Бендот „Корка“ од Кочани, кој е еден од водечките млади бендови од Македонија, од 3 јануари ја започна годината со својата прва интернационална турнеја, со седум концерти низ шест држави. Публиката во Приштина, каде што свиреа во алтернативниот културен центар „Термокис“, ги слушна на 3 јануари, а веќе следниот ден беа во Подгорица, во друштвениот културен центар „Помаранџа“. Потоа се спуштија на море, во Задар, каде што свиреа во автономниот друштвен културен центар „Нигдјеземска“ на 6 јануари. Следуваа и два настапа во Словенија, Љубљана, во „Гала хала“ и во Културниот дом во Железники, на 8 и 9 јануари. На крајот, по пат накај дома, го посетија Белград, со претпоследниот концерт од турнејата во „Квака 22“ на 11 јануари Тие ќе ја завршат турнејата, по мал одмор, со концерт пред домашната публика во „Котур“ во Скопје на 19 јануари.
Оваа турнеја доаѓа по неколку настапи надвор од Македонија, како оној на фестивалот „Чејнџовер“ во Белград есеноска, како и посетата на Брисел со нивен концерт на меѓународен натпревар, каде што ја освоија наградата од публиката пред само половина месец.
„Корка“ го издадоа своето прво самонасловено EP во мај 2025 година и веќе ѝ се добропознати на македонската публика по голем број настапи во Кочани и Скопје и еден во Битола. Тие се истакнуваат отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се под капата на независната музичка издавачка куќа „Мртов коњ“, кои се одговорни за организирањето на оваа турнеја.































