Мерит принципот станува правило – оној што е на раководна функција ќе мора да знае, да може и да одговара, беше речено на денешната прва јавна дебата за Предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите што се одржа денеска во Скопје.
Законското решение, истакнаа учесниците, предвидува транспарентна постапка за именување на високо раководните функционери, но и јасно ги уредува мандатите и го ограничува изборот. Функциите на високите раководители ќе бидат достапни за сите заинтересирани кандидати под еднакви услови. Се напушта досегашната пракса на различни правила содржани во десетици закони и на минимални, исклучиво формални услови за избор на директори и членови на управните одбори кои не гарантираа дека институциите ќе бидат раководени од компетентни лица.
Со законот, ќе се оценуваат управните одбори се сведуваат на три члена, а статусот в.д. станува исклучок строго временски и правно ограничен со максимум траење од шест месеци.
Невладиниот сектор го поздравува нацрт-законот, но смета дека треба да има извесни корекции, особено во делот на критериумите за состав на комисиите кои ќе го вршат изборот на кандидатите за директори и други високи позиции во државната управа. Засега, беше предочено, се предвидува министерот да ги составува овие комисии.
– Нема веќе доживотни функции и недопирливи позиции. Раководителите ќе имаат јасна обврска да испорачуваат резултати. Позицијата веќе не е титула, туку одговорност. Прв пат се воспоставува единствена, јасна и системска рамка за именувањето, мандатот, одговорноста и разрешувањето на највисоките раководни позиции во администрацијата – кој, како и под кои услови ги води клучните институции. Воведуваме појасни и унифицирани критериуми за избор на директори, државни секретари и членови на колегијални органи на државната управа, но и за членови на управни одбори за кои досега не постоеја речиси никакви правила – нагласи министерот за јавната администрација Горан Минчев.
Според него, со години наназад високите раководни позиции во државната управа и фондовите се уредуваа без единствен пристап, со различни критериуми и недоволно јасни правила.
– Таквата состојба создаде простор за несигурност, нееднаква примена на стандардите и слабеење на институционалниот капацитет. Наместо стабилност и континуитет, честопати добивавме привремени решенија, а наместо јавна одговорност, добивавме нејасни надлежности. Сега, со новиот закон, правиме обид ваквата состојба системски да ја промениме – потенцира Минчев.
Тој посебно се осврна на управните одбори.
– Освен што воведуваме воедначени услови за членовите на управните одбори, критериуми за нивна селекција и постапка за нивно именување, со законот составот го намалување на три члена. Наместо бројност, воведуваме квалитет, наместо формално учество, воведуваме реална одговорност. правната празнина ја пополнуваме, а членовите на управните одбори мора да исполнуваат значителни услови за да дојдат на таа функција. Управните одбори веќе нема да бидат проширени и нефункционални структури без јасен учинок, туку компактни и ефикасни тела составени од лица со соодветни професионални квалификации, знаења и интегритет – подвлече министерот.
Според него, се става крај и на злоупотребата на функцијата вршител на должност (в.д.).
– Низ годините привремените решенија се наметнуваа како правило, а не исклучок што директно ја разјадуваше и институционалната стабилност и ја поткопуваше одговорноста – укажа Минчев, додавајќи дека со законското решение се воведува и систем за мерење и оценка на резултатите од работата на високите раководители.
Пет години, дополни, се зборуваше за реформи на високите раководства во администрацијата, но рефрома немаше.
– Имавме различни правила содржани во десетици закони и минимални, исклучиво формални услови за избор на директори и членови на управните одбори кои не гарантираа дека институциите ќе бидат раководени од компетентни лица. Немаше гаранција дека се бира најдобиор кнадидат. Имавме фрагментиран систем, привремени решенија и институции без јасна одговорност. Наместо европска администрација, имавме системски слабости и правни празнини. Денес таа состојба конечно ја менуваме. Со овој нацрт-закон Владата јасно покажува дека реформите не се декларации, туку конкретни одлуки. Дополнително, законот не го носиме зад затворени врати, туку преку отворен процес, со што јасно ја потврдуваме политичката определба дека дијалогот, а не наметнувањето е единствениот исправен пат за носење квалитетни и применливи законски решенија – подвлече Минчев.
Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев нагласи дека транспарентен, отчетен, професионален, квалитетен и ефикасен јавен сектор во служба на граѓаните, ориентиран кон резултати, е целта на предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите.
– Целта е и обезбедување еднаков пристап до функциите и именувања според заслуги, како и непристрасно и одговорно вршење на работите на органите на државната управа во насока на јакнење на владеењето на правото и унапредување на ефикасноста на сите органи. Прв пат се воведуваат јасни и унифицирани правила за избор на директори, членови на управни одбори и државни секретари. Функциите на високите раководители треба и мора да се достапни за сите заинтересирани кандидати под еднакви услови. Именувањето висок раководител е предвидено да се врши во транспарентна, фер и конкурентна постапка за селекција, со што се гарантира изборот на најуспешниот и најдобар кандидат – рече Јанушев.
Извршната директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП), Неда Малеска Сачмароска оцени дека донесувањето на овој закон е исклучително важен политички чекор.
– Се надеваме дека законското решение ќе се донесе. Законот нуди конкурентност, транспарентост и поголема отчетост зашто јавните огласи ќе бидат објавени на едно централно место – во Агенцијата за администрација и заинтересираните кандидати ќе имаат можност навмрено да се информираат за овие работни позиции. Тоа значи дека работните позиции ќе бидат отворени за една поширока група луѓе и назначувањата нема да бидат по пат на политика. Мислам дека ова решение треба да се поздрави. Новина е тоа што управувањето со резултати во институциите ќе биде предмет на опсервација од страна на органите кои ги бираат и именуваат раководните лица или владата, мандатот ќе биде врзан со остварување определени цели и телата што ги назначуваат ќе имаат обврска да бараат отчет, а извршните директори ќе бидат обврзани да да дават отчет за остварувањето на целите – истакна Малеска Сачмароска.
Според неа, ќе има и поотворена, поконкурентна постапка за избор што ќе се темели на стручноста на кандидатите и на нивните компетенции да се справуваат со сериозни, комплексни проблеми, да имаат стратешка визија и да комуницираат меѓусебно.
– Се надевам дека законот ќе обезбеди надминување на просечноста во изборот и именувањето на највисоките раководни позиции, кога без конкурентска постапка власта одлучува кој ќе биде директор. Допрва се отвора дебата. Законот е направен во широка, консултативна работна работна група и со него се подобруваат критериумите за изборот и именувањето на највисоките раководни позиции во извршното јадро на администрацијата – укажа извршната директорка на ЦУП.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) оцени дека е потребно донесување дополнителни одредби за зацрстување на одредени критериуми.
– Забелешките се однесуваат главно на обезбедување дополнителни одредби што ќе гарантираат независност во изборот на високите раководни службеници – професионализација, зацврстување на критериумите кој се може да биде член во комисиите за избор, зашто министерот ја составува комисијата што веднаш алудира дека ќе може да стави кандидати поблагонаклонети кон изборот што сакаат да се направи. Членовите на комисијата треба да бидат избрани со критериуми, треба да се скрати листата од пет на три, мора да се именува најдобриот, прворангираниот кандидат на тестовите или интервјуата, а сега дискреционо одлучува министерот – тој може да одбере еден од тие пет или тројца. Имаме забелешки и во делот на вршителот на должност. Би требало по автоматизам да прекинува мандатот по шест месеци зашто сега има случаи на в.д. подолго од именуваните. Тука треба да се зацврстат одредбите, да се направат построги критериуми – изјави Филков.
Нацрт-законот е изработен со поддршка на Британската амбасада и ЦУП.
































