Голема победа за заштитниците на природата
Некогаш класификувана како загрозена на црвената листа на загрозени видови на ИУЦН, зелената морска желка неодамна доби статус на „најмалку загрижувачка“. Таа закрепнува благодарение на континуираните акции за заштита што се спроведувале со децении, објави Меѓународниот сојуз за заштита на природата (ИУЦН).
На црвената листа речиси 50.000 загрозени вида
Најновата процена на видот спроведена во декември 2024 година покажала дека глобалната популација на зелените желки се зголемила од 1970-тите години, што доведе до нејзина рекласификација на црвената листа на загрозени видови од загрозена на најмалку загрижувачка.
На црвената листа има речиси 50.000 вида загрозени со истребување. Основана во 1964 година, листата на загрозени видови е еден од најобемните светски извори на информации за глобалниот ризик од истребување животински и растителни видови, како и габи. Црвената листа на ИУЦН има 172.620 вида, од кои 48.646 се загрозени со истребување.
– Напорите за зачувување на природата се насочени кон заштита на женките што се гнездат и нивните јајца на плажите, проширување на иницијативи базирани на заедницата за намалување на неодржливиот улов на желки и нивните јајца за човечка исхрана, ограничување на трговијата и употребата на уреди за исклучување желки и други мерки за намалување на случајно ловење желки со рибарска опрема – наведе ИУЦН во соопштение за печат.
Голема победа за заштита на желките
Родерик Маст, копретседавач на специјалната група за морски желки на Комисијата за преживување на видовите, рече дека закрепнувањето е „силен пример за она што може да го постигне координирана глобална заштита на природата низ децениите“.
– Таквите пристапи треба да се фокусираат не само на желките туку и на зачувување на здравјето на нивните живеалишта и недопрените еколошки функции на живеалиштата на желките во природата – додаде Маст.
Групите за заштита на природата низ светот ја поздравија рекласификацијата. Кристин Маден, раководител за глобална заштита на морските желки, го нарече ова „голема победа за заштита на желките и доказ дека координирана акција може да направи пресврт кај популацијата на видови што се загрозени од исчезнување“.
– Ова е важна пресвртница на глобално ниво, но не е време за опуштање. Напорите за зачувување треба да продолжат за популациите на зелените желки да продолжат да закрепнуваат и да напредуваат во подрачјата во кои сè уште се загрозени од заплеткување во риболовна опрема, прекумерен риболов и губење на живеалиштата – додаде Маден.
































