Либералниот концепт и бриселското одредување за она што е „дозволено мислење“ во Европа
- Стејт департментот планира да финансира аналитички центри и добротворни организации поврзани со движењето МАГА во Европа, како дел од поширока стратегија за борба против, како што ја нарекуваат во Вашингтон, „цензурата“ во ЕУ и во Велика Британија
Во последните години е сè потешко во Европа јавно да се изрази став што отстапува од доминантниот либерален консензус без да биде означен како „ретрограден“, „опасен“ или „антидемократски“. Иако формално се повикува на заштита од говор на омраза и дезинформации, сè повеќе политички актери, медиуми и интелектуалци предупредуваат дека европскиот јавен простор одамна беше стеснуван — особено за суверенистичките, конзервативните и опозитно-либералните односно евроскептичните идеи.
Во тој контекст треба да се чита и информацијата објавена од „Фајненшл тајмс“ дека „американскиот Стејт департмент планира да финансира аналитички центри и добротворни организации поврзани со движењето МАГА во Европа, како дел од поширока стратегија за борба против, како што ја нарекуваат во Вашингтон, ’цензурата’ во ЕУ и во Велика Британија“.
Европско законодавство: Заштита или идеолошко дисциплинирање?
Европската Унија во изминатата деценија изгради комплексен правен и институционален апарат за регулирање на јавното говорење — од директиви против говор на омраза, преку Законот за дигитални услуги (DSA), до своевидни притисоци врз социјалните мрежи и медиумите. Обландата на оваа европска регулатива е на прв поглед благородна… демек се борат за заштита на малцинствата, спречување насилство и борба против лажни вести.
Но оние што точно знаат што фактички се случува тврдат дека „овие механизми сè почесто функционираат како идеолошки филтер“!
– Низ годиниве во Европа се сѐ позабележителни примерите каде што јавно изразените ставови што ги доведуваат во прашање миграциската политика, родовите политики, наднационалниот карактер на ЕУ или улогата на Брисел во националните суверенитети, лесно се маргинализираат или стигматизираат! Просторот за легитимна политичка дебата се заменува со морална хиерархија: „прифатливи“ либерални ставови наспроти „неприфатливи“ алтернативи- велат нашите соговорници.
Суверенизмот како „ерес“ и „закана што мора да се контролира“
Особено на удар се суверенистичките движења — од Италија и Франција до Германија, па и Велика Британија. Тие ретко се третираат како легитимен дел од демократскиот спектар, а почесто како закана што мора да се „контролира“. Во медиумскиот дискурс суверенизмот речиси автоматски се поврзува со екстремизам, иако во пракса станува збор за широк спектар идеи, од економски протекционизам до културен конзервативизам.
– Токму тука се вклопува и наводната иницијатива на Стејт департментот. Според „Фајненшл тајмс“, Сара Роџерс, официјална претставничка на американската дипломатија и отворена критичарка на европските закони за говор на омраза, веќе разговарала со членови на партијата Реформа на Велика Британија на Најџел Фараж – велат соговорници, издвојувајќи еден „западен пример“.
Целта, според истите извори, е поддршка на организации во Лондон, Париз, Берлин и во Брисел што се критички настроени кон актуелниот европски либерален модел.
САД и европскиот модел за слободата на говорот
Американската позиција не е без сопствени контрадикции, но разликата во пристапот кон слободата на говорот е очигледна. Во САД дури и радикалните ставови се заштитени како дел од демократскиот плурализам, додека во Европа постои поголема подготвеност државата да интервенира во името на некаква „општествената кохезија“.
Од таа перспектива, американскиот ангажман (да финансира аналитички центри и добротворни организации поврзани со движењето МАГА во Европа, како дел од поширока стратегија за борба против цензурата во ЕУ) може да се чита како идеолошки судир меѓу два концепта на демократија: еден што инсистира на максимална слобода на изразување и друг што ја условува таа слобода со „вредносни“ рамки дефинирани од либералниот Брисел, односно институциите на ЕУ.
Кој ја дефинира „вистинската“ демократија?
Клучното прашање што се отвора не е дали Европа треба да се бори против омразата и дезинформациите – туку кој ги поставува границите на прифатливото мислење. Кога една идеологија, во овој случај (нео)либералната наметнувана од бриселските елити, колку и да е доминантна, се поставува како единствена морално исправна, ризикот е – демократијата да се претвори во управуван консензус, а не во простор на судир на идеи.
Ако Европа навистина се гордее со својата демократска традиција, тогаш ќе мора да најде начин да ги толерира и оние ставови што ѝ се непријатни. Во случајов, надоаѓачките суверенистички.
Во спротивно, обвинувањата за цензура – без разлика дали доаѓаат од Вашингтон или од внатрешни критичари – ќе стануваат сè погласни и потешко игнорирани.
Да потсетиме дека Брисел одамна постави опасни филтри за протокот на информации под обландата „војна против лажните вести“ и „руската и кинеската кибернетска хибридна војна“. Но денес тие филтри не се ставени само кон Русија и кон Кина, туку и кон Трампова Америка. Во САД веќе се зборува за европска „дигитална инквизиција“, нешто што никогаш порано не било кажано. Точно пред една година американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција ја критикуваше ЕУ поради кршење на демократијата и слободата на медиумите, пред сѐ мислејќи на задушувањето на слободната волја на гласачите во Романија, Молдавија или во Грузија. Сега таа критика доаѓа повторно од срцето на Вашингтон откако е направена обемна анализа за состојбата со слободата на медиумите во Европа. Клучниот момент е што Брисел става забрана на американските технолошки дигитални гиганти, а Америка не може да го гледа тоа со спокој, туку, напротив, ѝ порачува на Европа дека оди во погрешна насока, а еден од одговорите ќе бидат парите и идеите на МАГА насекаде низ Европа. Голем тест, а уште поголем за Брисел, кој упорно игра театарска претстава на гнили штици. Р.Н.М.
































