Фото: ЕПА

Вкупното глобално богатство на милијардерите е зголемено за 16 отсто лани на рекордни 18,3 трилиони долари, трипати побрзо од просечната стапка на раст во изминатите пет години – според извештајот објавен денеска од Оксфам, што традиционално се објавува на почетокот на Светскиот економски форум во Давос.

Богатсвото на најбогатите луѓе во светот се зголеми за дури 81 процент од 2020 година, се забележува во извештајот.

Во извештајот „Отпор кон владеењето на богатите: Заштита на слободата од моќта на милијардерите“, Оксфам предупредува дека богатите се повеќе добиваат политичка моќ за да ги обликуваат економските и социјалните правила во нивна корист, додека правата и слободите на мнозинството сè повеќе еродираат.

Милијардерот има 4.000 пати поголема веројатност да држи политичка функција за разлика од обичен човек, додава организацијата, предупредувајќи дека најбогатите луѓе во светот поседуваат повеќе од половина од најголемите медиумски компании во светот.

Минатата година, бројот на милијардери за првпат надмина 3.000, а најбогатиот меѓу нив, Елон Маск, стана првата личност во историјата што надмина 500 милијарди долари богатство.

Зголемувањето на богатството на милијардерите од 2,5 трилиони долари е речиси еднакво на вкупното богатство на 4,1 милијарди најсиромашни луѓе во светот.

Оксфам, исто така, истакнува дека сиромаштијата повторно е во пораст во Африка, додека намалувањето на екстремната сиромаштија е застанато на нивото од 2019 година.

Глобално, едно од четири лица редовно прескокнува оброци, а намалувањето на буџетот за помош на најранливите би можело да доведе до повеќе од 14 милиони дополнителни смртни случаи до 2030 година.

Во извештајот се вели дека граѓанските слободи и политичките права се намалуваат глобално веќе 19-та година по ред, со повеќе од 142 значајни протести во 68 земји минатата година, честопати насилно потиснати од властите.

Оксфам предупредува дека падот на демократијата е седум пати поверојатен во земјите со висока нееднаквост.

Организацијата ги повикува владите да воведат реални планови за намалување на нееднаквоста, ефикасно оданочување на супербогатите, зајакнување на одвојувањето на богатството од политиката и заштитата на граѓанските слободи и ограничување на влијанието на богатите врз медиумите и политичките кампањи.