Фото: Принтскрин

Американскиот милијардер Илон Маск кон крајот на минатата година вложил 10 милиони долари во два големи републикански политички одбори, покажуваат најновите извештаи за финансирање на изборните кампањи, што укажува на негово повторно поактивно вклучување во републиканската политика, објави денеска „Политико“.

Според извештајот, Маск, кој претходно изјави дека веќе потрошил доволно средства за политика, и натаму останува значаен донатор на Републиканската партија, откако ги подобри односите со американскиот претседател Доналд Трамп.

Извршниот директор на „Тесла“ и „СпејсИкс“, кој минатата пролет јавно се разиде со Трамп и соопшти дека се повлекува од политичките донации, во декември донирал по пет милиони долари на одбори чија цел е да им помогнат на републиканците оваа година да ја задржат контролата врз Конгресот на САД.

Тоа била втората рунда донации на Маск за овие одбори во тековниот изборен циклус, откако претходно им уплатил средства и во јуни, во период кога беше во судир со Трамп, наведува „Политико“.

Средствата биле вложени непосредно пред Маск да најави формирање сопствена политичка партија – иницијатива која, според оценките, никогаш не доби поголем замав. Во меѓувреме, Маск и Трамп ги надминаа несогласувањата, а основачот на „Тесла“ на почетокот на месецов му се придружи на Трамп на вечера во претседателската резиденција Мар-а-Лаго.

Маск, исто така, повторно се вклучи во промовирање на републиканските политики на платформата Икс, чиј сопственик е, апелирајќи до сенаторите да усвојат подобрена верзија на законот  Сејф Акт Плус (SAVE Act Plus), со која од американските сојузни држави би се барало да собираат докази за државјанство од лицата што се регистрираат како гласачи.

Тој даде поддршка на верзијата на законот со која се предлагаат построги барања за идентификација и забрана за гласање по пошта за поголемиот дел од Американците, како и други измени во изборната администрација.

За време на изборниот циклус во 2024 година, Маск беше најголемиот поединечен донатор на политички одбори, потрошувајќи околу 290 милиони долари во поддршка на Трамп.

Во првите неколку месеци од актуелната администрација, тој имаше активна улога во Министерството за ефикасност на владата, но несогласувањата со Трамп и со републиканците се појавија околу претседателскиот буџетски закон.

Маск беше вклучен и во изборите за Врховниот суд на сојузната држава Висконсин во април минатата година, каде што кандидатот што го поддржуваше претрпе пораз со разлика од 10 процентни поени.