ГРАНПРИ-ТУРНИР „КРОАЦИЈА 2026“
- На силниот турнир во Риека настапија вкупно 1.270 каратисти од 26 држави, односно од 233 клуба, во сениорска, јуниорска и во конкуренција на постари јуниори (до 21 година)
Македонските каратисти освоија вкупно седум медали на традиционалниот меѓународен гранпри-турнир „Кроација 2026“ (три златни и по два сребрени и бронзени), кој се одржа во хрватскиот град Риека, од кои КК Макпетрол освои четири.
Со злато се закитија сениорот Данило Божовиќ (категорија до 84 кг) од КК Макпетрол и јуниорот Дарин Куртановиќ (до 68 кг) од КК Кеикс. Божовиќ во финалето го победи македонскиот претставник Реџеп Рушити (КК Куштрими), кому му припадна среброто, но Рушити во првиот натпреварувачки ден се закити со злато во т.н. отворена категорија. Сребрен медал освои и постарата јиниорка (до 21 година) Јована Мицовска (до 61 кг) од КК Макпетрол. За бронзени медали се изборија Стефан Стојановиќ (над 84 кг) од КК Макпетрол и Јована Мицовска, но сега со настап во сениорска конкуренција.
– Оваа година ја почнавме со втора активност од самиот почеток. Минатата недела истиот состав учествуваше на Светска лига во Грузија, во Тбилиси, за веднаш следниов викенд да настапиме на најсилниот европски гранпри-турнир „Кроација 2026“ во Риека. За нас како клуб најважно беше да ја провериме и да ја темпираме формата на нашите репрезентативци, кои во почетокот на февруари ќе заминат на Европско првенство во Лимасол (Кипар). Задоволен сум од прикажаните борби, сега останува да поправиме некои елементи и подготвени да заминеме на Европското првенство – вели тренерот на Макпетрол, Петар Заборски.
На силниот турнир во Риека настапија вкупно 1.270 каратисти од 26 држави, односно од 233 клуба, во сениорска, јуниорска и во конкуренција на постари јуниори (до 21 година). Г.И.
































