Доколку искрено сакаше, ЕУ многу одамна ќе го решеше предизвикот на Западен Балкан
- Она што е повеќе од очигледно, тоа е дека Унијата цела година знаеше за проблемите со кои ќе се соочат возачите, но не мрдна ни со мал прст за да најде некакво решение, како што направи со поморскиот, воздушниот и железничкиот персонал, на кои им овозможи да работат непречено во шенген-зоната. Со други зборови, доколку искрено сакаше, ЕУ многу одамна ќе го решеше проблемот со престојот на возачите што не потекнуваат од земји членки, но остави тој да ескалира
Европската Унија планира во следниот период да го разгледува проблемот што возачите од Западен Балкан го имаат со новите европски правила околу нивниот престој во шенген-зоната, кој резултираше со блокади на границите од страна на превозниците од регионот, што јасно говори дека не е премногу засегната од настанатата ситуација.
Дополнително, извори од Брисел брифираат дека и покрај најавите дека до крајот на оваа недела ЕУ ќе излезе со нова стратегија околу визите, во суштина не се очекуваат некакви промени во правилата, односно голема е веројатноста состојбите да останат непроменети.
Сето ова јасно говори дека ЕУ едноставно нема слух за барањата на превозниците од регионот и на тој начин директно и самата го саботира амбициозниот План за раст, оневозможувајќи им на земјите од Западен Балкан каков било економски раст, туку, напротив, изложувајќи ги на огромни загуби.
Она што е повеќе од очигледно, тоа е дека Унијата цела година знаеше за проблемите со кои ќе се соочат возачите, но не мрдна ни со мал прст да најде некакво решение, како што направи со поморскиот, воздушниот и железничкиот персонал, на кои им овозможи да работат непречено во шенген-зоната.
Со други зборови, доколку искрено сакаше, ЕУ многу одамна ќе го решеше проблемот со престојот на возачите што не потекнуваат од земји членки, но остави тој да ескалира.
А дека ЕУ е способна да прави договори покажува и завчерашниот историски договор за слободна трговија со Индија, кој индискиот премиер Нарендра Моди го нарече „мајка на сите договори“. Несомнено, договорот меѓу ЕУ и Индија за слободна трговија е исклучително комплексен и сложен проект, имајќи ја предвид економската моќ на Индија во однос на кревките европски економии.
Затоа дилемата што се наметнува кај пошироката јавност во регионот е зошто истата таа ЕУ, која склучи ваков комплексен договор со Индија, не можеше да додаде два-три анекса во новиот визен правилник со кој на професионалните возачи ќе им се овозможеше нормално функционирање во шенген-просторот.
– Договорот за слободна трговија меѓу Индија и Европската Унија уште еднаш покажа дека Брисел, кога има политичка волја и стратешки интерес, е способен да договара исклучително сложени и сеопфатни рамки со глобални актери. Затоа е тешко да се прифати аргументот дека ЕУ „не може“ да најде решение за слободното движење и работа на професионалните возачи од регионот во рамките на шенген. Прашањето не е во капацитетот, туку во приоритетите – сметаат аналитичарите.
Според нив, проблемите на европскиот транспортен сектор траат со години, а превозниците постојано алармираат на недостиг од работна сила, бирократски бариери и неусогласени национални правила.
– Наместо системско решение, Брисел нуди козметички корекции и ја префрла одговорноста кај оние што се надвор од ЕУ. Тоа создава впечаток дека интересите на реалната економија и малите и средни компании од регионот се секундарни во однос на големите геополитички договори. Ако ЕУ навистина сака да биде конкурентна и функционална заедница, мора да покаже иста решителност кон внатрешните проблеми како и кон надворешните партнерства. Во спротивно, пораката што ја испраќа е јасна: може да се договара со Индија за „мајката на сите договори“’, но нема политичка храброст да им го олесни животот на превозниците и возачите од регионот што веќе е на вратата на зачленувањето во ЕУ – заклучуваат аналитичарите.
Ако ЕУ за своите членки може да одложи (зелени) правила, тогаш може да најде решение и за возачите
Принципиелност, а не „флексибилност по потреба“
- Според експертите, доколку ЕУ може да прифати транзициски периоди и одложувања за цели индустрии со милијарди евра промет, тогаш аргументот дека правилата за престој во шенген се „неприкосновени“ станува сѐ помалку убедлив. Привремени исклучоци, посебен режим или пилот-модел за возачи од регионот не би го загрозиле шенген, туку би ја поддржале неговата економска одржливост
Логичен одговор на немањето консензус или решение за одреден проблем подразбира времено одложување на кој било проект, како можност во меѓувреме да се подготви решение што ќе ги задоволи сите страни.
И додека земјите од Западен Балкан деновиве се соочуваат со проблемот на професионалните возачи од регионот на кои им се ограничува правото на работа во земјите од шенген-зоната, ЕУ се соочува со сериозни внатрешни несогласувања околу тоа како да се намалат емисиите од бродарството, бидејќи Брисел формално се залага за забрзана транзиција кон почисти горива. Како што објавува „Еурактив“, земјите членки не успеаја да постигнат унифициран став, што ги одложува клучните одлуки на меѓународно ниво.
Според порталот, спорот избувнал за време на дискусиите во Меѓународната поморска организација, каде што се дискутира за договор што би ја обврзал бродската индустрија постепено да преминува од фосилни горива на почисти горива. Иако ЕУ претходно поддржуваше амбициозен план за постигнување јаглеродна неутралност во овој сектор, Грција и Кипар се воздржаа од гласање, наводно поради закани за санкции од САД. Таквиот исход ја одложи конечната одлука за најмалку една година.
Овој пример покажува дека истиот принцип на одложување може да се примени и при решавањето на проблемот на превозниците, односно ЕУ да ја одложи примената на новото правило за влез и престој на професионалните возачи од регионот во шенген-зоната.
– Одлуката на Европската Унија да го одложи спроведувањето на новата стратегија за декарбонизација на бродската индустрија, по притисок од земји како Грција и Кипар, покажува дека Брисел знае да биде флексибилен кога одредени сектори или земји членки проценуваат дека промените се пребрзи или економски штетни. Тоа е легитимен политички компромис, но истовремено отвора сериозно прашање: Зошто не се применува слична прагматичност и кон проблемот со професионалните возачи? Доколку ЕУ може да прифати транзициски периоди и одложувања за цели индустрии со милијарди евра промет, тогаш аргументот дека правилата за престој во шенген се „неприкосновени“ станува сѐ помалку убедлив. Привремени исклучоци, посебен режим или пилот-модел за возачи од регионот не би го загрозиле шенген, туку би ја поддржале неговата економска одржливост. Проблемот, повторно, не е во недостигот од механизми, туку во недостигот од политичка волја. ЕУ веќе покажа дека знае да слуша кога станува збор за национални интереси на земји членки. Прашањето е дали ќе покаже иста чувствителност кон оние што секојдневно ја движат европската економија, професионалните возачи, кои се третирани како привремена потреба, а не како стратешки ресурс – оценуваат експертите. С.Т.
































