Незапирлива лавина на промени од Давос

Визијата за американската економска сила и територијални амбиции изразена во острото, а според многумина и контроверзно, обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум, одржан во Давос неделава, наведува на заклучок што не би можел да биде затрупан ниту од сиот снег во швајцарскиот алпски бисер – дека на повидок е создавање нов поредок.
Тоа го призна и канадскиот премиер Марк Керни, кој на истото место кажа дека стариот поредок нема да се врати, што налага адаптирање на новонастанатата состојба. А со него се согласува и францускиот претседател Емануел Макрон, кој претходно наведе дека се случува транзиција кон свет без правила. Или можеби кон свет во кој допрва ќе се воспоставуваат нови правила.
Легитимитетот на Обединетите нации беше директно предизвикан од Трамп во Давос, преку официјалното активирање на неговиот Одбор за мир. Станува збор за тело што е замислено како паралелен центар на одлучување што ќе ги заобиколи бирократските ограничувања на Советот за безбедност на ОН, овозможувајќи му на Вашингтон директна контрола врз прашањата поврзани со глобалните жаришта, без потреба од широк консензус.
И настрана од Давос се случуваат важни политички и дипломатски процеси, кои го отвораат патот за доаѓање на новиот поредок. Американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Кремљ се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин, на разговори чија цел е завршување на украинскиот конфликт. A потоа беше предвидено американскиот двоец да се упати во Абу Даби на трилатерален самит во Обединетите Арапски Емирати, како резултат на интензивната шатл-дипломатија на администрацијата на Трамп, кој по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос, нагласи дека војната во Украина мора да заврши.
Францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц во последно време имаат несогласувања, но на вонредниот самит на ЕУ одржан во Брисел неделава, сепак беа обединети во мислењето дека трансатлантската криза го соочува европскиот блок со нова реалност – во која мора да ја прифати сопствената независност. Наспроти нивното заедништво, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преброди уште едно гласање за недоверба во Европскиот парламент, четврто во изминатите седум месеци, што сепак сигнализира продлабочување на политичките поделби во ЕУ, и покрај нејзиниот опстанок на функцијата.
Промените што се одвиваат не се по волја на сегашните либерални елити, кои утврдени во постојните центри на моќ, го опишуваат претстојниот нов поредок како застрашувачки „свет без правила“ во кој најсилните, водени од сопствени национални интереси, нема да се соочуваат со никакви ограничувања. Едностраните заложби на американскиот претседател Доналд Трамп секако се загрижувачки, но тие можат да придонесат за редефинирање на меѓународните односи, а таквата промена сигнализира и нови можности покрај ризиците.
Може да дојде до новонастаната соработка што ќе ги зајакне отпорноста на државите и нивната стратешка автономија и ќе го зголеми потенцијалот за создавање нови блокови и институции или за реформирање на постојните, како и за суверенистичко одлучување.
Преиспитувањето на постојните состојби упатува на дополнително оспорување на Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција, особено бидејќи може да се направи паралела помеѓу него и најавениот рамковен договор помеѓу САД и НАТО за Гренланд – како спогодби направени под принуда, земајќи предвид дека Данска не се согласува со препуштање на контролата над островот, исто како и ние со промената на државното име. Затоа во денешната насловна тема укажуваме дека ако се прифати аргументот оти договор за Гренланд склучен под надворешен притисок би бил ништовен, тогаш по логиката на меѓународното право истиот критериум мора да важи и за Преспанскиот договор. Спротивното би значело воведување опасен двоен стандард.
Промените се случуваат толку брзо, што професори што предаваат меѓународни односи се принудени да ги приспособуваат нивните наставни програми, додека аналитичарите и консултантите за надворешна политика не се осмелуваат да дадат долгорочни предвидувања и совети бидејќи тие веќе наредната недела можеби нема да важат.
Лавината на промени од Давос незапирливо надоаѓа. Оние што ќе успеат да се приспособат на новонастанатата ситуација ќе останат на површина, а другите ќе бидат затрупани.