На веб-страницата на НУ Драмски театар-Скопје е објавен годинашниот конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.
– Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување за пишување нови драматуршки текстови, Драмскиот театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор Горан Стефановски. Преку овој конкурс, театарот сака да даде поддршка на драмско творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма. Право на учество имаат автори, државјани на Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постојни книжевни или драмски форми – велат од Драмскиот театар.
Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година, а пријавата треба да биде подготвена во согласност со насоките што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар-Скопје. Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Со оваа награда, НУ Драмски театар-Скопје ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмскиот театар беа поставени 15 негови претстави, од кои осум беа праизведби.
Вчера беше последен ден за пријавување на јавниот повик за проектот „Денови на независната сцена во Драмски“ што во Драмскиот театар-Скопје ќе се реализира од 14 до 17 јануари 2026 година. По направената селекција на апликациите за претставите пристигнати на јавниот повик, Драмскиот театар ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот, како и потребната техника, со што ќе овозможи изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.
































