- Сега имаме цврст доказ дека членството на Македонија е неприфатливо за Унијата и дека сите досегашни формални пречки биле само добар повод. И да бидеме сосема прецизни – Брисел не спроведува само своја туку и туѓа политика! Овде, токму тоа се анализира! Случајот со Украина, пак, е клучна и недвосмислена порака за нас – ако сакаме да продолжиме кон Брисел, мораме самите да се погрижиме
Еден познат руски поет напишал – ќе се откријат сите злодела / макар и земјата да ги крие цела. И бил во право. Токму тоа сега ѝ се случува и на Унијата. Брисел над 30 години го блокира нашето членство, повикувајќи се на едногласност во одлуките. Деновиве, меѓутоа, покажа дека тоа бил обичен параван насочен против Македонија. На истите тие што со децении нѐ убедуваа дека блокадите, прво на Грција, а потоа и на Бугарија, не дозволуваат наше преговарање за членство, сега не им пречи што некој ја блокира и Украина! И не само тоа и не само сега. Следниот Европски совет одобри кредит за Украина без согласност дури на три членки! А, на времето, и Словенија ја блокираше Хрватска, ама и тоа набрзина го решија. Ова се дополнителни потврди за нашиот случај. Решение, демек, секогаш – има(ло)!
Сега имаме цврст доказ дека членството на Македонија е неприфатливо за Унијата и дека сите досегашни формални пречки биле само добар повод. И да бидеме сосема прецизни – Брисел не спроведува само своја туку и туѓа политика! Овде, токму тоа се анализира! Случајот со Украина, пак, е клучна и недвосмислена порака за нас – ако сакаме да продолжиме кон Брисел, мораме самите да се погрижиме.
Финале на сите ЕУ-недоследности кон Македонија беше рамката за преговори формулирана во 2022 година. Таа нема никаква врска со Копенхашките критериуми, кои беа клуч за прием на сите членки, а се и за тие што преговараат. Сосема намерно, во нашата беа вклучени историските синдроми на Бугарија, со кои се негираат нашиот национален идентитет, јазик, историја… Така, во однос на Македонија, ЕУ се откажа од своите фундаментални вредности и нѐ стави пред непремостлива пречка. Исчекорот со Украина потврди дека за нас се спроведува посебно и – одбивно сценарио.
Сето ова значи дека е време да стапиме во акција. Друг избор – немаме. И најнаивниот веќе не може од Брисел да очекува поинакви акорди за Македонија. Случајот со Украина е директна потврда. Првиот потег мора да ни биде рушење на нивната недостоинствена и навредлива преговарачка рамка, со која нема никогаш да влеземе во Унијата. Таа е сега нашиот главен проблем. Промена на Уставот нема ништо да ни донесе. Заради наше бугаризирање, рамката е апсолутно надвор од сите принципи, процедури, правила, ама и вредности на Унијата. Само така се затвора „македонското прашање“, што е очигледна намера на главниот меѓународен фактор.
Кристално е јасно дека и утре да го смениме Уставот, со оваа рамка нема никаде да стигнеме. А нејзината промена е можна само со откажување на вториот протокол со Бугарија, бидејќи тој е нејзината основа. Досега можеше да има и дилеми – дали треба да се презема таков чекор ама ова со Украина, е јасна порака од Брисел околу тоа кој нѐ блокира и зошто. Тоа во никој случај не се Атина и Софија. Затоа, ако сакаме да продолжиме кон евентуално членство, мораме да дејствуваме одлучно и посветено.
Брисел предолго ја држи Македонија во маѓепсан круг од кој нема излез. Сега ни потврдија дека таков бил планот. Нашето незадоволство од Унијата е огромното – нѐ третираат како аморфна маса; имаат двојни стандарди комбинирани со блокади, уцени и ултиматуми; ветуваат, а не исполнуваат… Сепак, вината е наша. Со голтање кнедли – успех не е можен.
Со промените во Вашингтон и со новата американска политика, пред сѐ во однос на војната во Украина, ама и кон ЕУ, се срушија сите европски столбови. Лидерите, и во Брисел и кај главните членки, целосно се обезглавени и не знаат што прават. Од грешка, одат во уште поголема, во деградирање и на Унијата и на сопствените држави. Поголема будалштина од нивното подготвување за војна со Русија – не може да се замисли. Прво и основно, мора да им биде јасно дека Европа не може да биде ниту функционална, ниту безбедна, ниту просперитетна, а најмалку обединета – без Русија. Впрочем, над 40 проценти од територијата на најстариот континент е дел – токму од Руската Федерација! Сепак, однесувањето на европските лидери – не е неочекувано. До промените во САД, сите тие беа под директна контрола, нека биде и менаџмент, на – Вашингтон. Заради безбедносната зависност од преку океанот, сите правеа што ќе им беше кажано од таму. И кога драматично се променија американските политики, објективно, тие не можеа прекуноќ да се приспособат. Ќе се видеше дека цело време биле американски сателити и дека продолжуваат да бидат. Тоа беше превисока и неприфатлива цена. Затоа се најдоа во небрано, се вртат во маѓепсан круг и се стремат прудолу.
Да претпоставиме уште нешто многу веројатно. Ова што го прави ЕУ во однос на Украина е само обична психолошка поддршка за Киев и демонстрација дека не е слуга на САД. Ништо друго. Брисел и утре да ги започне преговорите, никогаш нема да ја прими Украина како полноправна членка. Нема теоретска шанса за тоа. Дали се мисли на некаква втора лига, која е веќе осмислена – е друго прашање. Или ќе се повторува турската приказна. Во голема мера, истото важи и за тие што преговараат и што очекуваат преговори. Проблем за Украина е заедничката земјоделска политика на Унијата, за која се одвојува над една третина од буџетот. Главен корисник е Франција и таа нема да дозволи некој да ѝ го земе колачето, исто како и неколку други членки. Со огромно земјоделско производство, Украина е отворена закана за тоа.
Во хаосот во кој се наоѓа ЕУ сега се прават и други почетнички грешки. Балканот го третираат како да сме во Јужна Африка. Ај што ги форсираат Украина и Молдавија за преговорите, иако е тоа неприфатливо, ама е тешка грешка што за нив ќе го укинат и роамингот од Нова година, додека за нас тоа ќе било подоцна! Тоа покажува невиден недостиг од слух за балансирана политика. Кого штитат? Телекомите што пљачкаат? Брисел предолго го запоставува Балканот, ама прашање е дали тоа (беше) е негова автохтона политика?
Новата меѓународна конфигурација е реалност. САД остануваат главен фактор, максимално ангажиран на меѓународната сцена. Има индикации дека на Вашингтон веќе не му треба НАТО, чија главна задача беше – одбрана на Европа. Сега, одбраната е проблем на европските држави. А без САД, Алијансата е незамислива и нема да опстане.
Дали тоа и ќе се случи, не е јасно. Добро е, меѓутоа, што ние навреме станавме членка! Ако сепак го снема НАТО, ќе мора барем името да ни го вратат?! За НАТО се прекрстивме. Главните фактори „сигурно“ ќе водат сметка за тоа!?
Вашингтон веќе не го крие ниту својот однос кон ЕУ. Сепак, немаат сила да ја избришат и Унијата. Како цивилизациско достигнување, таа секако ќе опстане. Но итно ќе мора и ЕУ длабоко да се реформира бидејќи сегашните политики ја водат право во – амбис!
И самитот Балкан–ЕУ, одржан во Брисел, на 17.12.2025, потврди дека горното во голема мера е точно и неизбежно, иако нагласено се верглаше дека проширување ќе има. Премиерот Мицкоски одлично настапи. Уставни промени не смее да има, освен на реципрочна основа – Софија да ги спроведе пресудите на Судот за човекови права, што значи признавање на Македонците во Бугарија! Меѓутоа, Софија никогаш нема да го стори тоа – ако не ја присилиме. Така, Софија би прифатила дека постоиме како посебен народ, со што и целиот проблем меѓу двете земји – исчезнува!
Му одговори в.д. премиерот на Бугарија, Жељазков. По стоти пат, тој ни повтори дека тие немаат отворени прашања со нас! И во право е. Сите нивни негирања на македонизмот – сега се во рамката на ЕУ! Тие навистина немаат за што да разговараат со нас, сѐ додека вториот протокол е во сила! А ние, во никој случај не смееме да дискутираме со Брисел на таа тема бидејќи тоа е бугарска фантазмагорија, измислен проблем и никако не смееме да дозволиме таа да (о)стане европски.
Жељазков е апсолутно во право и кога вели – „нашата позиција секогаш била принципиелна – немаме нерешени прашања со Македонија, не водиме никакви спорови со таканаречениот компромис од јули 2022 г., бидејќи тоа веќе претставува заедничка европска политика“!?
Прво, нивната „принципиелност“, околу непризнавањето на Македонците, е општо позната. Трае над 150 години. Второ, успехот на Софија да го вметне сето тоа и во нашата преговарачка рамка е нејзин блескав триумф, од кој нема шанса да се откаже – ако не ја присилиме! А ние, никако не смееме да дозволиме тоа да биде „заедничка европска политика“! Единствено решение повторно е вториот протокол.
И додека на средбата со Балканот лажно верглаа, на ЕУ-самитот, ден потоа, заклучокот беше кус и јасен – „и идните членки и ЕУ треба и мора да бидат подготвени за проширување“! Ова се чита – за 20, 30 години или – никогаш!
Интересни времиња нѐ чекаат. Од секој аспект. Ова е тежок предизвик и за нашите политичари. Ако не се снајдат…
Авторот е поранешен дипломат































