Почнувајќи од денеска до 8 јануари, оркестарот на Македонската филхармонија ќе оствари турнеја во Кина, под наслов „7 концерти во 7 града во Кина“, во чии рамки оркестарот во рок од две недели ќе одржи седум концерти во седум импозантни концертни сали во: Хохот – во театарот „Хохот“, Таијуан – во театарот „Шанжи“, Тангшан – во истоимениот театар, Женгжу – во фасцинантното истоимено здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан.
Турнејата во Кина ќе ја предводи маестро Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години е гостин-диригент со Македонската филхармонија. Како солисти ќе настапат кинескиот пијанист Хају Жанг, кој ќе го изведува Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Петар Илич Чајковски, како и виртуозите на кларинети, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел. На програмите на концертите во Кина се и дела од Гершвин, Бизе, Глинка, Штраус…
– Оваа турнеја е од голема важност за институцијата, бидејќи е прва во Азија, и тоа со целиот симфониски состав. Од контактите што ги имаме во Кина, промоторите и менаџерите од оваа турнеја, се очекува да се отворат и дополнителни можности за настапи на Филхармонијата во други азиски држави. Драго ми е што еден од менаџерите беше присутен на отворањето на концертната сезона на Македонската филхармонија и тој беше презадоволен од нивото на филхармоничарите, а тоа е најбитната работа за организирање вакви комплексни турнеи – вели Виктор Илиески, директор на Македонската филхармонија.
Кина во изминатите години бележи огромен подем во развојот на културата. Изградени се голем број нови концертни сали, а некои од нив важат за најдобрите културни архитектонски зданија во светот.