КОШАРКА – КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“
- Купот е специфичен и нема фаворити. Мислам дека наше е да го дадеме максимумот, како што ќе се договориме пред меч, па така да играме од меч во меч и да дојдеме од трофејот во Купот, вели капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски
Во Куманово од денеска до недела ќе се одржи завршницата на Купот на Македонија за кошаркари „Благоја Георгиевски-Буштур“, на која ќе настапат осум екипи. Непосредно пред официјалниот дел од прес-конференцијата, актуелниот победник МЗТ Скопје го доби трофејот во трајна сопственост.
– Купот е специфичен и нема фаворити. Првиот меч го играме со Работнички, знаеме за каква екипа станува збор. Мислам дека наше е да го дадеме максимумот, како што ќе се договориме пред меч, па така да играме од меч во меч и да дојдеме од трофејот во Купот – вели капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (МКФ).
Денеска е дуелот помеѓу најтрофејните екипи, МЗТ Скопје и Работнички.
– Отвораме со МЗТ Скопје, можеби најдобрата екипа во првенството. Ќе го дадеме максимумот, ја знаеме тежината на градското дерби. Се надевам дека салата ќе биде исполнета со навивачи и ќе дадеме добра увертира за она што ни следува понатаму – рече тренерот на Работнички, Владимир Мирковски, пренесе КФМ.
Од 12 часот играат ТФТ – Феникс 2010, потоа од 14.30 часот е дуелот МЗТ Скопје – Работнички, од 17 ч. Кожув – Маџари, а од 19.30 часот е средбата Пелистер – Куманово. Полуфиналињата се утре, од 17 и од 19.30 часот. Сите натпревари ќе се играат во Спортската сала во Куманово, а ќе бидат директно пренесувани преку Македонската радио и телевизија.
Пехарот го брани МЗТ Скопје, кој е и рекордер со 13 пехари, вклучувајќи четири во низа од 2021 година. Стојановски со евентуален триумф на неговиот тим ќе стане најуспешен кошаркар во историјата на ова натпреварување. Во моментов го дели првото место со Перо Блажевски, со по 10 трофеи. Од активните кошаркари, најблиску му се неговиот брат Војдан и Бојан Крстевски, со по пет пехари. Шанса за влез во историјата има и најуспешниот тренер во македонската кошарка, Марин Докузовски. Како сегашен тренер на Куманово, тој ќе се обиде петти пат да го освои трофејот во домашниот куп и со тоа да се израмни со рекордерот Александар Књазев (Докузовски и Јорданчо Давитков имаат по четири трофеи).
Досега девет клуба го освоиле трофејот во Купот на Македонија во три децении натпреварување, и тоа МЗТ Скопје (13 пати), Работнички (10), Фени Индустри, Никол Ферт, Тиквеш (сите по двапати), Амак СП, Кочани Деликатес, Карпош Соколи 2000 и ТФТ (сите по еднаш). Г.И.
РАСПОРЕД
Четврт-финале, денеска
1. ТФТ – Феникс 2010 12 ч.
2. МЗТ Скопје – Работнички 14.30 ч.
3. Кожув – Маџари 17 ч.
4. Пелистер – Куманово 19.30 ч.
Полуфинале, утре
Победник 1 – Победник 4 17 ч.
Победник 2 – Победник 3 19.30 ч.
Финалето е в недела, од 19 ч.






























