Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, повика на континуирана поддршка за Украина, предупредувајќи дека Европа „ќе се соочи со зголемени безбедносни ризици доколку нејзината решителност се разниша“, објави ДПА.
За да се спречи рускиот претседател Владимир Путин да се обиде да нападне членка на НАТО, Украина мора да остане силна, рече Руте во интервју за агенцијата.
Тој, исто така, ја нагласи потребата членките на НАТО да ги зголемат своите трошоци за одбрана во согласност со обврските преземени на самитот на Алијансата во Хаг во јуни.
– Ако ги направиме овие две работи, ќе бидеме доволно силни да се одбраниме, а Путин никогаш нема да се обиде – изјави Руте за ДПА, осврнувајќи се на потенцијален руски напад врз Алијансата.
Поранешниот холандски премиер рече дека вооружувањето мора да се случи брзо. Во спротивно, проценките на разузнавањето би можеле да ја направат безбедносната ситуација опасна уште во 2027 година, рече тој.
Руте ги посочи воените трошоци на Русија како доказ за заканата што ја претставува Путин, велејќи дека Москва сега троши повеќе од 40 отсто од својот државен буџет за одбрана.
Тој додаде дека војната во Украина ја покажала подготвеноста на Путин да прифати тешки загуби, наведувајќи проценки дека досега се убиени или ранети околу 1,1 милион руски војници.































