Фото: Пиксабеј/илустрација

Обилните врнежи во државава предизвикаа поплави на повеќе куќи на улица „Прилепска“ во Кичево, поради што евакуирани се 180 лица, а во поплавена куќа во гостиварското село Балиндол заглавени се две деца и нивната мајка. Поплавени се и објкети на болницата во Кичево, а има поплавени куќи и во гостварските населби Циглана и Бањечница. Има пријави и за поплавени подруми и дворни места во Скопско.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) во информација за состојбата по обилните врнежи од дожд  денеска до 12:30 часот,  информира дека во Кичевскиот Регион во текот на ноќта, обилните врнежи од дожд предизвикале излевање на Зајашка река на улица „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Извршена е евакуација на околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“. Регистрирано е и заезерување на улица „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што поплавени се подрумски простории во повеќе објекти. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево.

На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување. Организирана е достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје упатени се дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош.

– Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи – велат од ЦУК.

Во Гостивар и околните населби пријавени се поплавувања на куќи во село Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во село Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка. За случајот веднаш се известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.

– Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот. Претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата – се вели во информацијата од ЦУК.

Во Скопскиот Регион во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 примени се повеќе пријави од граѓани, за поплавени дворни места во село Идризово (Општина Гази Баба), за поплавувања во село Буковиќ (Општина Сарај), за поплавено дворно место и подрум во село Зелениково (Општина Зелениково) и за поплавено дворно место во населба Радишани (Општина Бутел).

Според ЦУК, сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.

Во Тетовскиот Регион, преку бројот 112 пријавено е свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата. Од 07.45 часот на патот Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Во однос на водостојот, засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно – посочува ЦУК.

УХМР за денеска најави променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). На планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег.

– Утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови
пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има пообилни врнежи од дожд и снег – информира УХМР.