Грција: Криминал од невидени размери на штета на граѓаните што управувале со возила на територијата на нашиот јужен сосед
Во денешниот број на нашиот весник пишувавме за конкретните зголемувања на трошоците за патарини во Србија и Грција. Поскапувањето кај нашиот јужен сосед достигнува 20 отсто и сегашните цени прават голема разлика, особено за македонските туристи што патуваат на некои од тамошните летувалишта. Но очигледно ова нема да биде единствениот проблем што треба да се истакне. Како надоврзување на темата за „раст на трошоците при патувањето кај соседите“, во продолжение го издвојуваме и криминалот на повеќе фреквентни бензински пумпи во Грција на кои бил откриен инсталиран софтвер што регистрирал одредено количество наточено гориво, но количеството што било наточено било помало.
Имено, во голема полициска акција низ Грција насочена кон разбивање организирана криминална група спроведена деновиве, по откритието за инсталиран специјализиран софтвер на бензински пумпи, со цел да се краде гориво од купувачите, прикажувајќи поголеми количества од оние што всушност се испорачуваат. Во акцијата биле спроведени 30 истовремени претреси на бензински станици, претпријатија и во приватни домови, во повеќе региони, вклучувајќи ги Атика (пошироката област на Атина), Солун, Тесалија, како и делови од централна, северна и североисточна Грција, при што биле приведени десетмина осомничени.
– Членовите на криминалната група, преку употреба на специфичен нелегален софтвер инсталиран на бензинските пумпи, ги доведувале граѓаните во заблуда, доставувајќи им помали количества гориво од оние што биле прикажани на дисплејот – соопштија надлежните од полициските служби.
Слични акции за откривање криминални групи што со помош на ваков тип софтвер всушност краделе од граѓаните беа реализирани и во текот на минатата година. Во март минатата година беа уапсени над 55 лица, идентификувани како членови на две такви организации. Тогаш беше откриено дека софтверот бил поставен на над 50 бензински станици низ цела Грција. Два месеца подоцна, како резултат на истрагите, беа затворени пет бензински пумпи во Солун и во Атина. Р.С.
































