санација на теренот и покренување кривична одговорност против одговорните лица.

Фото: Гугл мапс

Што рече на денешната вонредна седница на Советот на општина Струга, градоначалникот Менди Ќура?

Заради целосно информирање на јавноста, експозето на градоначалникот го пренесуваме во целост.

„Денеска сум тука за да поднесам извештај за преземените активности во врска со актуелната состојба со водата за пиење во селото Шум и тешката состојба што е создадена, според експертите, како резултат на два главни фактори:

-Факторот природа

-Човечкиот фактор

Природните фактори, особено земјотресите, можат да предизвикаат проблеми, како што сме имале и претходно и се надеваме дека нема да ги имаме во иднина.

-Додека вториот фактор, човечкиот фактор, според експертите, но и според визуелната опсервација, се покажува како главен причинител.

Деновиве, заедно со поранешниот директор на Водовод и Канализација, веднаш по појавата на проблемот, односно загадувањето на водата, ги презедовме потребните мерки:

Поднесовме пријави до надлежните органи:

– Здравствениот инспекторат,

– Санитарниот инспекторат,

– Инспекторатите на Општина Струга,

– Полицијата и Обвинителството,

– компаниите што вршеа ископувања, на кои им ја запревме активноста,

– ги известивме жителите на Шум и Зaгрaчани,

– медиумите,

– како и ангажиравме приватна компанија со долгогодишно искуство „Geo Ing“.

Исто така, доброволно се пријави и професорот Пеливанов за да ни помогне заедно со колегите од Градежниот факултет.

Јас и професорот, бевме на лице место и заклучивме дека состојбата е катастрофална.

Констатиравме дека ископувањата извршени од две компании, низ годините, се евидентни и многу веројатно се главната причина за настанатата штета. Таму има длабоки ископувања и оштетувања што тешко ќе можат да се санираат.

Досега утврдивме дека штетата е дополнително зголемена, бидејќи не е преземено ништо за заштита на овој природен ресурс.

Поранешните општински органи, градоначалниците и надлежните институции, со своите постапки или непостапување, го оштетиле екосистемот и следствено и водата.

Што е констатирано досега?

– Дозволување на ископувања повеќе од 10 години без критериуми, само за материјална корист.

– Сериозна институционална аномалија, при што една од компаниите добила дозвола за ископувања во оваа чувствителна зона.

– Не е утврдена заштитна зона од 1 км околу изворот, што е задолжително и се дели на три заштитни зони:

A. Зона од 300 метри од изворот, каде што не треба да се дозволи никакво ископување ниту движење во близина.

B. Зона од 600 метри.

C. Зона до 1 километар.

Оваа зона требало да биде оградена и физички заштитена.

Но, за жал, поранешните раководители и одговорните институции не покажале интерес за заштита на овој витален извор, заедно со директорите на јавните претпријатија и надлежните органи.

Сега штетата е направена и итно мора да се преземат мерки за санација на состојбата, без да се занемари кривичната одговорност на виновниците, бидејќи станува збор за витално прашање за здравјето и животот на граѓаните.

Оние што прашуваат кој е виновен, одговорот го имаат самите: тоа се оние што дале дозволи да се оштети овој екосистем.

Барам оштетувачите да сносат кривична одговорност и вакви случаи никогаш повеќе да не се повторат во иднина.

Фактите се таму. Штетата се предизва со години, а нам ни останува, за жал, да ја санираме оваа состојба“, заклучи во своето експозе пред советниците градоначалникот Ќура.

Фото: Гугл мапс

Кој сака да се амнестира од катастрофата што се случува со водите во Струга: Кривично дело „Загадување на води“ или „Екоцид“?

За потсетување, ОЈО Струга оформи предмет за загадувањето на водата за пиење, на 13-ти февруари во врска со овој предмет. Имено во соопштението на објавено на официјалната страница на државното јавно oбвинителство, ОЈО Струга во своето прес-соопштение вели: „Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата. Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење. При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје. Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки“.

Но, инстантно, по експозето на градоначалникот на Струга, Менди Ќура на вонредната седница на советот на општина Струга, повеќе граѓани се јавија во редакцијата и легитимно го поставуваат прашањето: „Дали при преземањето на сите дејствија и проверки на надлежните органи, ќе биде поднесена кривична пријава или пак ќе биде подигнато обвинение врз основа на Законот за води, според член 96 до 100 каде се регулира пристапот до заштитените зони, или пак по член 219 од Кривичниот законик по основ на загадување на вода за пиење?“

Според она што го констатира Градоначалникот Ќура во своето експозе, консултираните експерти од оваа област велат дека постојат низа елементи со кои аргументиано може да се докаже постоење на кривично дело „Екоцид“ (член 218) со чие процесуирање, сите засегнати страни би имале сатисфакција заради „најитегрален опфат на истражување и докажување на систематско уништивање на изворите и прородните резервоари на питка вода за граѓаните на Струга и струшко“. Р.Н.М.


Поведенијата, инкриминирани во Кривичниот законик, за кои постои основано сомнение дека се извршени при инцидентот со питката вода во Струга

Екоцид

Член 218-б

Тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор.

Загадување вода за пиење

Член 219

(1) Тој што со некоја штетна материја ќе ја направи неупотреблива водата за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари или некоја друга вода за пиење, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако делото од ставот (1) на овој член е сторено од службено лице или одговорно лице во правно лице или ако поради истото дошло до појава на епидемија на заразна болест, сторителот ќе се казни со затвор од една година до пет години.

(3) Ако делото од став 1 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

(4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.