Искреноста како алиби, ветото како камшик

Моќта на помалку моќните се темели на чесност, ни кажаа од говорницата во Давос. Поточно, ова го кажа канадскиот премиер Марк Керни, под светлата на Светскиот економски форум, таму каде што моралот се користи како украс, а не како правило.
Искреност? Од кого точно? Од истите тие што ни објаснуваа дека правото е свето, а договорите се темел на цивилизацијата? Од истите тие што ни рекоа: „Сменете го името – тоа е последната пречка“? Од истите тие што ни го продадоа најскапиот политички производ во историјата – европската надеж?
Ние бевме искрени. Повеќе отколку што требаше. Толку искрени што сами си ја потпишавме сопствената шлаканица.
А Европската Унија? ЕУ ни возврати со најискрениот можен одговор – вето. Па уште едно. Па уште едно, за секој случај. Вето како политика. Вето како порака. Вето како доказ дека „вредностите“ се еластичен поим.
Таму каде што правото требаше да биде принцип, стана алатка. Таму каде што правилата требаше да важат за сите, станаа шведска маса – секој си зема што му одговара.

И сега истите тие ни држат лекции за искреност на „помалку моќните“. Да бидат трпеливи. Да веруваат. Да чекаат.
Европска искреност значи:
– договорот важи додека не дојде моментот да не важи;
– ветото е легитимно, ама разочарувањето не е;
– принципите се универзални, освен кога се национален интерес.
Ајде да бидеме искрени, барем ние: ЕУ не се плаши од нашата неискреност. ЕУ се плаши од сопствената дволичност да не ѝ се врати како бумеранг.
Затоа денес, кога светот почнува да зборува со јазикот на силата – истата онаа сила што вие ја легализиравте со години – одеднаш ви текна на моралот. Одеднаш „помалите“ треба да бидат чесни, а „поголемите“ прагматични.
Но има еден проблем. Светот што го создадовте повеќе не ве слуша. Сакале или не, ќе мора да ги слушате лекциите од поголемите од вас – без право на вето. Или ќе мора да прифатите дека системот што го градевте со селективна правда и условна искреност почнува да се распаѓа.
И не, не ни фали искреност. Ни фали Европа што ќе биде искрена тогаш кога нема корист од тоа.