Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (3)
- Кога француските, германските или англиските научници газеле по македонската земја, тие во секој рид го барале ехото на античките
битки, а во секоја река – митските води опишани од старите поети. Оваа опсесија со антиката ја претворила Македонија во еден огромен археолошки парк за европската елита
Кога западноевропскиот патник од 16 век или од 19 век го насочувал својот поглед кон јужниот дел на Балканот, тој не гледал само во географска карта на Османлиската Империја туку во митолошка мапа. За образованиот Европеец, воспитан на класиците на античката литература, Македонија не била обична османлиска провинција, туку света земја на меморијата, сцена каде што се ковела историјата на античкиот свет. Овие патувања, документирани во илјадници страници патописи, претставуваат фасцинантен судир меѓу возбудливата имагинација на Западот и суровата, но величествена реалност на македонскиот терен. Тоа е приказна за откривањето една жива антика, каде што минатото не било мртво, туку дишело низ секое камче, низ секој обичај и низ генерациите на локалното население, кое ја зачувало својата свест за Македонија и Македонците низ вековите.
За разлика од современиот турист, кој најчесто бара одмор, ренесансните патници и љубопитните патописци и агенти што ја посетувале Македонија во изминатите векови доаѓале како аџии по знаењето. Во нивните дисаѓи, покрај компасите и матарките, многу често се наоѓале копии на преводи од Плутарх, Страбон, Птолемеј или од Тит Ливиј. Тие не патувале само од Виена до Солун туку назад низ времето, кон антиката. Кога француските, германските или англиските научници газеле по македонската земја, тие во секој рид го барале ехото на античките битки, а во секоја река – митските води опишани од старите поети. Оваа опсесија со антиката ја претворила Македонија во еден огромен археолошки парк за европската елита. Нумизматичарите и „старинарите“ (антиквари) не биле заинтересирани толку за османлиската политика, колку што биле хипнотизирани од можноста да пронајдат ретка античка монета или мермерен натпис што со векови лежел заборавен во калта на некое македонско село. За нив, Македонија била жива антика бидејќи тука, за разлика од стерилните музеи на Западот, историјата била на дофат на рака, вградена во ѕидовите на селските чешми, во темелите на црквите и во ѕидовите на куќите. Тие со страст ги исцртувале рушевините, верувајќи дека го реконструираат светот на Александар Велики, честопати разочарани што славните палати биле прекриени со прашината на времето и отоманската негрижа.
Главната артерија на овие истражувања бил древниот пат Виа егнација. Овој камен коридор, кој ги поврзувал, за патописците бил повеќе од обична сообраќајница и претставувал директна физичка врска со минатото. Во Македонија, патниците го чувствувале континуитетот на цивилизацијата. Во своите дневници, тие со восхит, а понекогаш и со меланхолија, ги опишувале остатоците од овој пат, сфаќајќи дека Македонија е крстосница на световите. Секој мост, секој атрактивен премин во планините, бил повод за есеистички размислувања за минливоста на империите и трајноста на природата. Токму преку овие описи, Европа добивала слика за стратешката важност на Македонија – земја што не е само периферија на Османлиската Империја туку срцето на Балканот.
Можеби најинтересниот аспект на живата антика е начинот на кој патописците почнале да го перципираат локалното население. Првично заслепени од потрагата по мермер и злато, тие полека почнале да ги забележуваат луѓето – селаните, овчарите, занаетчиите. Етнолозите и фолклористите од 19 век направиле клучен пресврт. Тие сфатиле дека антиката не е зачувана само во камењата туку и во живиот материјал – во обичаите, носиите и во верувањата на македонскиот народ. Гледајќи ги женските носии, богати со вез и симболика, слушајќи ги песните и легендите за самовилите и хероите, странските набљудувачи препознавале архаични, претхристијански елементи што преживеале и покрај вековното ропство. Ова довело до една нова научна битка. Додека грчката пропаганда се обидувала да докаже дека секој христијанин е „Грк“, германските научници како Јакоб Филип Фалмерајер фрлиле бомба во интелектуалните кругови, тврдејќи дека Античките Македонци не биле Грци и дека современото словенско население на Македонија е посебен ентитет со свои уникатни карактеристики. За Европа, ова било откритие: Македонија не била само гробница на антиката туку дом на еден витален, посебен народ, кој ја населувал таа древна сцена.
За жал, фасцинацијата со македонската антика имала и своја темна страна. Многу од „учените“ патописци не се задоволувале само со пишување. Тие сакале да поседуваат дел од древното волшепство на Македонија, која станала жртва на интелектуален грабеж од огромни размери. Свесни за вредноста на она што го гледаат, а користејќи ја неукоста или сиромаштијата на локалното население и корумпираноста на османлиските власти, посетителите во многу наврати однеле непроценливо богатство. Сандаци со ракописи се носеле во Виена, Париз, Русија, Лондон… Денес, парчињата од македонската жива антика се распрснати низ „Лувр“, Британскиот музеј и европските и руските архиви – неми сведоци за времето кога Македонија била отворен музеј за западниот свет.
Низ вековите, патописите ја менувале својата форма, но не и својата суштина – тие биле мостот преку кој Европа се обидувала да ја разбере Македонија. Од првичните романтични претстави за земјата на Александар, преку суровите описи на османлиското секојдневие, па сè до етнографските откритија за посебноста на македонскиот народ, овие записи се доказ дека Македонија никогаш не била обична територија. За западниот свет, таа секогаш била простор каде што историјата е погуста од каде било на друго место. Живата антика на Македонија не била само во урнатините на Хераклеја или Стоби туку во издржливоста на духот, кој опстојувал на оваа крстосница на цивилизациите. Тие дошле барајќи мртви кралеви, а си заминале со сознанието за еден жив народ што ги носи спомените на древното минато, за кое пред посетата на Македонија, нашите гости во минатите векови можеле да дознаат само преку книгите и артефактите во музеите. Македонија била, е и ќе остане живата антика на Европа.
М-р Никола Ристевски
продолжува
































