Европа се колеба да го предизвика приматот на американскиот долар
- Иако странските инвеститори во голема мера им останаа верни на американските пазари на акции и обврзници, се чини дека тие поактивно се заштитуваат од ризикот од пад на самиот долар – придонесувајќи за порастот на вредноста на еврото
Подемот на еврото повторно ги истакна недостатоците на долгорочната амбиција на европските креатори на политики за претворање на заедничката валута во резервна валута што ќе се натпреварува со американскиот долар.
Доларот е светска резервна валута од крајот на Втората светска војна, кога го презеде приматот од британската фунта. Тој посебен статус значеше дека тоа е валутата со која се спроведува поголемиот дел од глобалната трговија и во која владите низ светот држат поголем дел од своите девизни резерви. Таа побарувачка им овозможи на американската влада и на Американците евтини заеми со децении.
Привлечноста на пониските трошоци за позајмување, на постабилната валута и на заштитата од американските санкции е причината зошто европските креатори на политики се држат до амбицијата да го симнат доларот од пиедесталот. Но владите и инвеститорите нема да го држат еврото ако не е силно и не ветува дека ќе остане такво.
И силното евро – валутата во вторникот се искачи над 1,2 долар за првпат по четири години – веќе го загрозува моделот на раст ориентиран кон извоз на најголемата европска економија – Германија.
– Веќе подолго време со загриженост го следам развојот на девизниот курс на доларот. Девизниот курс на доларот е значителен дополнителен товар за германската извозна индустрија – изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц пред новинарите во средата во Берлин.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, минатото лето ја отвори можноста за редок „глобален евромомент“ откако почнаа да се појавуваат пукнатини во доминацијата на американскиот долар. Иако странските инвеститори во голема мера им останаа верни на американските пазари на акции и обврзници, се чини дека тие поактивно се заштитуваат од ризикот од пад на самиот долар – придонесувајќи за порастот на вредноста на еврото.
Доларот сè уште сочинува околу 57 проценти од сите глобални резерви, во споредба со еврото, кое е на второто место, со околу 20 проценти.
– Ако сакате вашата валута да биде глобална резерва, мора да прифатите дека таа ќе се зајакне. Ако ЕЦБ се држи до својот „глобален евромомент“, ќе мора да го проголта тој компромис – рече Карстен Брзески, глобален раководител на макросекторот на ИНГ.
Логиката е едноставна: колку е поголем апетитот за европски средства, толку е повисок девизниот курс со другите валути.
Загриженоста на Мерц е дека посилното евро ќе го направи европскиот извоз премногу скап за странските купувачи, кои ќе бараат поевтини стоки на друго место, што ќе ѝ наштети на економијата на ЕУ. Исто така, има тенденција да го направи кинескиот увоз во Европа поевтин, со оглед на тоа што Пекинг генерално се обидува да го одржи стабилен девизниот курс со доларот. Еврото е блиску до 12-годишен максимум во однос на јуанот.
Но не се загрижени само владите на ЕУ. Исто така, загрижени се и креаторите на политиките на ЕЦБ. Во рок од неколку часа откако еврото надмина 1,2 долар, централните банкари почнаа да предупредуваат дека можеби ќе мора да дејствуваат за да спречат пад на стапката на инфлација под два процента.
– Внимателно го следиме ова зголемување на еврото. Ова е еден од факторите што ќе ги водат нашата монетарна политика и нашите одлуки за каматните стапки во наредните месеци – наведе шефот на француската централна банка Франсоа Вилерој де Гало во средата во објава на социјалните мрежи, повторувајќи ги сличните предупредувања од неговиот австриски колега Мартин Кошер.
Европските извозници се во стагнација во последните неколку години поради високите трошоци за домашно производство, евтината кинеска конкуренција и, во последно време, поради американските трговски тарифи, кои дејствуваат како данок на купувањето стоки од еврозоната во САД. Сè што ги прави уште поскапи на најважниот пазар во светот би дошло во особено лошо време.
Тоа е висока цена што треба да се плати за економија како онаа на еврозоната, која има постојан трговски суфицит и чиј раст на краток рок зависи од поволен девизен курс. Превисока цена, според американскиот секретар за финансии Скот Бесент.
– Можам да ви кажам дека ако еврото достигне 1,2 долар, Европејците ќе се жалат дека е премногу силно; тие се извозна економија, па да видиме што ќе се случи. Треба да бидат внимателни што посакуваат – рече Бесент во интервју за „Си-ен-би-си“ во јули. Е.Р.
































