Институтот за македонски јазик го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик
Во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје вчера свечено беше одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Поздравно обраќање имаше директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, а пригодно обраќање на темата за значењето на мајчиниот јазик имаше Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик.
На свеченоста настапи еминентниот актер Никола Ристановски. Настанот беше збогатен со читање поезија од ученици од основните и од средните училишта.
Со поддршка од УНЕСКО, на 21 февруари секоја година се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, со цел да се прослават повеќе од 6.000 различни јазици што се зборуваат во светот денес. Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е ден за промовирање на лингвистичката и културната разновидност и се потенцираат важноста и уникатноста на секој јазик на планетата Земја. За да постигнеме одржлив развој, потребно е младите ученици да имаат можност да учат и да го негуваат својот мајчин јазик, но да учат и други јазици. Токму преку совладувањето на јазикот што се говори дома, односно мајчиниот јазик, децата учат да читаат и пишуваат, а потоа ги надградуваат и сите други знаења. Јазиците што се зборуваат во една земја пренесуваат култура, вредности и традиција.
Насекаде низ свето јазиците се сметаат за многу вредно богатство за секој народ. Јазикот се смета за неразделен дел од идентитетот на еден народ преку кој се изразуваат душата и културата на еден народ. Јазикот на еден народ, неговиот развој, љубовта кон јазикот и неговото промовирање ја покажуваат културата што владее кај припадниците на тој народ.
Мајчиниот јазик претставува темел на културните и националните идентитети. Тој е носител на вредностите, традициите и историските искуства. Мајчиниот јазик поврзува, обединува и помага да се пренесуваат традициите на идните генерации. Негувањето и почитувањето на мајчиниот јазик е основа за зачувување на културното наследство и за продолжување на постоењето како нации.
Иако за првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944 г., на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од 10-11 век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на 16 век.
Во 19 век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 г. Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945 година, денот кога со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква. Набрзо потоа, на 7 јуни 1945 г., е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик. Денот 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик на 130. седница на Владата, одржана на 16 април 2019 година. Со оваа своја одлука тогашната влада застана цврсто на позицијата на одбрана на посебноста, автентичноста и континуитетот на создавањето на македонскиот јазик.
































