Некои опсервации во врска со веста дека Трамп постигнал рамковен договор со генералниот секретар на НАТО за Гренланд и за Арктикот
- Амбицијата на Трамп да го анектира Гренланд се смета за особено чувствителна бидејќи тоа не го дозволуваат многу елементи во меѓународното право, а и во внатрешното право на државите. Во истиот контекст е клучно и тоа што Данска е членка на НАТО, како и тоа што Гренланд има стратешко значење во Арктикот. Критичарите предупредуваат дека таквиот потег би можел сериозно да ја ослаби Алијансата во време на зголемени геостратегиски тензии. Но, затоа, Трамп се обидува суштински да ги намали таквите тензии со директна комуникација со претседателот на Русија, на пример, вклучувајќи го него во т.н. Совет за мир во Газа, потег со кој Трамп ги вчудовиде речиси сите светски политички и државни лидери
Обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд отвори сериозна политичка и уставна дебата во Вашингтон и меѓу сојузниците на САД. Иако републиканците во голема мера ја поддржуваат надворешнополитичката агенда на Трамп по неговото враќање во Белата куќа, сè поголем број од нив јавно изразуваат сомнеж и несогласување со идејата за анексија на данскиот остров.
Фокусот на Гренланд прерасна во поширока расправа за едностраната употреба на американската моќ – воена, економска и дипломатска – во странство. Критичарите, вклучувајќи и републиканци, предупредуваат дека таквиот пристап може да го прекрши меѓународното право, да го поткопа НАТО и да ја наруши довербата на клучните сојузници.
Растечки несогласувања меѓу републиканците
Иако демократската опозиција очекувано се спротивставува на плановите на Трамп, значајно е што некои од републиканците почнаа да изразуваат политички несогласувања во врска со идеите на Трамп за Гренланд. Имено, сенаторите како Лиза Мурковски и Том Тилис јавно изјавија дека преземањето на Гренланд – било преку купување, економска принуда или воена сила – не е во интерес на САД.
Сенаторот Тилис предупреди дека заканите со тарифи кон земји што не ја поддржуваат американската амбиција се „лоши за Америка и нејзините сојузници“ и дека директно им користат на геополитичките ривали. Други републиканци, меѓу кои и поранешниот лидер на сенатското мнозинство Мич Меконел, оценија дека таков потег би ја „уништил довербата меѓу сојузниците“.
Правни, процедурални и системски контролно-надзорни механизми
Но, со оглед на политичката офанзива на претседателот Трамп, во која засега интензивно користи „булдожер-дипломатија“, легитимно се наметнува почитувањето на принципот на легализам (имено, „легалитет на постапките на официјален Вашингтон, т.е. на Трамп). И во тој контекст се поставува прашањето: Може ли Конгресот на САД легитимно, легално, па и реално, да го спречи Трамп во некои од неговите намери поврзани со Гренланд?
– Од уставна перспектива, Конгресот има значајни овластувања. Тој го контролира федералниот буџет и мора да одобри секое значајно трошење јавни средства. Според експерти за конгресни процедури, доколку Трамп сака формално да го „купи“ Гренланд, ќе му биде неопходен закон усвоен од Конгресот за обезбедување на средствата – нешто што моментално изгледа малку веројатно. Дополнително, доколку се склучи меѓудржавен договор со Данска, тој би морал да биде ратификуван од Сенатот со двотретинско мнозинство – поддршка што републиканците во моментов ја немаат, велат наши соговорници, еден адвокат и еден универзитетски професори по право.
Факт е дека администрацијата на Трамп во минатото покажа подготвеност широко да ја толкува извршната моќ, особено во сферата на надворешната политика, имиграцијата и царините, според нашите соговорници, кои предупредуваат дека Белата куќа би можела да се обиде да склучи неформален или „извршен договор“ со Данска, кој не би барал одобрение од Сенатот.
Но, дури и тука постои скепса. Експертите сметаат дека договор од вакви размери – што вклучува суверена територија – тешко може да се спроведе без институционално вклучување на Конгресот.
Геополитичките ризици и како Трамп ги менаџира во чекор
Амбицијата на Трамп да го анектира Гренланд се смета за особено чувствителна бидејќи Данска е членка на НАТО, а Гренланд има стратешко значење во Арктикот. Критичарите предупредуваат дека таквиот потег би можел сериозно да ја ослаби Алијансата во време на зголемени геостратегиски тензии. Но, затоа, Трамп се обидува суштински да ги намали таквите тензии со директна комуникација со претседателот на Русија, на пример, вклучувајќи го него во т.н. Совет за мир во Газа, потег со кој Трамп ги вчудовиде речиси сите светски политички и државни лидери.
Иако САД веќе имаат значително воено присуство на островот врз основа на договор од 1951 година, повеќе сенатори тврдат дека националната безбедност може да се зајакне без преземање територија.
Иако Конгресот формално располага со алатки за да го блокира преземањето на Гренланд – преку буџетот, законодавството и ратификацијата на договори – политичката реалност останува неизвесна. Сè ќе зависи од тоа дали доволен број републиканци се подготвени отворено да му се спротивстават на претседателот.
Во меѓувреме, инсистирањето на Трамп дека САД „ќе го добијат Гренланд на еден или друг начин“ продолжува да ја тестира границата меѓу извршната моќ и уставниот баланс – и да отвора прашања за идната улога на Америка во светот. Р.С.
































