- Комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа предложи „затворање на постмониторинг-дијалогот со Македонија“
Со усвојување на извештајот на Сибел Арслан (Швајцарија, од групата на Социјалистите) и Џозеф О’Рајли (Република Ирска, од групата на Европските народни партии и демохристијани), мониторинг-комисијата ги поздрави мерките преземени од македонските власти за реформа на судството и јавното обвинителство, како и работата што ја презеде Владата на предлог-законите поврзани со Судскиот совет, јавното обвинителство и Советот на обвинители. Членовите на комисијата на ПССЕ ги повикаа властите на Македонија да ги усвојат овие предлог-закони што е можно поскоро, земајќи ги предвид препораките на Венецијанската комисија, и да ја спроведат препораката на ГРЕКО за отстранување на министерот за правда од Судскиот совет.
Во усвоениот текст исто така се нагласува брзото формирање коалициска влада по парламентарните избори во мај 2024 година, како и нејзината „одржлива политичка волја и посветеност за целосно почитување на своите обврски и ангажирања“, преку продолжување на соработката со телата на Советот на Европа, особено со Венецијанската комисија. Мониторинг-комисијата на ПССЕ ги повикува исто така властите да го реформираат Изборниот законик, спроведувајќи ги сè уште неодговорените препораки на Венецијанската комисија и ОБСЕ ОДИХР.
Комисијата исто така ги поздрави преземените мерки за спречување и борба против корупцијата, како и посветеноста на земјата за решавање на прашањата поврзани со почитувањето на човековите права на ромската заедница, иако остануваат предизвици, особено во врска со реформата на механизмот „балансер“, кој го регулира пристапот до вработување во јавниот сектор, спроведувањето на Законот за употреба на службените јазици и почитувањето на правата на лицата што му припаѓаат на бугарското етничко малцинство.
Понатаму, Комисијата останува загрижена за „многу ниското ниво на перципираната независност на судството и многубројните обвинувања за негова политизација“, како и застарената инфраструктура на судскиот систем и несоодветноста на неговите финансиски и човечки ресурси. Исто така, таа е загрижена за големиот број обвинувања за широко распространета корупција во јавниот сектор и ги повика властите целосно да ги спроведат преостанатите препораки на ГРЕКО.
Забележувајќи дека повеќе од 30 пресуди на Европскиот суд за човекови права во врска со Македонија сè уште не се спроведени, Комисијата ги повика властите целосно и брзо да ги спроведат.
Конечно, загрижена од обвинувањата за малтретирање на притворените лица и алармантната состојба во затворите, Комисијата ги повика властите „без одложување да ги спроведат преостанатите препораки на КПТ, во соработка со Банката за развој на Советот на Европа“. Комисијата предложи да ги следи случувањата во земјата како дел од своите периодични прегледи, оценувајќи го напредокот во нерешените прашања како што се „изборната реформа, судството и јавното обвинителство, борбата против корупцијата, спроведувањето инклузивни политики за гарантирање на правата на малцинствата и лошите услови во местата за притвор“.
ПССЕ ќе го разгледува извештајот на зимската сесија, закажана на крајот на јануари 2026 година, кога се очекува да биде укинат постмониторинг-дијалогот за Македонија.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































