Хуманоста и споделувањето се неизоставен дел од празничната традиција што Нотарската комора на Република Македонија ја практикува низ годините. Оваа година донации од страна на Нотарската комора на РМ беа поделени во Дневниот центар за деца со посебни потреби во Тетово, Центарот за деца со церебрална парализа во Скопје и во Домот за доенчиња и мали деца во Битола, кој згрижува дечиња од најмала возраст до три години.
На 19 декември во посета на Центарот за деца со посебни потреби во Тетово беше потпретседателот на Нотарската комора на РМ, г. Наџи Зеќири, кој изврши примопредавање на донација со согласност со потребите на дневниот центар, и тоа технички апарати – машина за перење алишта и машина за миење садови.
На 20 декември во посета на новоотворениот центар за деца со церебрална парализа во Скопје беше потпретседателката на Нотарската комора на РМ, г-ѓа Олга Димовска. Во присуство на градоначалникот на општината Центар, г. Саша Богдановиќ, на дечињата им беа поделени новогодишни пакетчиња донација од Нотарската комора на РМ.
Нотарската комора на Република Македонија и оваа година не ги заборави најмалите, а тоа се дечињата од Домот за доенчиња и мали деца во Битола, на кои на 21 декември од страна на членот на управниот одбор, г-ѓа Виолета Ангеловска, во придружба на нотарката Билјана Дамјановска-Јанчевска им беше предадена донација од детски масички и столчиња, бебешка опрема, бебешки хигиенски препарати и млечна храна.
Подадената рака секогаш е добредојдена онаму каде што е потребно, а ние се надеваме дека ќе поттикнеме лавина од донации секаде каде што тие се потребни.
Нотарската комора на Република Македонија и во иднина, како и досега, ќе продолжи со хуманитарни акции и донации во текот на целата година.