Ако денот по вестите се препознава, тогаш најважна вест е заминувањето на Анџела Агелер Прајс, деветтиот амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија. Иако е најкрупна, сепак не е вест што ќе ја потресе македонската држава. Агелер заминува, но Америка останува цврсто на македонската земја.
Сѐ уште е рано да се оценува дали Анџела беше бог, ангел, демон или некоја трета инкарнација на американската политика кон Македонија, но, генерално, сигурно не беше кртот што премногу ја ровареше политичката сцена. Искусна, со долг дипломатски стаж во несигурни земји, без преголемо лично јавно експонирање, си ја тераше генералната американска политика и ги чуваше американските интереси. Доволно за да биде добра за Американците, доволно да не донесе нова штета за Македонците, како што донесоа некои од нејзините претходници.
Амбасадорката Агелер, во нејзиниот мандат, е директен не многу говорлив сведок на оштетувањето на македонското национално прашање, на доведувањето во загроза на македонскиот идентитет, јазик, писмо и културно наследство преку заклучоците на Советот на Европа (францускиот предлог). Нејзиното време е обележано и со притисоците врз Македонија да го смени Уставот, односно да ги запише Бугарите во него, предлог што го поддржува и за кој се залага.
Во помалку познатиот нејзин регистар ќе остане запишано дека кога таа била амбасадорка во Северна се случиле неколку поголеми пресврти на македонската политичка сцена. По осумгодишно владеење, СДСМ ги загуби изборите, падна владата на Заев – Ковачевски. Победи ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски, партија кон која амбасадата или дел американски претставници не покажуваа симпатии. Истата партија убедливо ги доби и локалните избори иако нејзе ѝ припишуваат антизападна ориентација. По дваесетгодишно владеење, развластена е партијата за европска интеграција (ДУИ), долгогодишен миленик на амбасадата, од дотогаш непознатиот фактор ВЛЕН. Али Ахмети, некрунисаниот крал во албанскиот политички блок, е оддалечен од Владата, неговата партија го загуби ореолот на непобедливост и недопирливост. Сигурно тоа не може да ѝ се припише како заслуга на амбасадорката, но никако не може да се исклучи нејзиното силно влијание. Јавно или тајно, сеедно.
Република Македонија, тогаш под името Поранешна југословенска Република Македонија (ФИРОМ), ѝ ги отвори официјално вратите на Америка пред рамно триесет години, кога двете држави формализираа партнерство засновано на доверба и заедничко почитување на демократските вредности. Американските дипломати веруваат дека тридецениското партнерство меѓу Македонија и САД му помогна на македонскиот народ да стане посилен, послободен и поуспешен. Така мислат и нашите дипломати и добар дел од граѓаните, оценувајќи го перидот од првиот амбасадор Кристофер Хил до Анџела Агелер, која нема да биде последниот.
Не се во прашање само подарените, низ разни форми, пари, над една милијарда евра, туку поважни нешта, како што се поддршката во меѓународните организации, во внатрешните политички, уставни и економски реформи. Да не се заборави дека САД ја признаа Република Македонија во 2004 година под уставното име, но подоцна се приклонија кон другите решенија за името. Слично беше и за приемот во НАТО, за членството во Европската Унија, за војната во 2001-та, за таканаречената Тиранска платформа, како и за внатрешните уставни реформи. Токму по тие прашања македонската јавност е со поделени мислења околу улогата на Америка. Едни сметаат дека нејзината улога била погубна, други дека била и е спасоносна.
Ајде малку материјално-технички податоци од најновата македонска историја. Американската канцеларија за врски во Скопје стана Амбасада на САД во 1996 година. Во 2005 година Американците купија земјиште на ридот Градиште за околу 3 милиони долари (2,5 милиони евра). Денес таа цена би се оценила како багателна – џабалак, што би рекол еден од поранешните премиери. Амбасадата е отворена со помпи, балони, насмевки, радосни поздрави на 4 јули 2009 година, во време на амбасадорувањето на Филип Рикер, стар македонски познаник од 1990-тите.
Оттогаш до денес американската амбасада сместена на Скопско Кале е свето место во Македонија.
Кога во иднина експерти за финесите во македонскиот литературен јазик ќе прават нужни измени во речниците, најверојатно ќе треба одредницата означена со зборот „кале“ да ја збогатат со уште едно значење. Во сегашниот речник именката од среден род „кале“ има значење на – тврдина, град, „возвишение што служи како тврдина за одбрана“. На наведеното кусо и штуро објаснување ќе треба да се додаде новото значење.
Тоа дополнение би гласело вака: зборот Кале (напишан со голема почетна буква) значи „место, тврдина и возвишение од каде што со Македонија на почетокот на 21 век владее американската амбасада сместена на Скопско Кале“. Може да се додаде и ставот дека Калето е американска тврдина во Скопје, се разбира судено според архитектонскиот надворешен изглед на зградата.
Таквите дополненија имаат историска, политичка, воена и секаква друга оправданост. Имено, во која било книга што би ја листале за Скопско Кале би прочитале дека високиот рид наречен Градиште, попознат како Кале, со векови бил од стратешко значење за градот и за околината. Јасно произлегува дека Американците навистина биле итри кога таму ја сместиле својата амбасада, најтајното и најбезбедно здание на територијата на оваа земја, која го носеше името Република Македонија.
Јасна како ден била американската логика: ако локацијата била стратешка со векови, зошто да не биде уште постратешка сега и во иднина под нивна контрола. Нивните искусни експерти, меѓу кои се наоѓал и понекој цијаш, што не морало да биде историчар или археолог, сигурно претходно ја читале историјата на Скопје и на Калето. Прочитале дека од таа висока позиција управувале Византијци, Австријци, Турци, Срби, Бугари и непознати владетели. Треба да се верува дека за нив од големо значење бил фактот што за таа тврдина некои македонски археолози тврдат дека е од времето на Самоил.
Американците сигурно си рекле: кога можел оттука да владее еден голем македонски цар, зошто да не владееме и ние. Па, уште кога прочитале дека со Македонија пет века владееле Турци, станале многу поубедени дека таа е вистинската локација. Читале што напишале за тврдината турскиот патописец Евлија Челебија и австрискиот генерал Пиколомини. Па, кога дошле до понови документи, дека во минатиот век тука се наоѓале магацини и барутани, а подоцна имало и комунистичка касарна, конечно се решиле да ги искористат сите тие историски благодати и да го запоседнат Калето.
Така било, така и ќе остане, си рекле тие и ја изградиле зградата на амбасадата, брзо, да не се јави некој друг странски конкурент. Виделе дека меѓу домашните партиски, политички и полициски фирми нема ниту единство ниту таков материјален, кадровски и индивидуален капацитет.
Откако се оформи високото дипломатско претставништво, Калето веќе го губи приматот на историски локалитет, а го добива статусот на објект на иднината. Како синоним за американската политика кон Македонија. Кој и да го спомне Калето, веќе не мисли на скопскиот рид, туку чисто на Америка. Не Соединетите Американски Држави, туку само Америка. Таа е првата и последна политичка асоцијација. Визионерска, убедлива и конечна.
Американската амбасада сместена на скопската тврдина освен возвишената дипломатска важност, со текот на времето доби сакрални карактеристики. Полека, полека, станува храм во кој се одвиваат тајни обреди посветени на македонската политика и држава. Иако Македонија (Северна) по устав е секуларна држава, Амбасадата на САД во некои периоди (предизборни, изборни, шарени револуции, диви насеља) добива карактеристики на Црква и Џамија во која се крстат македонските, а се клањаат албанските лидери и други марионети на лидерите. Не само што едни се крстат, а други се клањаат, тие како крвни браќа заеднички се молат.
Тие ритуали се израз на вистинската демократија: нема национална, конфесионална, персонална, расна или родова разлика, иако одвреме-навреме се гледа дека една националност и една конфесионалност е поприоритетна од другата. Таква е американската демократија, која разбира дека во некои случаи и во некои за неа интересни држави, поважно е малцинството од мнозинството. Не само што едни се крстат, а други се клањаат, тие како крвни браќа заеднички се молат.
Верниците знаат дека молитвата е општење со Бога. А човекот отсекогаш и отсекаде се стремел да оствари комуникација и разговор со Бога или со Америка откако е откриена. Не е тешко да се заклучи дека нејзината сила доаѓа од нашата слабост.
Затоа едни мислат, други се уверени, трети не може да бидат разубедени, дека Калето е новоисториски монумент во Македонија. Пирамида на новото време. Или нешто како светилиштето Делфи во Елада. Допрва преку него ќе се испишува историја на Балканот, особено на Северна што е на југот.
Како и секое големо сакрално здание, Калето буди силни чувства. Кај едни предизвикува возбуда, растрепереност, страв. Други во него гледаат со надеж за подобро утре, на место кај што изгрева сонцето за Северна Македонија сместена на југот од Западен Балкан.
Панде Колемишевски
































