Колку повеќе кујни толку повеќе гладни

Се сеќавам добро. На еден првомајски протест на немоќниот синдикат, на еден транспарент што го носеше некој непознат незадоволен работник пишуваше: „Колку повеќе политички кујни толку повеќе гладни“. На друг до него беше испишано слично ама обратно: „Колку повеќе гладни толку повеќе политички кујни“.
На националната политичка кујна се присетив деновиве, кога следев дел од меѓупартискиот вербален, јалов конфликт околу доаѓање или недоаѓање на мигранти од Британија во Македонија. Во таа кујна се готват приказни за мали деца, бајки за возрасни, за честа и татковината, бесплатна густа магла, производи што се продаваат во поголеми количества од оние што се бележат во славниот, кај нас успешно увезен, американски „црн петок“. Само цената на вистината е најниска.
Уште Ото фон Бизмарк, кој ја кроел и обликувал германската политика речиси три децении пред два века, рекол дека гастрономијата и политиката се мошне занимливо испреплетени како колбаси – да ги јадеш, но да не знаеш како се прават. Пред него политиката и гастрономијата одлично ги споил францускиот император Наполеон. На обилни вечери им се доворувал на парламентарци и ги совладувал оние со спротивни мислења. Не е случајна изреката дека „готвачите ја спасувале Франција“. Од Наполеон наваму вечерите станаа места на политички кружоци, замена за влади и парламенти, места за носење крупни државни одлуки.
Некој рекол, ама не знам кој рекол, дека нема полоша кујна од политичката кујна. Политичката манџа не се готви тукутака, не се разнесува таа на велосипед или на шарени моторчиња што сѐ почесто ги гледаме на улиците. Тоа што во политичките кујни се нуди и дистрибуира мора да биде привлечно и прифатливо, да има во него гастрономски елементи и хедонистичко чувство, лесно да се голта и соџвакува, да има економски, културен контекст, да е богато со мирудии, фино спакувано и да има деликатесен вкус.

Партиско соопштение ли е, официјална изјава, трач ли е, озборување, афера ли е, дрдорење ли е, лажна вест ли е, страст ли е, што и да е, има сласт во она што излегува од политичките готвачници. Среќно и задоволно живеат илјадници што редовно се хранат со тој дневен политички оброк. И со малку разновидна салата, мезе за подобро варење. Нема никаков проблем со работното време – политичките кујни работат нонстоп, од 0 до 24 часа, секој ден во неделата, во месецот и годината. Нема за нив празник-делник, инспекции-минспекции, глоби-млоби, санкции-манкции.
Кујни што чадат (кај што има чад има и оган) низ просторот и времето може да бидат државни, владини и невладини, партиски, групни и лични, поединечни. Посебно медиумски, кантаџиски, лажноцивилни. Главно кулоарски, тие ги откриваат големите тајни на малите мајстори. Општо е прифатена таа приказна што пропагира уживање во мали лични животни несреќи. И во дискредитација на политичкиот противник. Не се гледа гредата во окото свое туку црнката во туѓото. Неизбежна е и кафеанската политичка гастрономија, појава од посебен вид, практикувана со генерации, од старо и младо, машко и женско.
Таа психологија, тој менталитет, денес е развиена до совршенство преку социјалните мрежи, донесена на ниво на кич уметност. За разлика од старите времиња, сега нема шпорети на дрва, решоа, сачови, бакарни тепсии, авани, ’рѓосани тавчиња. Се готви главно електронски, експресно без експрес-лонци. Сега се нуди филувана, зашеќерена, два-три пати филтрирана, многу појадлива идеологија и пракса. Неа креативно ја обликуваат професионално обучени политички готвачи (не е тоа професија, тоа е способност), а ја подгреваат маса ангажирани аматери во своите кујничиња. Кога нив би ги немало, би ги снемало медиумите, порталите, ќе нема ниту читаност ниту гледаност. Пропаганда што не чини пари, но може да чини нечии животи.
Понекогаш, и покрај професионалноста, збунети се и самите врвни готвачи, распоредени низ кабинети, низ универзитети, на јахти, на квадроцикли. Им се случува јадењето да го пресолат или презабиберат или да се задушат во чадот што сами го предизвикале. И на најдобрите готвачи понекогаш може да им се измолкнат проверените рецепти, па да претеруваат со количеството на маслото, со долевање масло на огнот. Напати претеруваат со киселината, често и со мирудиите кога ги мешаат несоодветно. Тогаш храната замирисува непријатно, речиси смрди и се фрла право во контејнер. А не е непознато дека дури и превкусната храна ако се прима во голема количества, ако се претерува со неа, предизвикува повраќаници. Ако не верувате, прочитајте го последниот расказ во книгата „Мојот маж“ на прославената Румена Бужаровска.
Но и покрај сите предупредувачки знаци, политичката кујна е едно многу важно средство за владеење со народните маси гладни за непозната храна, за специјалитети. На таа лажица се лепат политичките гурмани, во тој котел се превртуваат обожаватели на високата рекла-кажала политика, политика што им прави мали животни радости. Дури да поприми и религиско значење, ако на масата како мени се поставени и лидерите што во своите партии сѐ повеќе добиваат ореоли на безгрешни светци.
Може да зборуваме и пишуваме што сакаме, да поддржуваме или да имаме против, мора да се признае дека, сепак, производите од политичката кујна ја намалуваат фрустрацијата, го прават денот поинтересен, ја збогатуваат сцената со нови слики, ги задоволуваат малите страсти во големата политика, тие се посебен вид храна без која животот нема да биде толку интересен и забавен. Без разлика што таа храна отсекогаш била социјално одредена. Секогаш, и при најголема сиромаштија, имало храна на владетелите и богатите, како што и при секое богатство нема храна за сиромашните.
Како и да било, како и да е, од дамнина е познато дека во јадење, во пиење и во политика срам нема. Или, како што вели најгоре цитираниот плакат на незадоволниот синдикалец, „колку повеќе политички кујни толку повеќе гладни“.