По успешните предавања изминатата година, кои се одржаа во Свети Николе, Скопје, Штип и во Битола, авторот и уредник на емисијата „На рубу знаности“, Крешимир Мишак, повторно доаѓа во Скопје. Од 20 до 22 февруари во „Салон 19.19“ и „Паблик рум“ ќе бидат одржани предавањата насловени „Патување низ времето, трансхуманизам и синхроницитет“. Медиумски покровител на настаните е „Нова Македонија“, а тие се поддржани и од Меѓународниот славјански универзитет „Свети Никола“. Билетите се во ограничен број и можат да се набават преку Tix.mk и Zlatenzab.mk.
– Дали патувањето низ времето е можно? Патувањето низ времето е класична тема на научната фантастика уште од 1895 година, кога Х.Џ. Велс го објави славниот роман „Временска машина“, во кој главниот јунак со помош на времеплов отпатува 30 милиони години во иднината. Од тогаш до денес, на оваа тема е потрошено многу мастило. Истражувањето на природата на времето нè води до големи прашања за самата природа на стварноста, за испреплетувањето и меѓусебното дејство на нашата перцепција и она што го нарекуваме реалност, како и до храбри замисли дека времето е само привид создаден од нашата свест, слично на некаква огромна проекција во нашиот ум. Најголемиот проблем со кој се соочува секој што сака да патува низ времето е тоа што никој всушност не знае што е времето. Постојат стотици дефиниции, и веројатно сите се делумно точни – што значи дека се и делумно погрешни. Што е времето? Дали е можно да се манипулира со протокот на времето? Дали е можно да се патува низ времето? И на крајот, дали некој го остварил тој подвиг? Во обидот да се дојде до одговорите, ниту една информација не била доволно необична за да не биде вклучена заедно со другите во книгата и предавањата на Крешимир Мишак, кој покажа дека зборот „невозможно“ е само одраз на непроверени претстави и вградени уверувања – се наведува во најавата за настанот.






























