Да не заборавиме дека секој мора да има и друга шанса во животот дури и кога ќе згреши. Работата го буди најдоброто, тоа е вистинскиот модел на ресоцијализација. Цврсто верувам дека во секој од нас има по неколкумина, и дека ова може да биде само една епизода во животот, и дека ни треба друг закон за помилување, закон што нема да ги третира како затвореници, туку како луѓе што сега влегле во еден друг процес од животот, ресоцијализација, изјави претседателката Гордана Силјановска-Давкова, по посетата на работилницата-шивална, којашто функционира во рамки на женското одделение во КПУ-КПД Идризово, Скопје.
Претседателката Сиљановска-Давкова, нагласи дека ова што го направила волонтерски креаторката Ирина Тошева, е многу инспиративно, и како што рече, треба „да продолжи во други области“ потсетувајќи се на детството и продавниците со дрвени фигури, шахови, со земјоделски производи, кисело млеко, јајца… се преку работата на затвореничките и затворениците со која се самофинансираат.
-Од разговорот со затвореничките, јасно е дека ваквата работа го разбудила најдоброто во нив, креативното, и гледате како сите други луѓе, дел од радоста, дел од болката, ама и од надежта ја изразуваат во работата. И посакувам многу други одделенија, дури и во регионот има затвори, како во Загреб, што се самоодржливи и дури профитабилни. Тоа е вистинскиот модел на ресоцијализација. Зошто дојдов исто така, зашто цврсто верувам дека во секој од нас има по неколкумина, и дека ова може да биде само една епизода во животот, и дека ни треба друг закон за помилување, со поинакви решенија, закон што нема да ги третира како затвореници, туку како луѓе што сега влегле во еден друг процес од животот, ресоцијализација – изјави Силјановска-Давкова.
Силјановска-Давкова, претходно оствари средба со претседателот на Затворот „Идризово“ Зоран Јовановски и директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, со кои, како што рече, разговарале за слични проекти за ресоцијализација на затворениците.
-Многу пријатно сум изненадена од проектите што ги чув од директорот и луѓето околу него. Да, што замислуваат, како замислуваат да направат еден систем во којшто ќе има селекција, меѓу затворениците, во којшто ќе има дислоцирање, во којшто ќе се зголеми можноста за полуотворен тип и отворен тип. Тоа е денеска реалноста во светот. И мислам дека тоа треба да се поддржи – рече Силјановска-Давкова.
Во рамките на реформите во судството, нагаласи Сиљановска-Давкова, не смееме да ги заборавиме затворите, кои рече дека „се уште не се во добра состојба“.
– Меѓутоа има предлози, има проект, има стратегија, како тоа да се надмине. И мислам дека е тоа вистинскиот начин за ресоцијализација – изјави Силјановска-Давкова, посочувајќи дека си купила неколку креации, кои, како што рече „ќе ме потсетуваат и не само на особите што ги сретнав, туку и на обврската дека сите заедно мораме да го подобриме животот на затвореничките и на затворениците“.
Модната дизајнерка Ирина Тошева, на чија идеја веќе една година функционира работилницата-шивална, во рамки на женското одделение во КПУ-КПД Идризово, најави дека од следната недела ќе имаат нова палета на производи за Нова година, кои од следната недела ќе може да се купат во ткајачкото студио „Народни носии“ на Рекорд во Скопје.
-Се започна од јануари кога потпишав меморандум за соработка со Затворот „Идризово“ и пуштив апел на социјалните мрежи за граѓаните да се вклучат и донираат стари машини и материјали. Се што гледате тука, е обезбедено со донации, главно од граѓани и граѓанки и некој мал дел од општествено одговорни компании. Започнавме прво со работилници за везење, а потоа и со обуки за шиење, за да добиеме палета на производи што веќе неколку месеци може да се купи – изјави Тошева.
Во моментов, Тошева рече дека четири жени се активно вклучени во шивачката работилници и пет жени од затвореното одделение, кои повремено помагаат, посочувајќи дека таа бројка постојано се менува, со оглед дека се вклучени жени од отвореното одделение со кратки казни.
-Имаме и една убава приказна за една од жените која од почетоците беше вклучена, чија казна заврши, но повторно е дел од работилницата и доаѓа еднаш неделано – изјави Тошева.



































