Фото: приватна архива

Роденденско букетче за Дана

Нашиот верен пријател и долгогодишен уредник на „Колибри“, македонскиот поет Перо Миленкоски, деновиве е многу радосен. Тој е прадедо, а за неколку дена, неговата прва правнука Дана ќе наполни една година. По тој повод, поетот создаде роденденски букет од стихови. Кога Дана ќе порасне и ќе научи да чита, ќе биде среќна и горда дека уште непроодена била славна на страниците на „Колибри“. Којзнае, можеби Дана ќе го наследи поетскиот талент на прадедото Перо. Среќен прв роденден, Дана!


Венче од љубов

Сонцето е ѕвезда,
а децата гнезда,
и љубов и смеа
сите нас нѐ греат.
Тече бистра река
морето ја чека.
А Дана што прави?
Прв роденден слави!
Честитки и песни,
сликовници разни,
со бајки и сказни.
Песна по песна се рои,
желба по желба се брои.
венче од љубов
се плете,
Дана е пресреќно дете.

Коњчиња,
моторчиња

Дана доби коњчиња,
кончиња, моторчиња.
Сега ќе ја носат,
кај мама и тато,
кај баба и дедо,
како што е редот.
Утре ќе си оди,
во градови, села,
низ земјава цела,
Дана ќе си шета,
по цела планета.


Запчиња,
бисерчиња

Устето на Дана,
денес полично стана.
никнаа бели запчиња,
запчиња, бисерчиња.
Како цветот гората,
како денот зората,
ден ни разубавија,
радост ни најавија,
Со нив Дана, ќе си расте,
сѐ што сака ќе си касне,
ќе ги чува здрави бели,
секој браво ќе ѝ вели.


Домот сакан втор

Не е дома тато,
не е дома мама,
па и Дана не сака,
да остане сама.
Оди рано наутро,
кај што има дечиња,,
куклиња и мечиња,
песни, топол збор,
Дана си го најде
домот сакан втор.