Sobranie, MIckoski
Фото: МИА

Собранието денеска во рамки на 75. пленарна седница ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и Беким Сали за министер за евроинтеграции. Веднаш по изборот Хоџа и Сали дадоа свечени изјави пред пратениците.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски пред Собранието ги образложи предлозите Мухамет Хоџа да биде министер за животна средина и Беким Сали за министер за евроинтеграции.

– Денес пред вас го ставам предлогот за избор на двајца министри со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работа, на клучни ресори од извршната власт – рече Мицкоски.

За Хоџа рече дека кандидатот располага со долгогодишно искуство во државната управа и во извршната власт, дека е со ангажмани во повеќе институции со раководни позиции кои подразбираат одговорност, координација и работа во сложена административна и институционална средина.

– Неговото досегашно професионално искуство обезбедува познавање на процедурите, меѓуинституционална соработка и потребата од усогласување на различни јавни политики. Министерството за животна средина и просторно планирање, има важна улога во креирањето и спроведувањето на политики поврзани со одржливиот развој, националното користење на просторот и заштитата на животната средина. За овој ресор е потребен пристап кој што ќе се темели на законитост, институционална стабилност и континуитет во работењето,  што сметам дека кандидатот може да го обезбеди – рече Мицкоски.

За Беким Сали рече дека имал претходно искуство како министер, како и тековен ангажман во законодавната власт, што му овозможува јасно разбирање на односите помеѓу извршната и законодавната власт, и начинот на функционирање на државните институции.

-Ова искуство е особено значајно за Министерството за европски прашања кое има координативна улога во процесите поврзани со европската интеграција и реформските обврски на државата. Ресорот европски прашања бара систематска работа, усогласување на институциите, и следење на обврските што произлегуваат од националните и европските документи. Очекувањето е дека кандидатот ќе придонесе кон поефикасна координација и институционален пристап во овие процеси – рече премиерот Мицкоски.

Владата што ја води, како што кажа, станува посветена на одговорно, транспарентно и законито вршење на својата работа.

-Наш приоритет е стабилно функционирање на институциите, доследно спроведување на реформите, и создавање услови за подобар квалитет на живот на граѓаните. Секој член на Владата има јасна обврска да работи професионално, отчетно и во рамките на Уставот и законите, со цел да  се обезбеди доверба во институциите и континуитет во државните политики – рече Мицкоски.

Од предложените кандидати, додаде премиерот, се очекува своите функции да ги извршуваат професионално, во согласност со Уставот и законите, и во рамки на надлежностите утврдени со закон.

За работата Сали и на Хоџа зборуваа нивните партиски колешки Имерлие Фетаи Салиу и Саранда Имери Стафани, а поддршка за нив искажа и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Мицевски изрази поддршка за двајцата кандидати. Според него, предлогот Мухамед Хоџа да раководи со Минстерството за животна средина и просторно планирање, ќе ја добие целосната поддршката од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поради неговото професионално и политичко искуство, нагласувајќи дека во континуитет ќе ја следат работата на неговиот кабинет.

Тој говореше и за професионалните, управувачките и политичките капацитети на Беким Сали.

– Станува збор за кандидат со релевантно искуство, кој што работел во еден од најкомплексните државни ресори, како Министерството за здравство, што овозможува аргументирана дебата за компетенциите кои што ги има и неговата подготвеност за работа. Важи за човек со значително и забележително искуство со реформите, чуствителни јавни прашања и сериозни предизвици кои што се составен дел од ресорот здравство со кој раководел. Неговто политичко искуство, но и континуирана политичка кариера се надевам дека ќе ги искористи за продолжување на континуитетот на неговата работа и на новата позиција во Владат – рече Мицевски.

За пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива, Салиу е веќе искористен кадар во повеќе области.

– Кандидатот за министер за евроинтеграции е рециклиран во многу функции. Вие и ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ ја критикувавте ДУИ како политички субјект кој ги рециклираше раководните лица од владините функции. Но сега сите молчите. Овој кандидат беше министер за здравство во времето на СДСМ, кој не покажа ниту еден резултат. Две години е пратеник, но ниту еднаш никој не го слушнал – забележа Реџепи, нагласувајќи дека Алтернатива има поспособни луѓе во партијата.

Претходно Собранието го разреши Орхан Муртезани од министерската функција во Министерството за европски прашања.

Халил Снопче, од АА рече дека се поставува прашањето зошто Муртезани се разрешува, а не си поднесе оставка, ако има договор. Смета дека ова е порака од Муртезани дека ова не е негов неуспех, туку на Владата.

Според пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ неспособните министри остануваат во Владата, а ова е политички театар за да се скријат неуспесите во евроинтеграциите. Тренчевска ја критикуваше Владата која според неа не спроведува реформи и има економски неуспеси, цените растат, а платите не се зголемуваат.

Изборот на новите членови на Владата дојде по локалните избори одржани во октомври откако Изет Меџити стапи на градоначалничката функција во Општина Чаир, кој ги извршуваше функциите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.

На дневен ред на 75. седница се и повеќе закони и одлуки во редовна и скратена постапка.