УТРЕ Е СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО – ЕДЕН ОД ДВАНАЕСЕТТЕ ГОЛЕМИ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИЦИ
Македонската православна црква–Охридска архиепископија (МПА–ОА) и нејзините верници утре (недела) одбележуваат еден од дванаесетте големи христијански празници и еден од најстарите празници на христијанската црква, Сретение Господово, што претставува спомен на овој значаен настан во земниот живот на Господ Исус Христос.
До Христовото рождество, сите праведни мажи и жени живееја со вера во Месијата кој треба да дојде, Спасителот на светот и го очекуваа Неговото доаѓање. Последните праведници на Стариот завет, кој истекуваше – старецот Симеон и пророчицата Ана (84 годишна), која престојуваше во храмот служејќи му на Бога ден и ноќ со пост и молитва (споменот на Симеон и Ана е на 16 февруари) – се удостоија да го сретнат во храмот Носителот на Новиот завет, во чија личност веќе се сретнаа Божеството и човештвото.
Имено, во 40-от ден по раѓањето, Богомладенецот беше принесен во Ерусалимскиот храм – центар на верскиот живот на богоизбраниот народ. Според законот Мојсеев (3. Мој. 12), на жената што ќе роди машко дете, во текот на 40 дена ѝ беше забрането да влегува во храмот Божји, а потоа мајката доаѓаше во храмот со Младенецот за да му принесе на Господа благодарствена и очистителна жртва. Иако Мајката Божја немаше потреба од очистување, зашто го роди изворот на чистота и светост без да познае маж, таа се потчини на пропишаното во законот и со праведниот Јосиф, за кого беше свршена, го донесоа Исуса.
Во исто време, во храмот дојде праведниот Симеон, кој доби откровение дека нема да умре додека не го види Христа Спасителот. Богопримецот Симеон го зеде на раце Богомладенецот и, благословувајќи го Бога, изрече пророштво за Спасителот на светот: Сега го отпушташ Својот раб со мир, Владико, според зборовите твои, зашто очите мои го видоа спасението твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи, светлина за просветлување на незнабошците и слава на твојот народ Израилот (Лука 2, 29-32). На Пресветата Дева, пак, Симеон ѝ рече: Еве, овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот и е знак против кого ќе се говори. А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат помислите на многу срца (Лука 2, 35).
Од крајот на четвртиот сѐ до средината на шестиот век, на денот на овој празник одржуваа беседи повеќе светители. За време на императорот Јустинијан Први (527-565), во 528 година Антиохија ја снајде земјотрес, од кој погина многу народ, а во 544 година се појави чума, која секојдневно косеше неколку илјади човечки животи. Во тие дни на сенародна беда, на еден благочестив христијанин му беше откриено дека овој празник треба да се одбележува посвечено. Кога на овој ден беше отслужено сеноќно бдение со литија, престанаа несреќите во Византија. Во благодарност на Бога, црквата во 544 година, за време на владеењето на Јустинијан Први, востанови посвечено да се празнува Сретението Господово.
Живко Здравкоски































