ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР „АВСТРИЈА ОПЕН“
- Ова е уште еден доказ дека македонското таеквондо сигурно чекори кон нови успеси
Македонските олимпијци и репрезентативци, таеквондистите Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг) од ТК Бутел и Милијана Рељиќ (до 62 кг) од ТК Тигри, постигнаа одличен успех на силниот Г1-турнир „Австрија опен“, во Инсбрук, освојувајќи бронзени медали, што е уште еден доказ дека македонското таеквондо сигурно чекори кон нови успеси. Георгиевски, предводен од тренерот Стефан Костовски, во првите две кола победи на дуелите со Словенците Иван Трајковиќ и Патрик Дивковиќ, со по 2-0 во рунди, а во полуфиналето загуби од Аболфазл Абаси (0-2) од Иран. На турнирот настапи и Филип Блажевски (до 80 кг), но загуби од Германецот Гумуш Кан (0-2).
– Формата на Дејан е добра. Полека очекуваме таа да биде на ниво што очекуваме и да биде. Освоени се нови три поени на светската ранг-листа, па очекувам во март да бидеме меѓу првите 16 во светот. Следен турнир на Дејан е „Бугарија опен“ на крајот на месецов – вели селекторот на македонската таеквондо-репрезентација и еден од тренерите на ТК Бутел, Борче Костовски.

Рељиќ, по бронзата на претходниот турнир во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), но и повредата на десната нога, која ја спречи да настапи во финалето, пак освои бронза. А до неа стигна со победите над Сенегалката Фатима Менди (2-0), Украинката Марија Леонова (2-0) и Хрватката Хелена Кичема (2-1), а во полуфиналето загуби (0-2) од Јулија Шпак од Полска.
– По повредата во Фуџарија минатиот викенд се исплашив дека пак е скинат мускулот, но, за среќа, беше само контузија од претходната борба, па по медицинските прегледи решивме дека можеме да се бориме. Формата е на одлично ниво иако можевме да ја победиме и Шпак, која претходно четири пати загуби од Милијана, а ова ѝ е прв пораз. Заморот од претходната борба, каде што имавме одмор само 10 минути, си го направи своето, да имаме помал фокус и концентрација. Со овие нови поени, во март треба да влеземе меѓу првите 10 на светската ранг-листа. Имаме уште еден турнир Г2 на 27 февруари во Софија, кој носи многу поени, потоа на 7-8 март, исто така, Г2 турнир во Љубљана и на 15 и 16 март еден од најсилните турнири од Г2 „Холандија опен“. Со овие турнири сакаме да се зацврстиме високо на ранг-позицијата за што подобра ждрепка за Европското првенство во мај, во Минхен – вели нејзиниот тренер Александар Ефтимов. Г.И.
































