Собранието на денешната 84. седница ја изгласа потребата по скратена постапка да се донесе Предлог на законот за дополнување на Законот за здравствената заштита поднесен од пратеничката група на Левица.
Со решенијата предвидени во овој Предлог на закон ќе се овозможи ефикасна примена на начелата на потребата од стручност и компетентност за работните позиции за кои кандидатот конкурирал. Со предложеното решение ќе се овозможи избор на најдобриот кандидат за вработување во здравствените установи, а со тоа ќе се врати довербата во здравствените институции и ќе се дестимулира одливот на дефицитарен медицински кадар од државата.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски побара дневниот ред да биде дополнет со една точка – Предлог за изменување и дополнување на Законот за минимална плата. Претседателот на Собранието, Африм Гаши истакна дека не може да го стави на гласање овој предлог бидејќи, како што рече, не е доставен до пратениците и тие не можат да се изјаснат околу предлог-законот. Потоа, Спасовски побара пауза од еден час заради, како што кажа, потреба од договор.
– Пратеничката група на СДСМ врз основа на барањата кои што ги достави ССМ до сите пратенички групи во Собранието, поднесовме законски текст за минимална плата на 30.1.2026 година и со тоа е исполнет условот точките кои биле поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на оваа седница која што практично ни е прва. Имаше одредени процедурални проблеми кои мислам дека се разбравме и со претседателот и со заменикот генерален секретар на Собранието, бидејќи дополнувањето или повикувањето на член од Деловникот дека треба да се поправи текстот на законот не значи повторно поднесување на тоа законско решение. Од тие причини сметаме дека она што е барањето на синдикатите да се зголеми минималната плата во државата за 600 евра е реална основа за ова барање, бидејќи има можности и тоа стои во законскиот текст од каде можеме да обезбедиме финансиски средства и на соодветен начин да се излезе во пресрет на работниците во Македонија – нагласи Спасовски.
Претседателот на Собранието Африм Гаши му одговори на Спасовски оти е убеден дека знае за што точно се работи кога вели дека овој предлог на закон не може да го стави на гласање затоа што не е доставен до пратениците и тие не можат да се изјаснат по него.
-Го вративме на доработка, тој е примен денеска повторно во архива доработен и се надевам дека многу брзо ќе биде доставен до сите пратеници, па на наредната седница веднаш ќе имаме можност да го дополниме дневниот ред – рече Гаши.
Пратениците не дадоа поддршка по скратена постапка да се донесат предложените измени и дополнувања на Законот за работните односи и на Законот за административни службеници.






























