А, со нив, логично, поврзани се и две личности. Првиот е Михаил Горбачов, кој ја започна задоцнетата длабока реформа на СССР, со што го отвори и патот за негов распад. Вториот е американскиот претседател Доналд Трамп, кој изврши радикални и, до скоро, незамисливи промени во американската надворешна политика. Нивните главни противници, Русија и Кина, од „клети душмани“, тој ги „промовира“ во конкуренти со кои треба да се соработува, а не да се војува! Горбачов секако го спаси светот од неизбежна нуклеарна катаклизма, за Трамп ќе треба да се увериме!
Првиот настан е распадот на СССР, кој се случи на почетокот на 1990-тите години. Иако, барем формално, за тој чин е одговорен Борис Елцин, „заслугата“ е сепак на Горбачов, бидејќи неговите реформи ги пресекоа корените на сурогатот. СССР беше воена светска суперсила, ама економски слаба држава. Тоа беше основната предност на САД. И, додека луѓето на Запад сѐ подобро живееја, комунистичките држави сѐ повеќе се самозатвораа. Се воведуваа рестрикции во патувањата на Запад, за да не се видат и доживеат разликите, имаше чести пребегнувања на истакнати поединци, а јазот меѓу нив во развојот сѐ повеќе се продлабочуваше и прошируваше. Реформите на Горбачов потврдија дека СССР беше доведен до состојба кога ограничени промени веќе не беа можни! Општеството беше во голема мера – уништено!
Клучната поента е дека, ако продолжеше истата пракса, сѐ поотворена конфронтација со другата страна ќе беше неизбежна, заради излез од сопствениот ќор-сокак. Прашањето ќе беше само кога, а не дали Москва ќе тргне во конфронтација со САД…, како излез од мизеријата во која системот ги доведе и земјата и народот. Друг излез – немаше да има! А, војната можеше да биде само – нуклеарна. Затоа, распадот на СССР, и на неговата империја, е една од клучните меѓници за мир, по Втората светска војна.
Победата на комунизмот се случи во најсиромашните земји, иако идеолозите ја планираа и очекуваа во најбогатите. Идеолошката основа на комунизмот е по многу нешта слична и блиска на христијанството, ама праксата во овие држави беше рамна на – катастрофа! Власта ја зедоа догматски и бирократски тирани, кои водеа сметка само за себе и за новата класа, која монструозно го злоупотреби системот. И, место тој да им служи на најшироките маси, се сведе на потребите на збирштина од мршојадци. А системот се градеше врз принципи спротивни на човековата природа и, затоа, немаше објективни изгледи за успех. Реформи не се спроведуваа бидејќи директно би задирале во интересите на узурпаторите на власта. Во конкретните услови, објективно, не беше можен нормален развој на комунистичките земји и тие, постепено, сѐ повеќе економски заостануваа зад капиталистичките. Кај првите беше тешко да се произведе, кај вторите да се продаде! Југославија беше редок исклучок.
Сега сме сведоци на вториот настан. Веќе подолго време светот оди прудолу и сѐ повеќе се спомнува опасноста од трета светска војна. Можеби е тоа претерано, ама основа – има. Пред некоја година, Х. Кисинџер изјави – ако продолжи оваа американска политика во однос на Кина, меѓусебната војна ќе биде неизбежна! А што значи тоа, не треба да се објаснува – таа може да биде само нуклеарна. Таа политика е променета! Прекинувањето на конфронтацијата со Русија, пак, е уште позначајно. Токму затоа, длабоките американски политички промени отворија перспективи за сите, иако тие имаат и друга димензија, која не е многу јасна и извесна.
Трамп е неспорно контроверзен и непредвидлив. Многу негови потези и отворени закани кон одредени земји создаваат објективна загриженост. Меѓутоа, факт е дека тој радикално ги промени клучните делови од надворешната политика на САД, кои дотогаш беа неспорно агресивни и империјалистички. Пред тоа, најмалку од периодот на Бжежински, кога тој беше советник за национална безбедност на Џими Картер (1977–1981), перцепцијата за СССР, а потоа и за Русија, во САД беше дека сибирската мечка е главниот непријател! Се сметаше дека агресијата од таму е само прашање на време. Тоа беше основата на сите досегашни американски безбедносни доктрини, поддржана и од огромен дел од нивните истражувачки тинк-тенкови.
Трамп имаше доблест да признае дека – ако беше тој претседател, немаше да се случи руско–украинската војна! Тоа е директно обвинение за неговиот претходник, Џо Бајден. Кажа и дека одговорноста за војната ја носи Киев, што е исто така точно. За познавачите, не беше спорно дека војната ја смислија САД, со цел сведување на Русија на локален фактор (Меркел за намерното бојкотирање на Минските договори!). Во сите тие политички игри, Украина беше обична колатерална жртва. Затоа, Зеленски сигурно ќе биде прогласен за најголемиот предавник на сопствената држава.
Ангажманот на Трамп, за брзо решение за војната, е исклучителен потег од најширок светски интерес. Тој воспостави и директни контакти со Путин, што претходно беше незамисливо. Трамп добро се приспособува на сложеноста на судирот и, што е најважно, посветено продолжува со барање трајно решение.
Радикалната промена на односот на САД кон Русија и Кина е клучниот современ исчекор што ја минимизира опасноста од трета светска војна. Трамп мудро реагираше: место да војуваме и сите да губиме, поарно да тргуваме, и сите да добиваме. Така, најновата американска безбедносна доктрина, од ноември 2025 година, е насочена кон: а) оддалечување од американските интервенции во странство; б) завршување на војната меѓу Русија и Украина, која е клучна цел; в) повторно воспоставување стратегиска стабилност со Русија; г) Кина како партнер за „заемно корисни економски односи“. Пекинг не е веќе „егзистенцијална закана“.
Сепак, мора да се додаде дека Трамп (САД): а) е против мултилатерализмот, симболизиран во ООН, кој е неспорно бирократизиран, пасивизиран и неефикасен; б) очигледно планира поделба на светот на сфери на влијание меѓу САД, Кина и Русија; в) во тој контекст, отворено бара доминација на САД во „западната хемисфера“, што не би требало да биде само Латинска Америка; г) сегашниот меѓународен правен поредок го смета за нешто неефикасно и надминато… Јасно е дека досегашниот свет е минато, да се приспособуваме треба сите, а ќе следуваат голем број (непријатни?) – неизвесности!
Во светло на сите овие историски промени на меѓународната сцена, почнати од САД, крајно необјасниво останува однесувањето на лидерите на ЕУ, кои цврсто одлучија Русија да ја сметаат за главен непријател! Поголема глупост – тешко може да се замисли. Зарем не им е јасно дека досегашната конфронтација со Москва не беше европски, туку наметнат американски интерес?! Секој политичар, дури и почетник, мора да биде свесен дека Европа не може никако да биде обединета, ниту безбедна, стабилна, просперитетна… – без Русија. Впрочем, над 40 проценти од европската територија покрива Русија, а, со нејзините 17 милиони квадратни километри територија, е и далеку најголема држава на светот. Втората по неа има помалку од 10 милиони! Огромната територија е природна логистичка база за Европа, од енергенти до сите други достапни и евтини суровини.
Како доказ, ќе цитираме еден од западноевропските великани, обединителот на Германија – Ото фон Бизмарк. „Тајната на успехот во политиката?“, прашал тој и веднаш одговорил: „Добар договор со Русија“! Дополнително објаснил: „Не надевајте се дека кога еднаш ќе ја искористите слабоста на Русија, постојано ќе добивате дивиденди! Русите секогаш доаѓаат по своето!“ Подобро објаснување – нема! Арно ама, неговите европски наследници (ЕУ) се фатени во тесно. Досега, тие беа ситни вазали коишто послушно ги извршуваа сите диктати од Вашингтон. Ама сега, по радикалните промени на Трамп, сите овие ситни апаратчиња се најдоа во небрано! Ако веднаш ги следеа новите американски ветришта, ќе си ја откриеја ништожноста! Ќе се видеше дека цело време биле туѓи алатки. Затоа, со малиот остаток од нивното достоинство, тие немаа поинаков маневарски простор отколку да тераат некаква своја политика. И, направија тешка историска утка: ја продолжија конфронтацијата со Русија, претходно започната од страна на САД – со што тие покорно се согласуваа.
И пред овие два, имаше настани што го структурираа светот. Таква беше конфронтацијата меѓу САД и СССР, од октомври 1962 година, кога беа откриени ракетите на Москва поставени на Куба, на стотина километри од американската граница. САД го доведоа светот до работ на нуклеарен судир ама, сепак – случајот беше поинаков: проблемот беше „тесен“, меѓу двете суперсили! Нивните лидери, Џон Кенеди и Никита Хрушчов, најдоа дипломатско решение! Москва ги повлече ракетите од Куба, Вашингтон своите „першинзи“ од Турција, свртени кон Русија, и даде гаранции за безбедноста на Куба. Така, релативно лесно, се надмина судирот. Инаку, тоа што се случи тогаш, кога САД не дозволија советски ракети на својата граница, апсолутно истото тоа се повторува сега во Украина. И Русија не дозволува ракети на НАТО, на својата граница!
За крај, да го регистрираме и најголемиот современ безбедносен апсурд: најстрашното оружје што го измислил човекот – нуклеарното, е и најголем гарант дека нема да има трета светска војна! И најрадикалните политичари (мораат да) водат сметка за тој неспорен факт, свесни дека започне ли таа, крајот на светот е – неизбежен. Сѐ ќе биде уништено!
Ристо Никовски


































