- За Евреите од Македонија, Тракија и од Јужна Србија знаеме дека се уапсени од бугарската армија и депортирани во три конвои во логорот на смртта Треблинка. Само еден отсто преживеаја. Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје го изградивме за едукација на новите генерации, но и за општ мир во светот. Но антисемитизмот ниту е поминат ниту ќе помине. Музеите се „виртуелна денацификација“ и „лек за смирување“ на преживеаните
Тишината го разорува мирот. Таа го скамени стравогледот што поминува низ тамустореното. Викај. Изурлај се пред огледало, оти ќе си го видиш гроболикот. Мислиш дека си убав, дека си умен, погледај ја историјата што сите ја извикуваат, а никој не сака да ја знае. Вистината е случка што никогаш не е напишана.
Овој ден е потсетување за крајот или привиден крај на едно зло, мислејќи дека злото може да заврши. Аушвиц е најголемата печка за горење луѓе во историјата. Аушвиц, нацистичкиот логор во Полска, е опомена за идни апокалипси. Гореле масовно убиени, а некогаш и полуживи. Ако спасиш дете, во пекол си, оти гледаш другите како горат. Има податок за 400.000 киднапирани деца, мозокоиспрани што станале нацисти, а некои се преселени во САД и се основа за инфамозните „наци-сатанизми“. Смртта е благодат оти е спас за стравот од смртта. Ослободувањето на Аушвиц од Црвената армија е богоспев и илузија – мисла дека сѐ е готово, дека е крај на антисемитизмот и на сите расизми. Дојдете во денот на илузијата. На 27 јануари 2026 година, на местото познато како Аушвиц (Осјенцин) ќе се соберат илјадници луѓе, десетици лидери на светот, некој преживеан од логорот, или синови и ќерки на жртвите. Најмаркантни се политичарите – простете – божествена хипокризија! Театар на смртоносни кловнови! Зошто? Па од петни жили заговараат нуклеарна војна, катаклизмичен помор, скапи оружја, а ваму ќе „плачат“ врз минатите жртви. Мислат дека ќе се спасат. Овде цимолкаат ламентации, а дома проповедаат смрт на целиот свет. „Умри, а јас ти ветувам дека ќе плачам“, вели ѓаволот. И плачењето е бизнис. А зошто војна? – Затоа што големите пари не се трошат, туку се коцкаат. Војната е коцка. Треба да се забрани приод на оние што немаат искреност. Европските земји се во банкротска дистрофија и за да не се истепаат меѓу себе како порано, вокализираат руска катаклизма, каде што ќе нѐ сместат и нас. Сакаат да го инвестираат златото од холокаустот, ама им сметаат Евреи, антинацисти и такви. Америка ќе им го собере тој имот. Измислија талибанец и плаќање. ЕУ има четири болести: холокауст, наци-злато во трезори, џихад-балон и лошо лидерство. Прашање: Израел со постхолокаустното инсистирање за идентитет (јазик, азбука, вера, држава) – дали се инает, тврдоглавие, безобразност, традиција, инстинкт или задача? Најдобриот одговор го знае Македонија. Нацизмот е последен екстрем на антисемитизмот. Тоа е дива мисла што создава глутници од биоциди. Нацизмот е адикција. Свастиката е хистерезис, скршеност. Оџакот е исфрлок, дебело црево. Глутницата е корпорација – пари. Цијанидот е порака – смрт. Шифра ли е ова? – Да, нихилизам. Антисемитизмот е нихилизам. Потекнува уште од антиката, кажан и во Библијата, Јосифус Флавиус, инквизицијата, серија погроми во Европа и на крај холокаустот. И христијанството и исламот се чеда на маки, антисемитизмот и робовите. Парадоксално, Јосиф Сталин има кажано: „Антисемитизмот е најопасен остаток на канибализмот“ (1931) иако во неговата околина тој беше доста опасен. „Евреите се малигни“, ви вели околината. Така ли е? Варди се од таа околина. „Конечното решение на еврејското прашање“ е „изум“ на Хитлер, но како одма се „налепија“ милиони следбеници во Германија и нејзините полтрони, вклучително и Југославија? Нацизмот е адикција. Мед е за комплексирани умови. Денес масите се „зацопани“ во Хамас, Хезболах, на Алах се мразители, а го обожуваат ајатолахот. Прости им Господе, мозоците им ги исцица сатанот. Сатанот или службите? Сатанот е вродена мана на човештвото, а службите се симптом. Кога единиците Ес-ес влегле во Битола, дедо ми Исак Колономос го предал најдобриот другар. „Овој е директорот на Франко-југословенската банка – нека ви го отвори трезорот, а после убијте го“, му рекол на нацистичкиот офицер. Офицерот одговорил „зошто јас да го убивам, тоа нека го сторат Бугарите“. Е па, сега мислете кој „пријател“ ќе ви го забие ножот кога ќе дојде некој нов Хитлер. Во големите градови (Скопје, Битола и Штип) ги собрале во гета, сѐ до март 1943 година кога ги носеле во гетото Битолско, дедо ми ѝ рекол на мајка ми „Ти мора да одиш со партизаните“! „Како ќе одам, нели тие се комунисти и не нѐ сакаат“? – прашала таа. „Ти наредувам, со нив има шанса да преживееш, а ние не можеме да одиме, ние сме стари, твоите браќа и сестри имаат фамилии – ние сме готови“! Потоа ги концентрирале во логорот „Монопол“ – Скопје во ужасни услови и ги депортирале во Треблинка. Од таму никој не избегал. Се спасиле само тие што биле во партизани или во затвор. Бугарските власти негираат дека тие ги депортирале – демек тие „сами“ си отишле во логорот Треблинка. А бугарските Евреи ги интернирале во подунавски логори, меѓу кои и татко ми. Од таму ги спаси Црвената армија (по битката за Сталинград). Никакви државни спасувања и бедни лаги за спасувањето, освен од некои поединци (пратеникот Пешев, Куртев, владиците Кирил и Стефан). Дури имало и експерименти на луѓе (познавам една жртва партизан од Куманово).
Гетото е мизерија. Денес мајките не сакаат да раѓаат, бидејќи се плашат од економско гето што доаѓа. Во Скопје инвазиониот командант на Ес-ес, генерал-мајорот Хубицки наредил веднаш сите Евреи да се соберат и да се стрелаат. Ги „спасила“ една госпоѓа – Шлезингер, богата Еврејка од Унгарија. Таа убаво го наградила генералот со злато и… замислете, тој ја прегрнал и ги пуштил Евреите. Подоцна неколкупати доаѓал на „прегрнување“. На крајот Евреите биле депортирани во Полска. Дознав дека госпоѓата Шлезингер избегала во Унгарија, но таму нацистите ја фатиле и ја ликвидирале целата фамилија. Ова ми го кажа мојот близок роднина Ментеш Колономос, кој се спаси бегајќи во Албанија, а по војната беше истакнат нуклеарен инженер во Франција. Тие што преживеаја, после се иселија во Израел. Таму учествуваа во сите војни. Беа фактори во Генералштабот, а и основачи на безбедносно-разузнавачките служби на Израел. Да потсетам дека важни заслуги за претформирањето на државата Израел имаше и големиот револуционер Димитар Влахов.
Аушвиц е формиран како „централен логор“ за собирање од други логори на сите Евреи и други (Полјаци, Руси, Роми, Срби, комунисти, хомосексуалци итн.). Тоа е идеја на обергрупенфирерот на Ес-ес Адолф Ајхман, по конференцијата во Ванзе, јануари 1942 година. На таа конференција е решено да се ликвидираат сите Евреи од Европа, по список околу 11 милиони, но не можеле сите да ги фатат. Ајхман предложил прво да се соберат во „гета“, потоа во локални логори и што повеќе да се депортираат во „централен“ логор, по избор Аушвиц. Логорот бил „комбиниран“ – екстерминационен (уништување во гасни комори и крематориуми) и работен – во фабриката ИГ „Фарбен“, основа на Хитлеровата економија (подоцна е база и на ЕУ). Слично во иднина ќе бидат гигаинвестиционите компании („БлекРок“, „Вангард“, „Фиделити“). Потоа заробеници опишуваат: „Еден импозантен командант, висок, црномурест, стоеше на вратата и избираше кој ќе умре, кој ќе работи, а кој ќе оди во специјална мисија – за медицински експерименти, најчесто деца близнаци“. Се работи за Јозеф Менгеле, кој и покрај стравотните злосторства никогаш не бил суден. Аушвиц имал тројца команданти: Рудолф Хес (најпознат, 1940-1943, не е истиот Хес со заменикот на Хитлер), Артур Либехеншел (1943-1944) и Рихард Баер (1944-1945). Значајни податоци за холокаустот дадоа командантот Рудолф Хес и Ајхман. Хес велел дека се убиени вкупно шест милиони Евреи, а во Аушвиц 1,1 милион. Негатори во светот, а и кај нас „слатко лигавурат“ дека немало холокауст и цифрите се измислени. Им се умилкуваат на нацистите. Да им се врати!
Советски команданти на единиците што го ослободиле логорот се генерал Курочкин, Красавин, полковник Петренко, мајор Шапиро, сите под команда на Маршал Конев, а општ командант Маршал Жуков. Во логорот влегле на 27 јануари 1944 г., во 9 часот, сѐ до околу 15 часот. Загинале 230 војници. Војниците биле ужаснати од глетката – купишта лешеви, коски, седум тона коса, над милион облеки, полуизгорени и „живи костури“ – кахектични затвореници. Егзалтирани, тие им бацувале раце и униформи на војниците. Западните сојузници ослободители на други логори (генералите Ајзенхауер, Патон, Брадли, Спарк, Линден, Баркер, Хјуз, Тејлор) биле исто така шокирани и згрозени. Отпорот на нацистичките армии во Полска бил ужасен – речиси цела година требало Црвената армија да се бори – од јануари 1944 (пост-Баградион офанзива, кога ген. Николај Ватутин упаднал во Сарни, Волхинија), па до јануари 1945 година со ослободувањето на Аушвиц при офанзивата Вистула. Од август командата ја презел мар. Рокосовски, потоа мар. Конев (Украински фронт), а потоа целосно мар. Жуков (Белоруски фронт). Изгубени биле милиони животи. На 8 септември 1944 г., Советската армија влегла во Бугарија (мар. Толбухин и Бирјузов) и бугарските Евреи биле ослободени, но не и македонските претходно депортирани. Најморбиден и најгрозоморен од сите бил логорот Јасеновац (во НДХ), комплекс од логори, каде што жртвите биле касапени во импровизирани кланици, со секири, токмаци, „србосекови“, главосечи, клинови, око-боди, мизерувања со глад и тепање. Некои лидери на Хрватска денес, па и во Европа го негираат постоењето на Јасеновац и на масакрите.
За Евреите од Македонија, Тракија и од Јужна Србија знаеме дека се уапсени од бугарската армија и депортирани во три конвои во логорот на смртта Треблинка. Само еден отсто преживеаја. Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје го изградивме за едукација на новите генерации, но и за општ мир во светот. Но антисемитизмот ниту е поминат ниту ќе помине. Музеите се „виртуелна денацификација“ и „лек за смирување“ на преживеаните. Напротив, антисемитизмот се зголемува како последица од израелско-џихадскиот и поширок конфликт. Тоа не е само локален проблем туку глобален. Џихадизмот сега е светска мини-војна. Вермахт под маска. Евреинот е магнет за омраза. Вечно. Евреите се навики за лоши вести. Одумираат. Како? – конверзија, дијаспора, нераѓање и еволуција. Терористичкиот инцидент во Австралија е фитил. Постојано предупредуваме – светот врие, џихадизмот побеснува – им требаат војна и насилство. Војната е „кислород“ за профитерството – „циркуларен инвестмент“. На службите им треба џихад, а не ислам (регуларен). Џихадизмот оперира примарно во Европа, САД, Канада, а секундарно во Турција, Русија, Балканот, Азија, па и во самите исламски држави. Постердогански ќе букнат фракции – миграции. Иднината е – фрагментации. А АГИ? Мозокот е кјубитна команда. Светот е персонален банкомат. Четвртиот рајх ќе биде роботски, космички и џихадски. Елитни единици се концентрирани во Албанија, Босна, а во помала мера и во Македонија, Косово и во Бугарија. Наводно, тие се под контрола на западните служби (ЦИА, МИ6, ДИА), но тоа не е безбедносна гаранција како што не беше и во војните во 1991, 1996 и 2001 година. Светот е во „глобална ентифада“.
Сите се „шизнати“ за Палестинците и Хамас, се вее палестинско-Хамас знаме секаде. А зошто нигде нема македонско? Дали знаете што ќе ви направат ако дојдат? Во Британија тврдат за половина милион силувања годишно (најмногу од Пакистанци). Учите ли? Ви даваат вербална гаранција дека нема да дојдат. Сироти вие – верувате. Обратно – гледам на ТВ група оџи професори од Сараево, а и жени со нив – колку умни работи кажуваат. Да да, вистина е. Колку се попаметни од мене. Светли како Витлеемската ѕвезда, како тројцата магови кај Исус. Зошто се тие толку умни, а оние милитанти толку зли? Кој им го прави тоа? За крај: Македонија во ОН гласаше против антинацизмот. Многу сум жалосен. Играчка сме на Исток и на Запад. Некои граѓани гледаат пронацизам. Имаме некои левици и десници, се перчат. Македонија никогаш не била про-нацистичка. А зошто најголемите криминалци се богати и слободни? Што правиме со т.н. циди? – Фемицид-екоцид-наркоцид-аероцид-македоцид! И ова ли е шифра? – Да, нихилизам. Проверете си го пасошот! – Во Турција уапсија над 100 терористи, можеби некој е со ваш пасош (имам такво искуство). Што направија со „Белата ал Каеда“ и „Белиот ИСИС“ кај нас? Нула. Не смеат да ги гонат. Внимавајте, дали е вашиот син регрут? Апокалипса „ante portas now“! Годината 2026 е Пандорин рулет.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
































