Добро утро Веро,… надеж, љубов!

  • Вратете ја бистата! Овој чин не е само материјално исчезнување на едно
    обележје туку етичко понижување на колективната меморија. Бистата на Вера Јоциќ не е украс во парк, таа е морална порака, сведоштво за една генерација што ја извојува слободата со сопствена крв и жртва. Кога таа порака се уништува, се уништува и врската меѓу минатото и сегашноста, меѓу жртвата и благодарноста. Во секој споменик е втиснато нешто повеќе од бронза или од камен – тоа е етичка обврска. Да се сквернави споменик значи да се сквернават сопствената историја, сопствената државност, сопствената културна вертикала. Народ што не ги чува своите споменици, не ја чува својата душа

Еден постар скопјанец секое утро шетајќи низ Градскиот парк застанувал пред бистата на Вера Јоциќ. За него тоа не беше само бронзен лик туку живо потсетување на младоста што ја положила за слободата. „Добро утро, Веро“, знаеше да прошепоти, како да ѝ се обраќа на стара пријателка. Тој мал ритуал беше негова тивка благодарност, дел од неговата морална врска со историјата. Но еден ден, застанувајќи на истото место, го дочека празен постамент. Бистата ја немаше. „Каде си, Веро?“ – изговори, но одговор немаше. Во тој миг сфати дека кражбата не е само материјален чин туку симболичен удар врз достоинството на сите нас.
Вандализмот врз меморијалните споменици и спомен-обележја во Македонија одамна престана да биде случајна појава. Тој се претвори во рутина, во навика што ја разголува нашата морална криза и културна рамнодушност. Најновиот чин – кражбата на бистата на народниот херој Вера Јоциќ од Градскиот парк во Скопје – е повеќе од обична кражба. Тоа е симболичен удар врз достоинството на народот, врз жртвата на една жена што ги положи својата младост и живот за слободата.
Но ако се задржиме само на фактот на кражбата, ќе ја пропуштиме суштината. Овој чин не е само материјално исчезнување на едно обележје туку етичко понижување на колективната меморија. Бистата на Вера Јоциќ не е украс во парк, таа е морална порака, сведоштво за една генерација што ја извојува слободата со сопствена крв и жртва. Кога таа порака се уништува, се уништува и врската меѓу минатото и сегашноста, меѓу жртвата и благодарноста. Во секој споменик е втиснато нешто повеќе од бронза или од камен – тоа е етичка обврска. Да се сквернави споменик значи да се сквернават сопствената историја, сопствената државност, сопствената културна вертикала. Народ што не ги чува своите споменици, не ја чува својата душа.
Законот за меморијални споменици и спомен-обележја предвидува казни – парични или затворски – за вакви дела. Но правото е само надворешна рамка. Ако зад него не стои внатрешна морална свест, тогаш казната останува празна буква. Вандализмот е повеќе од кривично дело: тој е симптом на културна незаинтересираност, на заборав што ја разјадува државата однатре. Во последните години беа оштетени голем број споменици на личности и настани од Народноослободителната војна и партизанското движење. Тоа не е случајност, туку континуитет на заборав и небрежност. Секој скршен споменик е скршена врска со историјата. Секое украдено обележје е украден дел од нашата колективна меморија.
Затоа повикот мора да биде јасен – Вратете ја бистата! Не само како предмет туку како симбол на враќање на достоинството. Да ја вратиме бистата значи да ја вратиме почитта кон Вера Јоциќ, кон сите што се бореле за слободата и кон самите себе како народ. Етиката нè учи дека рамнодушноста е најголемиот грев. Ако дозволиме спомениците да исчезнуваат, исчезнува и нашата морална основа. А без морал, нема ни општество. Враќањето на бистата е повеќе од реставрација – тоа е враќање на нашата човечност, на нашата културна вертикала, на нашата историска одговорност.
И токму деновиве, кога Македонија се прости од својот голем етичар Кирил Темков, неговата мисла одекнува како опомена и како надеж дека „Споменикот не е камен или бронза, тој е морална порака. Ако ја изгубиме, ќе ја изгубиме и сопствената историја“.