РАКОМЕТ – ВO ПРЕСРЕТ НА ЕП 2026
- Тој ден кога ќе донесам лична одлука пред професионална, тогаш престанувам како тренер, оти тогаш повеќе не сум во форма. Значи, секогаш се потсетувам дека морам да го направам најдоброто за националниот тим, а не најдоброто за себе, вели селекторот на Данска, Јакобсен
Во пресрет на Европското првенство (ЕП) 2026 за мажи, истакнатиот селектор на данската репрезентација (која е и прв противник на Македонија во групата Б), Николај Јакобсен, објасни што ги прави неговите тренерски стратегии толку ефикасни, во најновата епизода на „Ракометни мајстори“ на јутјуб-каналот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), дом на ракометот.
Триумф на ЕП за мажи не е лесно. Можеби нема подобар доказ за таа изјава од фактот дека Николај Јакобсен (54), двократниот тренер на годината на Светската ракометна федерација (ИХФ), кој ја водеше данската репрезентација полна со ѕвезди до четири круни на Светското првенство (СП) и златен олимписки медал, сѐ уште не ги предводел Данците до титула на ЕП. Јакобсен и неговиот тим ќе се стремат да го остварат тоа на ЕП на домашен терен на 1 февруари, кога финалето на ЕП 2026 ќе се одржи во данскиот град Хернинг. Без разлика дали Данска ќе триумфира на претстојното ЕП или не, нема сомнение дека Јакобсен е еден од најголемите ракометни тренери што постоеле.
По една деценија како играч во националниот тим, Јакобсен ја презеде функцијата тренер на репрезентацијата во 2017 година и работеше со некои од најдобрите играчи во спортот уште од првиот ден. Но тренирањето на таков елитен национален тим не е толку едноставно, како да се соберат седумте најдобри играчи на теренот заедно.
– Не е лесно. Секако, има многу добри играчи, но и играчи што се малку подобри од другите. Има многу играчи за кои морам да видам како можам да ги искористам, како можат да влезат во овој тим. Можеме ли да ги користиме со играчи како Питлик, Гидсел, Лауге? Каде и како да ги вклопам? Значи, тоа е секако тешко – вели Јакобсен.
Донесувањето одлуки за тоа кои играчи ги носи на турнири, како што е ЕП за мажи или да ги користи во одредени ситуации во натпревар, создава главоболка при изборот за Јакобсен, со која малку други тренери мора да се справат.
– Мора да донесете одлука. Тешко е да му се јавите некому, кој е можеби еден од најдобрите играчи во светот на неговата позиција, и да му кажете дека има уште двајца што се подобри – појаснува Јакобсен.
Откако е на таа позиција толку долго време и изградил одлична тренерска кариера во Алборг и Левен пред да ги преземе обврските во националниот тим, Јакобсен изградил безброј силни лични односи со оние околу него. Сепак, тоа што не дозволил тие односи да влијаат на неговото донесување одлуки му помогнало да остане на врвот толку долго.
– Најтешко беше да му се јавам на Мадс Ларсен и да му кажам: „Мадс, нема да учествуваш на Олимписките игри“. Но секогаш велам, тој ден кога ќе донесам лична одлука пред професионална, тогаш престанувам како тренер, оти тогаш повеќе не сум во форма. Значи, секогаш се потсетувам дека морам да го направам најдоброто за националниот тим, а не најдоброто за себе – вели Јакобсен.
Што се однесува до претстојното ЕП 2026 за мажи, на кое Данска е кодомаќин заедно со Норвешка и Шведска, Јакобсен верува дека неговиот тим е подготвен за предизвикот.
– Мислам дека се подготвуваме добро. Детално ги разгледуваме нападите и одбраната, така што секој знае што треба да направи. Не мислам дека се нервозни, оти знаат каков е планот. Мора да го направат тоа на тој начин, но исто така знаат дека имаат индивидуален квалитет да ги прават тие работи. Мислам дека тоа е голем дел, дека имаме многу самодоверба во себе и во работите што треба да ги направиме – оптимист е Јакобсен.
Може ли Данска конечно да стигне до крајот и да ја освои круната на ЕП, 14 години по последниот триумф?
– Добрата работа во тренирањето на данската ракометна репрезентација е секогаш моментот. Нема да победуваме секогаш, бидејќи има многу други добри репрезентации, но секогаш имаме шанса да победиме. Г.И.
































