Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Археоакустични анализи на древниот локалитет во Канда, Македонија – прелиминарни резултати

Истражувањето беше извршено на геоглиф, лоциран во месноста Канда, Општина Свети Николе, Македонија, од страна на интернационален тим што користи интердисциплинарни методи (астрономија, филозофија, митологија, математика и физика). Истражувањата беа во два наврата во 2014 г., со цел да се утврдат сите потенцијални аномалии во инфрацрвениот, ултразвучниот и електромагнетниот спектар, со посебно внимание кон аномалиите што се својствени за светите места, но сѐ уште необјаснети од стандардната физика.
Заклучуваме дека геоглифот е изграден на вештачки рид. И преку набљудување од авион се забележува дека овој рид или тумба е направен од човечка рака. Геоглифот е видлив само од небо и се наоѓа во овален, елипсовиден ров.
Некои од мерењата покажаа дека под површината постои шуплина, односно комора. Истражувањата преку различни методи (инфра-/ултразвучно истражување, звучно–магнетно–телуриско мерење, бинарна алгоритамска синтеза од звучните бранови, сонификација на податоците и мерења на подземните води) исто така открија дека во светиот затворен простор примарната вода се наоѓа во средината или некаде на главната оска. Понатаму, бидејќи почвата се разликува од опкружувањето, со сигурност оваа тумба била внимателно градена со специфична причина на ум. Што точно е таа причина, останува да биде истражено во иднина.

Археоакустични анализи на тумбата во Канда, Македонија: Студија на специфичните ЕМ-феномени и бранувања на звучни бранови

Археоакустичните и електромагнетните истражувања на древните локалитети веќе стануваат оформена дисциплина. СБРГ („SB Research Group“ – SBRG) во последните пет години развива нова методологија, користејќи практичен археоакустичен стандард, кој помага да се објаснат одредени феномени, кои најчесто се наоѓаат на „светите места“. Употребувањето на оваа експертиза овозможува подобро разбирање на специфичните електромагнетни и акустични емисии на бранови, присутни на ридот Канда во Македонија. Анализата на тие бранови придонесува за подобро разбирање на она што постои под тлото на земјата. Претходниот научен труд демонстрираше докази за различни физички феномени, присутни на ова древно место и вештачкото потекло на ридот, кој од сега натаму треба да се именува како тумулус, тумула – тумба. Кога го пишувавме претходниот труд, веќе претпоставивме постоење на внатрешни шуплини, кои би можеле да содржат неколку одаи и премини. Оваа хипотеза е потврдена преку доказите презентирани во овој научен труд.

Археоастрономија на геоглифот во Канда, Македонија

Овој труд го проширува нашето претходно истражување на вештачкиот рид во Канда, Македонија, од археоастрономска гледна точка. Во двата претходни научни написа, СБРГ го објасни археоакустичното истражување и потврди постоење на неколку шуплини, кои наликуваат на погребни простории и се наоѓаат во внатрешноста на ридот. Оваа тумба е масивна земјена градба, која содржи две концентрични – речиси овални рамки и огромен геоглиф во средината, кој ја претставува огледалната слика на соѕвездието Касиопеја. Преку анализа на симболизмот на Македонската кралска династија и преку датирање со методот на прецесија на рамнодениците, заклучивме дека во календарот, геоглифот прецизно го покажува роденденот на Александар Македонски. Точното порамнување на Сонцето, кое изгрева, Касиопеја и геоглифот на роденденот на Александар во 356 година пред нашата ера ни дава сугестија дека геоглифот содржи нешто поврзано со него, можеби неговиот гроб или гроб на негова блиска роднина.

Според научните трудови за истражувањата на геоглифот, достапни на http://www.sbresearchgroup.eu

продолжува

м-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)