Во галеријата МКЦ во Скопје е отворена изложбата на Дарко Христов – „Трага-13“. Изложбата ќе биде отворена до 5 февруари. „Трага-13“ ја разгледува сликата како резултат на континуиран процес на работа. Делата се развиваат преку слоевитост, повторување и варијација, при што бојата и линијата постепено се менуваат и се надоврзуваат една на друга, создавајќи јасно структурирани површини. Во рамките на изложбата се застапени различни пристапи, од поинтензивни слоевити композиции до поедноставени и фрагментирани решенија.
Практиката на Христов е фокусирана на самиот процес на сликање. Површината ја задржува динамиката на работата, со видливи промени и интервенции што се случуваат со текот на времето. Изложбата нуди јасен и директен увид во овој начин на работа и остава простор за индивидуално читање на делата.
– Дарко Христов постојано се движи меѓу архитектонската практика и уметничкото истражување. Овие две дисциплини, иако функционираат според различни правила, кај него се појавуваат како поврзани начини на размислување. Архитектурата и уметноста не се третираат како одделни полиња, туку како процеси што се надополнуваат и меѓусебно влијаат. Оваа изложба го прикажува сликарството како начин на размислување и како процес што се развива со време. Делата не нудат готови значења, туку отвораат простор за внимателно гледање и лично доживување. Тие го покануваат гледачот да го следи процесот и да ја доживее сликата како простор што се гради, а не како фиксен резултат – пишува во најавата за изложбата.