ФУДБАЛ
- Тројцата најдобри стрелци досега сезонава во домашните првенства се добитници на наградата „Златна копачка“ во претходните три години, а беа најдобри стрелци и во Лигата на шампионите во некои од претходните сезони
Тројцата водечки стрелци сезонава што се во трка по европската награда „Златна копачка“ беа ефикасни во домашните натпревари викендов. И понатаму води Англичанецот Хари Кејн од Баерн (Германија), сега со 18 гола и вкупно 36 бода, откако еднаш ја затресе мрежата во неделното, 14. коло во Бундеслигата. Французинот Килијан Мбапе исто така викендов еднаш беше стрелец за Реал Мадрид (Шпанија) и сега има вкупно 17 погодока и освоени 34 бода, по 17 кола во домашното фудбалско првенство на Шпанија, Ла лига, колку што има и Ерлинг Холанд од Норвешка, кој викендов двапати се запиша во листата на стрелците за Манчестер сити (Англија), во натпревар од 16. коло во Премиерлигата.
Во трката за „Златната копачка“ головите постигнати во најдобрите пет домашни фудбалски првенства во Европа се множат со коефициент два, погодоците во шампионатите од шестото до 22. место на таа ранг-листа со коефициент 1,5, а головите во сите други домашни првенства се множат со коефициент еден.
Тројцата најдобри стрелци досега сезонава се добитници на европската награда „Златна копачка“ во претходните три сезони, откако Холанд победи во сезоната 2022/2023 (со 36 гола), Кејн во сезоната 2023/2024 (36), а Мбапе во сезоната 2024/2025 (31). Тие во претходните неколку сезони ја освоија и наградата за најдобар стрелец во Лигата на шампионите, откако Кејн и Мбапе беа први во сезоната 2023/2024 со по осум гола, а Холанд славеше двапати, прво во сезоната 2020/2021 со 10 гола, а потоа и во сезоната 2022/2023, со 12 погодока, според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА). Сезонава во Лигата на шампионите води Мбапе со девет гола, Холанд и Виктор Осимен (Галатасарај) постигнаа по шест, Кејн, Ентони Гордон (Њукасл) и Габриел Мартинели (Арсенал) по пет…, пишува УЕФА. Н.М.
„ЗЛАТНА КОПАЧКА“ ЗА СЕЗОНАТА 2025/2026
ФУДБАЛЕР ГОЛ. БОД.
Хари Кејн 18 36
Килијан Мбапе 17 34
Ерлинг Холанд 17 34

































