За пријателството и несебичноста

Некогаш одамна снегот немал боја. Сѐ околу него, секој цвет имал боја, а само тој бил безбоен. Тој посакал да биде во боја, па ја замолил црвената ружа да му даде малку од својата црвена боја. Но убавата ружа му се изнасмеала. Зарем целиот свет да биде црвен како неа?
„Не можам да ти дадам од мојата боја“, му рекла.
Ја замолил тревата да му даде од зелената боја, но ни тревата не сакала да слушне за тоа. Отишол снегот до мирисливата темјанушка и ја замолил да му даде малку од својата виолетова боја.
„Ако ти дадам, мене што ќе ми остане“, рекла темјанушката.
Тажен и несреќен снегот го здогледал кокичето. Белото цвеќенце го прашало зошто е тажен?
„Толку би сакал да имам некоја боја, но никој не сака да ми позајми“, рекол разочарано.
„Јас ќе ти дадам малку од мојата бела боја. Ќе ја поделиме, ќе има и за тебе и за мене“, рекло кокичето.
Така снегот добил бела боја. Оттогаш сѐ околу нас е бело кога ќе падне снег. И така кокичето и снегот станале пријатели. Затоа снегот никогаш не му наштетува на предвесникот на пролетта. Дури му помага своето бело главче да го измолкне под белата покривка и го покрива да не замрзне на силниот мраз. Но темјанушката и ружата сепак замрзнуваат под покривката, зашто беа себични и недарежливи.

народна приказна


Интересни податоци за кокичето

Име
Gala – на грчки јазик значи млеко, а anthos значи цвет. Тоа укажува на млечнобелата боја на цветовите на кокичето (Galanthus).

 

Распространетост
Кокичето ѝ припаѓа на фамилијата луковици Amarylldaceae. Го има во листопадни, мешани и иглолисни шуми. На Балканот е чест украс во дворовите. На Алпите може да се најде и на височина од 2.200 метри. Му одговара тресетно земјиште, умерено кисело и богато со хумус. Расте во Европа, од Пиринеите, преку Карпатите, сѐ до мала Азија.

Медоносно растение
Ова растение има лековито дејство, ама може да биде и отровно. Има 20 вида кокичиња, хибриди, што се разликуваат по големината, обликот и изгледот, односно шарата на цветот и периодот на цветањето, кој трае од јануари до април. Од некои кокичиња пчелите прават мед.


Од детски агол

Кокичето расте на крајот на зимата. Го има во дворовите, во шумите, во парковите. Има долго тенко стебло и долги зелени ливчиња. Цветните латици се нежни и бели. Кокичето не мириса силно, ама е многу убаво.
Вања Стојановска, трето одделение

Цветот на кокичето има три бели ливчиња, кои изгледаат како ѕвонче. Стеблото е многу тенко и се свиткува како баба.
Андреј Глигоровски, второ одделение

Ова бело цвеќенце е вистинско чудо, зашто расте низ мраз и низ снег. Го има на крајот на јануари, па, и покрај студеното време, нѐ потсетува дека доаѓа пролетта.
Тијана Петровска, второ одделение


Стихови за белите ѕвончиња

Кокиче

Во моето родно село,
нова пролет, росна трева,
кокичето – ѕвонче бело,
од под снегот главче крева.

Едно дете таму мине,
во срцето желба збрало,
кокичето да го скине,
тоа мило дете мало.

Еј детенце, чисто око,
пролетта е в раце твои,
играј дете, биди в спокој,
тоа беа игри мои.

Наум Попески

Кокичиња мали

Како да се срамат
ветре што ги гали,
тие нежни убави
кокичиња мали.

Накривиле капчиња
мирисливи, бели,
па чекаат во нив
пролет да се всели.

А со фустанчињата
нежни, китни, фини,
најчесто ми личат
како балерини.

Евгенија Шуплинова

Весници на пролетта

Бели ѕвезди, бели
го покрија брегот,
а сега е дури
побел и од снегот.
Тие се весници
на пролетта – мома
птиците-селици наскоро
ќе се вратат дома.

Благородна Тодоровска
Никодиноска

Гласот на кокичето

Едно бело кокиче
го молеше снегот,
да замине побргу
со пролетта рана.
Сакаше да излезе
на топлото сонце,
прво да се појави
некаде пред слана.

Гласот на кокичето
сонцето го слушна,
топли раце спружи
и снегот го стопли.
Од тогаш се роди
пријателство верно,
зракот венец сплете
и цветот го гушна.

Стојан Арсиќ

Подготвила: M.T.

Фото: Архива