Од ракометното минато (7)
- Тешките услови за работа придонесоа Работнички да го загуби чекорот и да испадне од елитното друштво. Меѓу причините за испаѓањето секако беше и заминувањето на најдобриот играч и тренер на екипата Славко Матовски во ЈНА
Радоста на љубителите на ракометот во Македонија за почетните резултати на РК Работнички во Првата сојузна лига во голем ракомет не траеше долго. По пласманот на петтото место по првите неколку натпревари и победите над Железничар од Белград, потоа истоимениот клуб од Ниш и триумфот на гостувањето против Кладивар во Целје најавија оти вториот македонски прволигаш по ФК Вардар ќе има успешен од низ натпреварите во Првата сојузна ракометна лига. Меѓутоа, во есенските денови на 1950 година, кога сите ги триеја рацете од задоволството за успешниот старт на Работнички, дојде до голем пад и разочарување. Имено, најдобриот играч и тренер на екипата Славко Матовски мораше да замине во ЈНА, па клубот остана без главниот играч и мотиватор. Дури тогаш се виде колку е значајна улогата, за нештата да одат во посакуваната насока, само од еден човек. Одењето на Матовски на отслужување на воениот рок многу се одрази на игрите на Работнички. Без него екипата како да ја загуби својата победничка физиономија и почна да тоне.
За малерот на екипата да биде поголем, речиси во исто време во армијата замина и еден од клучните играчи, Стефан Тодоровски-Цефи. Со отсуството на двајцата носители на играта како да опадна мотивот и кај другите ракометари, па така, двајца од нив, Војчо Димитровски и Илија Ќовкаров, се определија да продолжат со фудбал, Тихомир Михајлов со кошарка, Драган Геровски-Дале со кошарка и со фудбал. Откако речиси половина од оној Работнички го снема, и кај другите ракометари опаднаа мотивите и почнаа да го напуштаат клубот. Така се повлекоа и прекинаа со ракометната активност и некои од пионерите во овој спорт, како Никола Таневски, Мите Панов, Александар Попов, Никола Киселички и Бранко Димитровски. Тие ракометната активност ја заменија со друг спорт, а некои комплетно престанаа да спортуваат и се трансформираа во спортски работници. Не можеа да се откажат лесно и затоа одлучија да помагаат и барем да создаваат подобри услови за тренинг на нивните следбеници.
Разочарување, но сепак продолжување на активностите
И членовите на УО на РК Работнички, наоѓајќи се во тешка и дури безизлезна ситуација, почнаа да си заминуваат од клубот. Меѓутоа, со тоа не можел да се помири професорот по физичко воспитување во СТХ училиште, Војо Ѓорѓевиќ. Тој презел една храбра иницијатива и предложил во Работнички, откако стана јасно оти клубот остана без играчи, да дојдат сите ракометари на РК Милиционер. Овој предлог бил прифатен, па и понатаму Македонија имаше претставник во Првата сојузна ракометна лига. Професорот Ѓорѓевиќ, кој бил и претседател и тренер, успевал некако да го одржува тимот, но со оглед на тоа што го немал потребното тренерско искуство, не можел да стори нешто повеќе. Работнички до крајот на првиот дел од сезоната нанижал шест порази и било очигледно оти тоа не е веќе оној стариот тим.
Искра надеж се појавила во почетокот од вториот дел, кога на отсуство од ЈНА дошол Славко Матовски. Тој видел со каков играчки кадар располага тимот и почнал со напорни тренинзи. Прво им го нашол вистинското место на ракометарите, а потоа во еден краток временски период работел на некои тактичко-технички варијанти. Истовремено во клубот се вратиле и некои од поранешните играчи, па така Славко успеал, што би се рекло, да „скрпи“ екипа, ако не за победи, барем за давање достоен отпор на квалитетните противници.
Уште во почетокот станало јасно оти е ова некој нов Работнички. Но и покрај сѐ, и покрај добрата игра во почетокот на вториот дел на шампионатот, скопјаните како домаќини, по водството од 2-0 против белградски Железничар, го загубиле мечот со 4-5. Очигледно било оти овој пораз се должел на долгото отсуство на квалитетна работа со ракометарите. И по два дена, овој пат во дуелот со Динамо од Панчево, кој во тој момент бил на второто место на табелата, се повторила истата слика. И покрај големиот отпор што го дале, сепак, скопјаните и овој пат не дошле до победата и доживеале втор пораз на домашен терен, и тоа со ист резултат, 4-5, како во претходниот натпревар.
Овие два натпревара покажале оти кај Работнички се вратил квалитетот и ја добил онаа физиономија како во деновите кога ги почна прволигашките натпревари со победи. Но сето тоа траело кратко време, зашто Славко се вратил во својата армиска единица и Работнички повторно останал без моторната сила. Без него Работнички ни одблизу не бил оној квалитетниот и цврст ривал. На крајот од првенството се пласирал на 12-то, последно место на прволигашката табела, што значело испаѓање од елитата.
Интересно средношколско првенство
И покрај оптимизмот што се јавил во почетокот на натпреварите во Првата сојузна лига, доаѓа до едно големо разочарување за македонската спортска јавност. Големиот ракомет почнал да ги живее најтешките месеци откако почнал да се игра на тлото на Македонија. Од десетина клуба, бројката паѓа само на три, Работнички, Работник (Битола) и Железничар (тогашен Титов Велес). Со оваа ситуација не можеле да се помират спортските љубители и одвај чекале да се појави некој што ќе го врати ракометот на старите позиции. За среќа, професорот Ѓорѓевиќ, кој вложувал големи напори во отсуство на Славко Матовски овој спорт да живее, наоѓа одличен соработник во колешката Равијола Стамовска-Дикица. Таа уште од почетокот, кога се појавил овој нов спорт на нашите простори, верувала оти во него и во машка и во женска конкуренција може да им бидеме конкурентни на сите ривали од поранешна Југославија.
Двајцата со помош на спортските фактори организираат Средношколско првенство на Скопје. Во него учествувале 10 машки и пет женски екипи. Ѓорѓевиќ и Стамовска влегуваат во работата со голем ентузијазам и постојано со екипите одржуваат тренинзи. Сето тоа придонело лига-натпреварите меѓу скопските средношколски тимови да се одржуваат без прекин. Во саботите и во неделите на фудбалските игралишта на Работнички и на Воениот полигон во Градскиот парк вриело од млади луѓе, едни се натпреварувале, а други навивале за екипата на своето училиште.
Сето ова давало голема надеж оти ракометот и понатаму ќе оди напред, и тоа со уште позабрзани чекори. Оптимизмот уште повеќе пораснал кога на иницијатива на Командата на скопскиот гарнизон била формирана екипата Борац, во која покрај армејците членувале и скопски средношколци. Така се создала поголема конкуренција, а Борац, иако новоформиран клуб, поради постојната инфраструктура немал никакви проблеми за одржување тренинзи и натпревари. За кратко време тој се издигнал и, иако уште бил далеку под квалитетот на најстариот клуб во Македонија, сепак, стручњаците му прогнозирале добра иднина. Инаку, во првиот меѓусебен дуел одигран на 30 март 1952 година на Градскиот стадион во Скопје, Работнички го совладал Борац со 16-4. Куриозитет е што овој натпревар се одиграл пред полни трибини. Тој всушност бил предигра на прволигашкиот фудбалски меч помеѓу Работнички, кому ова му беше прва и единствена сезона како прволигаш, и Динамо од Загреб. Ракометарите на Работнички инспирирани од полното гледалиште му ја наполниле мрежата на Борац. Најефикасен играч бил Поповиќ со пет гола, Матовски и Николов постигнале по три, М. Тодоров два, Михајлов и Стефановски по еден погодок.
Видиниќ – ракометен голман
Имало многу интересни случувања во годините пред да згасне големиот ракомет. Во Скопје често се одигрувале ревијални натпревари, кои биле мошне интересни и забавни за гледање. Во тоа време најпривлечни биле мечевите од средношколската лига, особено оние помеѓу најдобрите во лигата, Гимназијалец и Средното техничко училиште. Гледачите на неколку натпревари имале можност на голот на Гимназијалец да го видат и познатиот фудбалски голман на Вардар Благоја Видиниќ-Лопар, кој подоцна го бранеше и голот на југословенската фудбалска репрезентација. Тие уживале во неговите бравурозни одбрани, исто како што уживале и во прекрасните интервенции на голманот на „техничарите“ Борче Стојковски, кој, според записите на Славко Матовски, бил еден од најдобрите чувари на голот во големиот ракомет.
Тоа биле убави времиња, незаборавни. Генерациите се менувале, доаѓале една по друга, но благодарение на записите на Славко Матовски, тие остануваат запишани и во нашата ракометна историја. Во неа останува запишано оти последен шампион на Македонија во голем ракомет во машка конкуренција бил Работнички, а во женска Работник од Битола, кој беше и пионер во женскиот ракомет кај нас.
И кога веќе дојде време да се разделиме од големиот ракомет, по доаѓањето на сцена на малиот ракомет, оној денешниот, во 1952 година, уште едно потсетувања на времето кога оваа игра беше многу популарна. Македонија, која го следеше европскиот ракометен тренд, покрај Славко имаше уште еден југословенски репрезентативец. Тоа беше Драган Геровски-Дале, кој на Универзијадата во Москва беше прогласен за најдобар играч. Инаку, како што сите членови на СД Работнички беа сестрани спортисти, таков беше и Дале. Тој беше одличен фудбалер и кошаркар.
Серијалот продолжува со почетоците на малиот ракомет.
































