Вековната традиција за време на празникот Водици годинава во знакот на младоста
Деца, тинејџери и млади луѓе беа меѓу верниците што годинава стигнаа до чесниот крст на повеќе места низ Македонија, со што празникот Богојавление годинава беше одбележан во знакот на младоста.
Во Дебар најсреќен беше Дамјан Стефановски, ученик во петто одделение во дебарската деветтолетка „Пенестија“, кој го фати светиот крст положен во водата на базенот што се наоѓа во дворот на црквата „Света Петка“, каде што се наоѓа и седиштето на дебарската парохија. По светиот крст скокнаа уште две деца, Теофан Ангеловски и Антониј Тодоровски, но среќата му се насмевна на Дамјан, кому радоста му се читаше на насмеаното лице.
Тинејџерот Христијан Бошевски (16) од Битола е најсреќното момче учесник на традиционалната манифестација пронаоѓање на светиот крст во водите на црковниот базен во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола. Дваесет и двегодишниот студент Борис Стефановски го извади чесниот крст од соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово.
Дваесет и четиригодишниот Дарко Митровиќ од општината Центар го извади чесниот крст од водите на Вардар во рамките на централната манифестација за одбележување на празникот Водици во Скопје, која се одржа кај мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј ин“. Митровиќ беше најсреќниот меѓу 160 пријавени за фаќање на крстот што во водите на Вардар го положи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот г.г. Стефан.
Дваесет и тригодишниот Милко Божиновски од Ростуше го извади осветениот крст од водите на Радика, меѓу приближно 300 верници. Дваесет и четири годишниот Петар Чакарески го извади светиот крст од водите на реката Црн Дрим во Струга. Бојан Ѓеоргиевски беше најсреќен и највешт и успеа да го фати светиот крст меѓу четириесетина момчиња што се фрлија во студените води на реката Брегалница во Делчево. Младиот Христијан Џеповски, пак, го извади светиот крст од осветените води на Преспанско Езеро во општината Ресен.

Мартин Гоџо од Варош успеа по третпат да го фати крстот во водите на Охридско Езеро .А триесетгодишниот Бојан Џонов стигна до светиот крст во водите на реката Брегалница во штипско Ново Село, што му се случува по вторпат. Тој живее во Германија, но е во родниот град по повод големиот христијански празник. Наум Додевски е среќникот што го извлече светиот крст положен во водите на Крива Река, од педесетината што скокнаа по крстот, меѓу кои и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски. Светиот крст во водите на Вардар во Гостивар годинава го фати триесет и деветгодишниот професионален војник во АРМ, Бобан Симјаноски.Православните верници го прославија празникот Богојавление, кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден. „Бог се јави. Навистина се јави“ е поздравот со кој верниците секој 19 јануари го честитаат празникот Богојавление-Водици. Овој ден веќе се смета за еден од најголемите христијански празници, со кој му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството.Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ги организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на чесниот крст, а годинава, водите на Охридско Езеро првпат ги освети и во нив чесниот крст го положи новиот митрополит дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј.
Според верувањата, оној што ќе го фати крстот, ќе го следат среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити. Одбележувањето е најизразено во Скопје, на реката Вардар, и во Охрид и Струга, на Охридско Езеро и реката Црн Дрим. Н.М.
Женски Водици во Битуше – културното наследство претставено преку отсликување на минатото
Во Битуше, во општината Маврово-Ростуше, Водици-Богојавление се празнува уникатно, изворно, како пред многу години. Ваквото празнување на Водици во 2019 година е прогласено за културно наследство од исклучително значење.
На ова празнување во прв план се жените наречени кумстарки. Облечени се во оригинални и богати народни носии, некои стари повеќе од сто години, наследени од мајка на ќерка. Кумстарките со таблите на глава, во кои има домашен леб, одат во поворка низ селото до црквата и пеат водичарски песни за здравје и благодат. Во песните се споменуваат машките членови на семејствата. Со ова се отсликува минатото на селото кога повеќето од мажите заминувале на печалба, а жените останувале и ги одржувале домовите и семејствата. Со пеењето песни, жените им посакувале здравје на мажите гурбетчии.
Во дворот на црквата „Свети Архангел Михаил“, покрај пеењето, се игра Јованово оро. По орото, кумстарките одат во селскиот културен дом, каде што се остава лебот. Таму мажите ги сечат лебовите и се приготвува храната. Откако кумстарките, за кои е подготвена софрата, јадат први, по нив ручаат и мажите. Н.М


































