- Порано кажавме дека САД мора да ја сочуваат империјата во она што го нарековме „орбита“, т.е. простор од Арктик, па Гренланд, па двете Америки, Антарктик, Австралија, Јапонија, Океанија плус. Споменавме договори. Значи преоѓаме од „општествен договор“ на Русо во „договор на империите“ и од политичка економија во геополитичка економија. Наративот за „распаѓање на Америка“ е желбичка на некои вистински и некои лажни идеалисти што сонуваат за поубав свет
Не е. Ни приближно. Но е крај на голем хорор, кој се заменува со помал. Постои циклус и не може еден систем да биде вечен, но може принцип (репресија) да биде долг. Темите Гренланд или Венецуела се излишни, бидејќи тоа е завршена работа. Сега само доаѓа време на соопштување или, поточно, време за наплата на минатиот труд. Што е разликата меѓу Гренланд и Македонија? Поевтини сме. Како ќе станеме подобри? Ако сме поскапи. А тој „минат труд“ значи инфилтрации, шпионажа, поткупување, сателитско набљудување, технологии, вооружување, финансиски инструменти, универзитети, армиски бази, договори итн. Сето тоа чини пари, нели? Порано кажавме дека САД мора да ја сочуваат империјата во она што го нарековме „орбита“, т.е. простор од Арктик, па Гренланд, па двете Америки, Антарктик, Австралија, Јапонија, Океанија плус. Споменавме договори. Значи преоѓаме од „општествен договор“ на Русо во „договор на империите“ и од политичка економија во геополитичка економија. Наративот за „распаѓање на Америка“ е желбичка на некои вистински и некои лажни идеалисти што сонуваат за поубав свет. Поубав свет нашите генерации нема да видат. Извесна реалност за таков „распад“ беше периодот на ковид и на џихадистите, кои ги окупираа универзитетите и други установи со верзија дека така ќе им стават крај на „ционистите“, Евреите и „неверниците“ (овде се вклучени христијаните, други религии и исламисти што не се на линија со џихадизмот). Луѓето сакаат леб, а не нечии шизо-идеи.
Зошто е донесен претседателот Трамп од она што тој го нарече „длабока држава“ (велам „донесен“, а не „избран“, бидејќи сѐ е математички модел)? За да ја сочува империјата, а неговиот интересен и егзотичен настап е само вербален рулет. Ако сте го читале Најал Фергусон (многу го препорачувам), за Ротшилдите кажува дека некој од нив рекол „не е важно која будала седи на престолот, туку е важно да слуша“. Не се ни Ротшилди баш тие што денес „владеат со светот“, но се одлични менаџери на парите – база на сѐ што нарекуваме капитализам, комунизам, фашизам или џихадизам. И колку чини прикаската за САД? Одговор: колку што чини долгот (велат 40 трилиони долари) плус годишен доход (30 трилиони) X години. И кој ќе плати? Па, „орбитата“ плус Европа, плус ние, плус „прокси“ (некои исламски земји, идниот Иран, Африка), плус…. кој плати е во орото, а кој не плати…! Е па, да се вратиме на Иран.
Според ХРАНА (Human Rights Activists News Agency and EU TV Agency) до денес (12 јануари 2026) се убиени 550 лица и многу обезбедување.
Бројот расте експоненцијално кон неколку илјади. Загинати има во Исфахан, Ком, Јасуј, Керманшах, Илам, Лорестан, Техеран и 31 провинции. Исклучен е интернетот, социјалните мрежи и вестите се одвај достапни (Маск и „Гугл“ се нудат да бајпасираат). Дали ќе престане? Можеби, но стимулирачките фактори ќе се зголемуваат. Кои се причините (познати/непознати)? Репресија (средновековен крвав режим на ајатоласите, извоз на џихадизмот по светот – Балкан, Европа, Америка, па дури и Русија и Кина), мамутска инфлација (велат над 50 отсто, храна 70 отсто со огромно печатење на фиат-пари), мизерија, блокади, антифеминизам, војна, нарушена економија, нема вода…. шпионажа и војна. Со еден збор, сите овие фактори (економски, верски, етнички, политички) ги викаме „ексцес“. Ексцесот води до хаос. Физичарите ова го викаат „ентропија“. Ентропијата е фактор за промени во материите (агрегатна состојба, фрактура), работата на машините, вселената или болести.те Клод Шенон, американски информатичар, измислил ентропија на информациите. Таа е важна во разузнавањето – агенциите постојано креираат ентропии што предизвикуваат кризи, а тоа е случај и во Иран, каде што ентропичен инпут создаваат моќни западни агенции – ЦИА, НСА, ДИА, МИ6, Мосад, Јунит8200, МИТ, други многу тајни за кои ништо не се знае, а и од Истокот. На пример, НСА има информации за секој човек на планетата, со модел кај ќе биде и што ќе прави следниот ден и понатаму. Исто и на исток. Еден нивен компјутер троши повеќе енергија од цела Македонија. И колкава е сметката? Разузнавањето во Иран чини милијарди долари – агенти (понекогаш ги тренира на теренот од самото детство), поткупување, мобилизирање, инфилтрации (луѓе, дронови, сензори, биоматеријали) со континуирани промени и пролиферација. Иранската служба за време на династијата Пахлави е создадена од Абвер, Ес-ес, МИ6, НКВД, Мосад, Удба и ЦИА. Тито беше голем пријател на шахот Мохамед Реза Пахлави во врска со „неврзаните“ и коинцидентно во исто време „заминаа“ – 1979-1980 г. Ентропијата во Иран веднаш создаде огромни немири (ајатолахот Хомеини – од Франција – тамошните служби версус Англија и Америка), а Југославија „издржа“ уште 11 години. Некако во тоа време Иран го погоди многу силен земјотрес и бедата го докрајчи. Не би ме чудело и сега да се јави некој земјотрес. Е па, тоа укажува дека диктаторските империи имаат времетраење. На пример, советската траеше 69 години, Југославија и Варшавскиот пакт 45 години, а Хитлеровиот ултраекстремизам 12 години. Значи веројатноста на иранскиот екстремизам да замине е од сега (47 години) до следните 10-20 години. Тоа е многу забрзано од агенциите што ги наброивме. Има и предиктивни модели, на пример на Коперник-Гил, или „универзален модел“, а Lefell користи ЧетГПТ (Pham&Cunningham) за економски предвидувања, а и директни политички, кои де факто се врзани за економските. Може и вие да се забавувате. Колку ќе траат империите на Кина или Америка (режимот на Мао траеше 27 години, па од комунизам преоѓа во строг псевдокомунизам, кој досега трае 28 години). Зошто Кина и Русија „не реагираат“ на случувањата во Иран? Тоа нам така ни се чини. Пред сѐ тие имаат вигорозна разузнавачко-шпионска активност не пониска од западните (ФСБ,ГРУ, 3ПЛА, МСС – во СИГИНТ, ИСР, воздухопловно разузнавање), потоа воени бродови во Јужна Африка, кооперативни документи, парцијална политичка подршка. А имаат и договор со САД. Но покрај соработките има дихотомни интереси – идеолошки, политички, територијални, разузнавачки и воени. Иран има интерес за доминација или барем силно влијание на Блискиот Исток и Јужна и Средна Азија (исламскиот свет, плус Ерменија, Азербејџан, Пакистан, па до Кина), што е во суперпозиција на интересите на Русија, Турција, САД, Израел, па дури и Кина и Индија. Разузнавачи се инфилтрирани од сите страни (иранска МОИС и ИРГ, кои се инаку инфилтрирани од ЦИА, Мосад, Аман, МИ6, МИТ и моќните МСС, ЏИББ, РАУ, ИСИ) – како што велеше Бжежински „пријателско шпионирање“. Односите се многу осцилациски, миграциите во самиот Иран се историски масивни, желбата на Иран за експорт на џихадизмот е колосална (за џихадскиот глобализам зборувавме и порано), посебно и моќниот Корасан – значи разузнавачка и физичка војна на „секој со секого“ (Hobbes, Stirner, Rudolph Steiner). Потоа интересите за нафта и вода со околината. Особено Кина е главен увозник на нафта од Иран (да се потсетиме, војната на Јапонија со САД е поттикната од ембарго на нафта)… Цената – ќе скока! Може да се случи Кина утре да купува иранска нафта од Америка и сојузници. Но тука се и компетициите со Ирак. Огромен фактор (некои мислат и есенцијален) се верските антагонизми – пред сѐ историскиот судир меѓу Сунитите и Шиитите што ги надминува хобсијанските димензии. Велат дека омразата меѓу овие две секти е поголема од омразата кон Израел, но е асиметрична (90 отсто од исламистите во светот се Сунити). Џихадистите се и Сунити и Шиити, па тоа им е заеднички именител. Ако претпоставиме дека светот го освоиле џихадистите (иднина на Хантингтон), тогаш ќе има светска војна меѓу овие две секти. Секако дека има и многу други исламски секти, но засега не се проблематични. Антисемитите велат дека Евреите ги „измислиле“ Шиитите преку пророкот Али, а сега се во судир (каде е логиката нека ми каже некој попаметен од мене), а други – антианглосаксонци велат дека судирот го монтирале Англичаните (силните протестантски служби од времето на Елизабета Прва и Кромвел, а Бжежински ги инсталира Муџахедините, подоцна и Талибанците во Авганистан и Пакистан, присутни и во Југославија).
Да не ги заборавиме и Турците, кои се Сунити, а со Иран се во антагонизам заради доминација на Блискиот Исток, исламскиот свет и туркофонскиот свет (бивши советски републики). Турција-Израел се гласноговорни „јатрви“ (се напаѓаат медиумски), но на ниво на разузнавање и трговија се соработници. Во минатото (велат и сега) Израел извезувал огромни количества оружје во Турција, а од неа добивал вода. Разузнавачите инпутираат идеја за поделба на Турција – секако заради полесна контрола, можеби и фацилитација за влез во ЕУ (сомнителна тема), секако огромното присуство на Курди (една третина од Турција, 15-17 отсто од Иран и 15-20 отсто од Ирак, со подршка од САД и Израел). Во времето на шахот Пахлави постоела воена и консултативна соработка меѓу Израел, Турција, Иран и САД. Со доаѓањето на ајатолахот Хомеини тоа е укинато. Синот на шахот по име Реза Пахлави (пилот и политичар, кој живее во Египет) е „милениче“ на Израел, секако продукт на службите од Израел и САД, и има интенција да се врати во Иран како нов шах. Изгледа дека САД не се апсолутно загреани со таа идеја, можеби поради преферирање на републиканските тенденции. Исто така, се будат сеќавањата на ексцесите на татко му – деспотизам, апсења, репресии, корупција, сексуални ексцеси, нафтени афери и тогашните нуклеарни аспирации.
Како ќе заврши сето ова во Иран? Наједноставен одговор е: ако има договор на големите сили (Game of Thrones – Dragon Peace), режимот ќе падне со инсталирање „марионетски режим“ слично на Сирија. Ако нема договор, нема ни мир во Иран и ајатолската империја продолжува во спектар од идни немири. Дали има договор? Искрено, не знам и се потпирам на класична Аристотелова логика. Но постои извесно протекување на информации, доста важни. Договорите во Алјаска на површина изгледаат бледо во однос на Украина, но постојат фундаментални стратешки „скици“ на глобалните стратешки тенденции. Некакви „нови Јалти“ и „нови Техерани“. Тие „ликиџи“ за мене не звучат сјајно, бидејќи не знам каде е Македонија во тоа. Наводно се заговара некакво „зонирање“ на Европа, која е во дистрофија, а и Балканот со „источна и западна“ зона на влијанија. Не баш како некогашните Источен и Западен блок, но некоја мутација од тоа. Украина зависи потполно од Русија (не ми е подрачје од добро познавање – но од разните коментари ми се чини дека линиите се Црно Море, Дунав и Днепар, плус и малку од Запад). За возврат, Трамп ќе ги исполнува своите (заткулисни) проекции за Блискиот Исток, двете Америки, Гренланд итн. Во постукраинскиот период ќе заживеат бизниси меѓу Исток и Запад, па тоа е малку „кислород“ и за нас. Дали ќе има војна со Иран? Нема „ликиџ“ информации и тоа е некаква „покер“ ситуација – воени засилувања и блефирања. По мое мислење – ако страните вистински си ги сакаат своите народи, ќе научат од претходниот спектакл на ракетирања и војна нема да има. Но, најсетне, мое долгогодишно искуство е дека политичарите не си го сакаат народот (без разлика дали се Израелци, Иранци, Евреи, џихадисти, исламисти или христијани) – туку само своите интереси! Не се согласувате? Може… тогаш се гледаме во Аушвиц! Иранците бараат преговори (волкот стана лисица), а пријателот Трамп од лисица станува волк. Критични услови се – деајатолизација а ла Сирија, прокси-разоружувања, нафта, нуклеарки и лансирни системи. Аеро-марински воени поместувања на САД се индикативни. А ОН? – Што беше тоа? А берзите? Ќе растат! Ако има ракетирање – Иран ќе гаѓа градови. САД и Израел – лансирачки рампи и бази, па таргетирање на Хамнеи, Мусави, Иранската гарда… Верувам (над 50 отсто) дека проблемот ќе биде решен одвнатре.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио

































